Мислења

Кој ги украде украдените пари на Војо и Ламбе?

Ден Дончев

Разрешувањето на овие прашања би било вистински знак дека владеењето на правото е над Владата, над институциите и над кој било поединец

Еден ден во веќе далечната 2003 година, седејќи со еден пријател во Гевгелија, првпат слушнав за голготата на Слободанка Шуклева. Побарав да се видам со Шуклева и во рок од еден час имав прилика лично од неа да слушнам за тоа низ што поминала во претходните шест месеци. Пред мене гледав 56-годишна жена која видливо беше погодена од случувањата низ кои поминала во тој период. Додека била држена во притвор цели четири месеци, дрско била одбиена да контактира со одредени институции за заштита на човековите права. Била спроведувана со полициска придружба и со лисици на рацете за да присуствува на погребот на својот татко, кој поради притворот на ќерка си престанал да ги прима лековите што му биле препишани. Починал од жал за својата ќерка и нејзините страдања.

Многу добро се сеќавам дека со солзи на очите Шуклева ми опиша како нејзиниот адвокат со многу тешкотии успеал да издејствува дозвола за да присуствува на погребот на татка си. За да го убеди судијата, на адвокатот му требале пет часа. Слободанка добила дозвола да присуствува на погребот на татка си дури откако нејзиниот адвокат се заканил дека ќе одржи прес-конференција доколку не добие одобрение. Во меѓувреме, додека се случувало сето ова, погребот бил одложен за цели три часа.

Се сеќавам како Слободанка ми раскажуваше за својата болна сестра, која е неспособна целосно да се грижи за себе. Таа, исто така, била предмет на навреди и заплашувања од страна на полицијата и медицинските работници додека Слободанка (единствениот старател) патела во притворот.

Ја гледав и ја слушав внимателно оваа 56-годишна жена и се прашував кои се тие мрачни сили во нашето општество, подготвени да си играат со судбините на луѓето и да се ситат на нивните страдања и дискредитирања? Не стануваше збор дали Шуклева е виновна или не за обвинувањата кои беа донесени против неа. За тоа допрва требаше да решава независен судски систем. Тоа барем е идеалот во едно демократско општество. Тоа што ми стана јасно од овој случај беше очигледната злоупотреба на мерката притвор единствено со цел да и' се нанесе максимална штета и дискредитација на Шуклева, без разлика на конечниот исход од судскиот случај. Преку приказната на Слободанка ми стана јасно дека Македонија е далеку од идеално демократско општество. Во тие мигови одлучив да направам се' што можам за јавно да го обелоденам овој случај. Мораше да спречам злоупотреба на некоја друга таква трагедија.

Но, тоа беше тогаш. За жал, нештата не се многу поинакви денес!

Спектакуларните апсења и злоупотребата на мерката притвор и сегашната Влада ги користи како политичко оружје. По дваесетгодишни реформи, се чини дека уште сме многу далеку од независното судство од кога и да било во нашиот бесконечен период на „транзиција“. Во отсуство на какви било економски резултати кои конечно ќе почнат да ги решаваат рак-раните на нашето општество, 35 отсто невработеност и 25 отсто сиромаштија, сегашната Влада како никогаш досега става акцент на таканаречената борба против организираниот криминал и корупцијата.

За жал, методите што ги користи се веќе видени. Во отсуство на подобрување на стандардот на секојдневниот живот на граѓаните, многу лесно е да се фрлат анатеми врз „другите“. Другите се виновни зашто не влеговме во НАТО, другите се виновни зашто нема да добиеме датум за преговори со Европската унија, другите се виновни за нашата економска мизерија. Се разбира, другите се виновни за организираниот криминал и корупцијата во Република Македонија.

Се прашув��м до кога нашето општество ќе глуми колективно лудило за вистината за организираниот криминал и корупцијата во Македонија? До кога ќе молчат бизнисмените, кои впрочем најдобро знаат точно каде е срцевината на организираниот криминал и корупцијата во Македонија? До кога ќе молчат одредени политичари кои сигурно ја знаат вистината?

Каква сатисфакција е да гледаме кога некои личности „ги фрлаат на лавовите“ како што Римјаните своевремено правеле со првите христијани, а вистинските центри на криминал и корупција лежат на две-три места и понатаму си работат и просперираат?

До кога ќе се убедуваме дека личности како Слобданка Шуклева се тие кои треба да ја плаќаат цената за криминалот и корупцијата во Македонија? Па ако сакате, до кога ќе мислиме дека Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов, кои јавноста своевремено ги перципираше како олицетворение на криминал и корупција, се вистинските виновници за делата? Во контекст на Македонска банка, можеби се сеќавате на вицот за тоа кои биле тројцата најбогати шофери во светот? Одговорот беше дека се: Шумахер, Хакинен и шоферот на Војо!

Познавам луѓе кои денес редовно одат на посета кај Војо Михајловски. Освен што е физички и психички упропастен, човекот живеел многу скромен живот во едно село. Ламбе Арнаудов сега е во затвор, но знам луѓе кои редовно контактираат со него и со неговото семејство и искрено ќе ви кажат за нивната скромна живејачка. Ако Војо и Ламбе украле милионски суми како што беа обвинети, тие „милиони“ сигурно не биле за нив и денес не ги уживаат „благодатите“ од украдените пари. Најверојатно е дека ги немаат тие пари ниту, пак, некогаш ги имале.

Вистинското логично прашање е каде отишле украдените милиони евра на Војо и Ламбе? Кој ги искористил тие пари и каде завршиле? Кој ги украде нивните украдени пари?

Разрешувањето на овие прашања би бил вистински знак дека владеењето на правото во нашата држава е над Владата, над институциите и над кој било поединец во Македонија. Се' друго е само селективно спроведување на владеењето на правото. Вчера тоа го правеше СДСМ. Денес тоа го прави сегашната Влада на чело со Раководителот. Утре ќе дојде некој друг и повторно ќе удри против „другите“, а најголем број од нив, несомнено, ќе бидат од денешните раководни структури во Државава, слепо следејќи ги инструкциите на „Шефот“.

Такви се последиците од селективното спроведување на владеењето на правото. Се создава виртуелен круг на омраза и одмазда. Тоа влијае врз сите нас и така ќе биде се' додека не се најде некој да го пресече тој виртуелен круг на злото.

Тоа е можно само на два начина. Едниот начин е да дојде нова влада која конечно ќе го прекине синџирот на омраза и одмазда и ќе воведе институционални реформи и мерки за рамноправно спроведување на владеењето на правото. Другиот начин е сегашната Влада да го уапси тој што ги украл украдените пари на Војо и Ламбе.

Ако се најде таа личност, е тоа навистина би било спектакуларно апсење!

(Авторот е економски аналитичар)