Мисијата на ОБСЕ во Македонија си го смени името

Мисијата на ОБСЕ во Македонија се преименува. Од името на Мисијата, со консензус на Постојаниот совет на организацијата, е отстранета компонентата „набљудување на прелевањата“ и таа се преименува само во Мисија на ОБСЕ во Скопје.

ОБСЕ во земјава под досегашното име воспостави Мисија по разгорувањето на конфликтот во 2001 година. Претходно организацијата во Македонија имаше своја канцеларија со десетина вработени, а од есента 2001 година бројката на персоналот на Мисијата да се искачи на над 700 луѓе, со отворање на неколку теренски канцеларии надвор од Скопје.

Според соопштението за преименувањето што вчера стигна од МНР, веќе подолг период името на Мисијата не кореспондирало со реалната состојба во земјава. „Новото име, се наведува со писменото соопштение, подобро ја отсликува политичката реалност во регионот, но и напредокот што Македонија го има постигнато на планот на демократијата, градењето и унапредувањето на добрососедските односи и европските и евроатлантските интеграции“, вели портпаролот на МНР, Борче Стамов. (Т.Г.)


#