Заев и Ивановски кандидати за претседател на СДСМ

На средбите со врвот на СДСМ, Црвенковски не наметнувал партиски решенија

Билјана Јовановска

До крајот на јули СДСМ ќе го изготви извештајот за предвремените парламентарни избори на кои, како што и самите заклучија на последната седница на Извршниот одбор, партијата доживеа сериозен пораз. Ќе мора да заборават на летните одмори, зашто, најверојатно, во втората половина на септември им претстои и партиски конгрес на кој ќе избираат ново раководство.

Извесно е дека поради изборните резултати и сопствениот принцип за лична одговорност промовиран во 2006 година, Радмила Шекеринска не сака да ја задржи позицијата и веќе напишала неотповиклива оставка. Така, на конгресот, барем што се однесува до челната партиска позиција, членството ќе има јасна ситуација.

Неколкуте средби на претседателот Бранко Црвенковски со поранешните претседатели и генерални секретари на СДСМ и со актуелното раководство покажуваат дека екслидерот е загрижен што се случува во партијата. Учесниците во разговорите велат дека откако во неколку наврати Шекеринска му потврдила дека се повлекува од функцијата, шефот на државата сугерирал поскоро да заврши изборот на идниот претседател. Наводно, Црвенковски не наметнувал решение, само ги потсетувал на тајмингот, а самиот тој не покажал амбиции да се врати на лидерското место. Веројатно се' уште прави процени околу натамошните постапки на власта за можните уставни измени од кои ќе зависи каков ќе биде изборот на шефот на државата - како досега, односно на непосредни претседателски избори или, пак, ќе зависи од волјата на парламентарното мнозинство и ќе го бира Собранието.

Кој ќе биде идниот претседател на СДСМ и натаму е отворено прашање и сериозен испит за партијата. Најчесто се споменувани имињата на двајцата партиски потпретседатели - струмичкиот градоначалник Зоран Заев и неговиот скопски сопартиец Игор Ивановски. До скоро, на листата на можни кандидати се вртеше и името на третиот потпретседател на СДСМ Јани Макрадули, како и на актуелниот амбасадор во Атина Благоја Ханџиски, но сега сите комбинаторики се насочени кон првите двајца. Ниту Заев ниту Ивановски не сакаат да го коментираат натамошниот тек на настаните и нивните кандидатури за претседател на најголемата опозициона партија, меѓутоа, по поразот на изборите кој ја стресе партијата, никој во СДСМ не посакува нови бранувања и делби.

Ќе можат ли тие и да се избегнат во случај партијата цврсто да не застане зад еден кандидат? Одговорот е негативен и затоа во периодот што следува и Шекеринска и сите видни лица од СДСМ ќе мора да го вложат максимумот да не им се случат такви непријатности. Згора на се', над глава им виси и можноста од предвремени локални избори.

И за Заев и за Ивановски, како што коментираат во партијата, имаат причини и за и против изборот за партиски претседател. Првиот покажува отворени амбиции, додека вториот се' уште не се изјаснува докрај. На струмичкиот градоначалник во партијата како хендикеп му се зема непромисленото повлекување од парламентот, зашто, како што коментираат, каков претседател би бил некој што не седи во парламентот и не му се слуша ставот за актуелните проблеми. Од друга страна, Заев иако е неискусен, може да му биде добар пандан на Груевски, бидејќи во досегашните настапите покажа доза на популизам и блискост со граѓаните, што се покажа како важен предуслов за освојување на гласачите.Сепак, не го забораваат и тоа дека е исклучително работлив и дека повеќе ги ужива симпатиите на јавноста, на неопределените, отколку на членството на СДСМ. Кога на претстојниот конгрес СДСМ би одела со двајца можни кандидати за претседател, тврдат, Ивановски би имал многу посилна партиска поддршка, зашто станува збор за кадар кој во партијата е од мали нозе. Како предност му се издвојуваат организациските способности, кои и' се потребни на партијата, искуството, како и добрите контакти со меѓународната заедница.

Кој и да биде идниот фаворит, во партијата се уверени дека мора да се определат само за еден кандидат. Меѓутоа, ако се оди со постојниот начин на избор, кој е бавен, може да ја одолжи работата, сигурно е дека во меѓувреме во игра ќе се вклучи и втор кандидат. Оттаму, бидејќи станува збор за вонредни околности, натежнува мислењето дека и изборите треба да бидат вонредни. Тоа подразбира новиот претседател да може да го именува Извршниот одбор - тимот со кој ќе работи. Таму, како што се цени, задолжително треба да бидат Радмила Шекеринска и Владо Бучковски, како луѓе со силен авторитет во партијата, потоа старите кадри - основачите на СДСМ, но е битно да се промовираат и десетина нови лица кои ќе бидат регионално препознатливи.