Орвел во министерствата

Mора да постои јасно известување дека просторот се снима, од кого се поставени камерите и кој ги контролира

Слободанка Јовановска


Орвел дојде во Македонија. Во сите министерства и во општините Министерството за внатрешни работи веќе поставило камери и снима кај што може и не може. На тој список е и Министерството за надворешни работи, во кое, по природата на нештата, треба да владеат повисоки европски стандарди.

Место тоа, камери снимаат не само на влезовите туку по три во сите ходници, на почеток, во средина и на крај, а снимките лично ги контролира државниот секретар. Камерите ги има во толкави количества што изгледа како Македонија да се подготвува за напад на Ал Каеда, но тие што се засегнати со оваа нова практика, причините за видеонадзорот ги наоѓаат во желбата за политичка контрола на институциите, или малограѓански кажано, кој доаѓа, со кого се гледа или кој кому можеби му пренел некоја информација. Појавата не е нова, но поради тоа што се третира како безбедносна мерка и што за опремата нема обврска за тендер, таа досега беше тајна за јавноста.

Дека имаме реално шоу во институциите на државата и дека тоа е излезено од контрола, потврдија и во Дирекцијата за заштита на податоците. Сознанијата од нивните контроли се дека министерствата, институциите и најголем дел од општините инсталирале ваква опрема, а во 99 отсто од случаите имало прекршување на законот и им се врачуваат забрани.

Според законот, велат од Дирекцијата, камери можат да се постават само од безбедносни причини. Исто така, мора да постои јасно известување дека просторот се снима, од кого се поставени камерите и кој ги контролира. Мора да се утврди посебното овластено лице што ќе ги гледа снимките и кое претходно ќе потпише изјава за тајност и за доверливост на податоците.

Нема шанси во институциите да се случува реално шоу, бидејќи законот забранува снимање по ходниците, тоалетите и канцелариите, велат од Дирекцијата. Како пример го посочуваат единствениот јавно експониран случај со Министерството за здравство, кое го објаснило поставувањето на камерите насекаде со „контрола на дисциплината на вработените“.

„Сите камери што ги регистриравме, а се поставени во ходниците, ги забранивме. Такви случаи имаше и во училиштата“, велат од Дирекцијата, посочувајќи дека нашиот закон е сосема усогласен со европските и дека дозволува снимање, главно, на влезовите. Досега им биле изречени забрани за поставените камери во Министерството за транспорт и врски, во Министерството за економија, во Финансиска полиција, во Царинската управа и во голем број од општините, а во процедура се други министерства и институции, па МНР допрва ќе се најде на листата.

Иако станува збор за милионски бизнис, експертските оцени се дека камерите не само што ја нарушуваат приватноста туку и покажуваат тенденција за создавање полициска држава во Македонија. „Сум бил во Пентагон и во Стејт департментот и не сум видел камери по ходници, иако ги има на влезовите“, прокоментира еден од нив.

Разликата со САД и со европските земји е што во нив јавноста е известена за видеоснимањата и што дебатата за приватноста е издигната на највисоко можно ниво за да нема злоупотреба, а кај нас никој не ги соопштува ни бројките ни институциите каде што е инсталирана ваква опрема. Затоа, нашите вработени се заштитуваат најелементарно - покривајќи ги камерите со весници. (С.Ј.)


#