Мислења

Преродбата го прероди СДСМ

Ѓорѓи Спасов

Главна активност на опозицијата ќе биде почитувањето на правата на граѓаните, економијата и решавањето на проблемот со името

Од аспект на политичкиот маркетинг СДСМ на овие избори направи, главно, се' што можеше. Го обвинуваа дека нема програма, излезе со програма. Постоеја партиски агенции на ВМРО-ДПМНЕ, кои предвидуваа дека ќе изгуби најмалку со два спрема еден, создаде партиска агенција што предвиде дека ќе победи СДСМ. Го обвинуваа дека ќе го продаде името, излезе со став дека и тој ќе им даде на граѓаните можност за решението да се изјаснуваат на референдум. Го обвинуваа за лоша политика кон пензионерите и земјоделците, вети и зголемување на пензиите, поголеми субвенции и загарантиран откуп по повисоки цени. Гарантираше најниска плата за вработените. Вети дека ќе ги задржи сите професионалци во администрацијата и дека никој не треба да стравува за своето работно место по промената на власта. Вети и дека ако победи СДСМ, Бранко Црвенковски нема да биде премиер.

Но, за разлика од Груевски, кој реши да се пресмета со критички настроената А1, СДСМ застана храбро во одбрана на оваа телевизија при упадот на полицијата и апсењето на Велија Рамковски и заедно со другите партии од опозицијата ја имаше поддршката од телевизијата од ноември минатата година до крајот на изборната кампања. Но, во моментот кога Бранко Црвенковски побара предвремени парламентарни избори, разликата во рејтинзите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ беше преголема.

Со организирањето протести, напуштањето на парламентот, формирањето коалиција и повикувањето на предвремени избори, СДСМ направи се' за да излезе од дотогашната летаргија. Можеби се во право оние што тврдат дека, да беа изборите во редовен рок, по една година, поддршката на ВМРО-ДПМНЕ ќе беше помала. Но, прашање е што ќе се случуваше во меѓувреме со А1 и дали СДСМ и другите партии од опозицијата ќе ја имаа оваа можност за подобрување на својот рејтинг што им ја создадоа „грешките во чекори“ што ги направи власта. СДСМ мораше да покаже дека е подготвен барем еднаш цврсто да застане во нечија одбрана.

СДСМ како се' уште да го потценува Груевски во политичката битка. Го третира како мал, недораснат, наивен, безопасен, па дури и не многу паметен или елоквентен. „Само во фотошоп Груевски може да биде поголем од Бранко“. Народот повеќе им верува на луѓето што имаат човечки слабости, што се несовршени и што говорат со јазик што го разбира народот. Кога по еден говор на Черчил му рекле дека ако така зборува за него ќе гласаат сите паметни во земјата, тој одговорил:„ Знам, ама мене ми треба мнозинство“.

А, тоа мнозинство бара малку цврста рака (која не недостига во СДСМ), малку митови, знамиња, говори за националната гордост и претстави како отворените седници на Владата, црвен килим за граѓаните, ден на идеи за Владата, компјутер за секое дете, факултет за секое село, садиме дрвја...

Имајќи го на ум тоа, СДСМ ќе мора нешто да промени по овие избори. Три подрачја од активноста на опозицијата ќе бидат од извонредна важност за граѓаните.

Првото е грижата за почитување на слободите и правата на граѓаните. СДСМ во услови на политички репресивна власт, каква што е власта на ВМРО-ДПМНЕ, мора да демонстрира силна чувствителност секогаш кога власта го доведува во прашање владеењето на правото. Луѓето во опозицијата мора да имаат заштитник од злоупотребата на власта. Опозицијата мора да создава чувство дека таа има сила да врши постојан притисокот врз власта, за таа да се придржува до владеење на правото во земјата. Опозицијата е сигурносниот вентил на демократијата што мора да избие пред да се запали целата инсталација. Така постојано ќе добива нови поддржувачи, нови сојузници и ќе ја принудува власта да работи одговорно.

Второто подрачје ќе биде економијата. СДСМ мора својата програма да ја претвори во низа од законски предлог-проекти и амандмани на постојните, за подобрување на состојбата во различни области од животот. Од обезбедувањето минимална плата за вработените до олеснителните околности за малите и за средните претпријатија и состојбите во земјоделството, образованието и здравството. СДСМ има должност да покаже солидарност со најранливите категории граѓани, невработените и социјално загрозените. Таа е должна да го ослободи народот од оној арач на власта во вид драконски казни за се' и сешто, но и од неодговорното трошење на буџетските средства и да побара отчет и одговорност за тоа, ако треба и со протести, бојкоти и блокади. Таа мора да покаже дека власта не е семоќна.

И третото подрачје е надминување на проблемот со името и евроатланското интегрирање на Македонија. На овој план СДСМ не смее да си дозволи да игра пасивна улога. Во таа област е неопходен национален консензус и не треба да бара поени за себе, но не треба и да се препушти на недоволната заинтересираност на Груевски, туку постојано да потсетува, да има иницијатива и да ја спречува евентуалната манипулација на народот во врска со преговорите.

Дали СДСМ ќе успее во ова, ќе зависи од неколку фактори?

Прво, од тоа што ќе се случува со А1. СДСМ не смее да гради непријателски односи со другите телевизии и медиуми во земјата, но спасувањето на А1 и нејзиното опстојување како независна и мошне влијателна телевизија ќе биде од пресудна важност за опстојувањето на СДСМ и на демократијата во земјата.

Второ. Иднината на СДСМ ќе зависи и од тоа дали ќе формира влада во сенка сега, веднаш по изборите. Сега е важно, истовремено со седниците на Владата да се одржуваат и седници на владата во сенка. По секој настап на Груевски во јавност да се појавува и премиерот на владата во сенка и да кажува што од тоа е прифатливо, а што целосно неприфатливо за опозицијата. Секој проект на владата треба да биде анализиран од страна на кабинетите во сенка. Секое министерство на владата во сенка, ако министерот не е член на парламентот треба да има свој гласноговорник во парламентот. Така ќе се гледа разликата во способноста на политичките елити.

И трето. СДСМ мора да сфати дека кампањата не се води дваесетина дена пред избори. Кампањата на СДСМ за следните избори започнува на денот кога завршуваат претходните. Мора да има свој Центар за комуникации. Митинзите треба да се заменат со низа настани во сите градови, како денови на опозицијата, средби на граѓаните со пратениците од редовите на опозицијата, отворање канцеларии на опозиционите пратеници во секоја општина... Добиените 370 илјади гласови треба да се зачуваат, а на контото треба да се додадат барем уште 40 илјади од ние што на овие избори гласале за ВМРО-ДПМНЕ за да се оствари минимална победа на кои било наредни избори. Така Груевски со својата преродба ќе го прероди и СДСМ и ќе ги изгуби изборите.

(Авторот е универзитетски професор)


#