Попатно

Не, јас не сум

Нина Нинеска-Фиданоска

Што да прават оние чии мозок одбива да биде третиран во машини за перење колку и да се тие модерни и надградени со најсовремените спин-алатки

Не, не, јас не сум А1. Или сум? И која сум навистина јас? И кој повторно се обидува да го пере мојот мозок? И мозоците на кутрите граѓани на оваа држава, кои и досега ги переше кој како ќе стигне. Жално е што тоа перење продолжува секој ден, секој час, секој миг, се' посилно и секој нареден пат повулгарен од претходниот. А луѓето се збунети. Неверојатно збунети.

Не мислам притоа на оние јасно обоени ликови од едниот или од другиот табор на црно-белиот македонски политички свет. За нив нема забуни, нема нејаснотии, нема непознатости. Не мора дури ни да размислуваат ако не сакаат. А и зошто да го прават тоа кога партијата знае најдобро.

Ако матицата каже дека тутунарите се аздисани, значи аздисани се. Ако таа, пак, „пресече“ оти се онеправдани, измачени и измамени, тогаш сигурно мора да е така. Ако централата пресуди дека се' живо мора да се лустрира, тогаш што чекаме - одиме сите веднаш да лустрираме. Колку повеќе, толку подобро...

Но, што да прават оние што некако тешко се вклопуваат во ваквите еднострани шеми. Оние чии што мозок, едноставно, одбива да биде третиран во разните машини за перење, колку и да се тие модерни и надградени со најсовремените спин-алатки. Како тие во ова сеопшто лудило да му пркосат на перењето? Како да го задржат здравиот разум, како да продолжат нормално и логички да резонираат, а притоа да не бидат етикетирани од првиве или од вториве. Зошто тие, војниците од двата одреда, едвај чекаат некој да измрда од нивните закатанчени клишеа. Веднаш ве пуштаат на уште појака програма во нивната машина. Се' додека не успеат целосно да ве исперат, се' додека нивната вистина не ви ја наметнат и како ваша.

Еве, на пример, Владата не отстапува од намерата да ме убеди мене и, веројатно, уште многу тврди глави како што е мојата дека девојчето од 17 години не треба ни да се посомнева дали да го роди своето неочекувано и несакано дете. Не, никако, советуваат некои паметници од најновата реклама. Напротив, тоа треба да „избере живот“. Иако на својот слободно ќе може да заборави, барем во наредните неколку години. Ако се суди според упорноста со која Владата си ја турка кампањата во медиумите (одбивам и воопшто да дискутирам за крајно невкусната споредба на илјадарката потрошена за кафеана со онаа за пелени), полека ми станува јасно дека некој таму хронично „работи“ на перење на нашите мозоци. И сака во нив да го вгради чипот на неговата вистина наспроти нашите досегашни убедувања.

Има и една уште позагрижувачка варијанта, а таа е дека преку беспредметната и бескорисна дебата за абортусот можеби треба да се покријат некои малку поопасни теми, на пример, онаа за ветените и никогаш недојдени милионски странски инвестиции. Или прашалниците што висат околу властите за тоа како ќе ги трошат парите од монетарците и од новата еврообврзница што планираат да ја издадат, бидејќи, онака попатно, доста добро ќе не' заглават со новите задолжувања.

Или тутунарската сага да ја земеме за пример. Едните велат дека овие несреќни земјоделски производители се ограбени, а другите оти имале шанса да „ќарат“ од тутунот како никогаш досега. Првата телевизија ве убедува оти власта е во спрега со откупните компании и оти со заеднички сили ги мамат тутунарите, но само за половина час следуваат нови вести, каде што досегашните тутунарски жртви се трансформираат во политички активисти или изманипулирани наивковци, кои намерно кројат заговор против владиниот главен адут - земјоделските субвенции.

И кому сега да му верувате. Кои од перачите се во право, а кои не се. Не само што нема квалитетна, туку нема никаква дебата за вистинските причини зошто дојде до ваквиот дебакл во годинешнав�� тутунарска приказна. Ретки беа оние што се обидоа, онака со здрава глава, да ги разгледаат сите аспекти на случајот и да се обидат да дадат сериозен одговор зошто политиката на субвенционирање остана безуспешна и зошто на крајот пазарот беше тој што им „пресуди“ на тутунарите.

И лустрацијата ја испревртија за свои потреби. Иако јас никогаш докрај не разбрав зошто воопшто ни треба такво прочистување и чепкање по духовите од минатото наместо еднаш засекогаш да се свртиме кон иднината и кон посветлата перспектива што таа би можела да ни ја донесе, уште повеќе сум зачудена што наскоро, веројатно, сите ние ќе станеме предмет на обработка. Не можам да разберам како владините претставници мртви ладни изјавуваат оти целта на новиот законски предлог била „да се прошири опфатот на лустрацијата“. Зошто да се прошири, објаснете ми луѓе мои. Немаме ли друга попаметна работа отколку сите до еден да се лустрираме меѓу себе.

Додека ние ги вадиме од архива правливите документи за да се местиме едни со други, умните во светот градат патишта, мостови, хидроцентрали, реновираат болници и училишта... Ама не, некому изгледа ќе му одговара на одреден временски тајминг да лиферува по некое досие. Не оди ли нешто работава со тутунот - дај еден кодош, граѓанството пак прашува до каде сме во спорот за името - пушти уште еден... И се' така до бескрај. Најновиот фазон сега е што секој ги брои кодошите во туѓите редови. Ќе не' замајуваат уште долго време со таквото непродуктивно пребројување.

И уште не завршил еден од обидите за перење, како да следува нов. „И јас сум А1“ е најновиот проект смислен во нечија работилница (притоа воопшто не конкретизирам во чија, бидејќи покрај двете главни, има и неколку помошни погони), повторно, веројатно, со главна цел да се испере, да се изврти, да се искриви вистинската перцепција што без манипулации би можеле да си ја формираат луѓето.

И прашувам сега зошто и јас треба да бидам А1? Затоа што ако си бил А1, ќе си влезел заедно со нив во битката за демократијата и, замислете, „во битката за нашата држава“. А што ако не се потпишеш, веднаш ли ќе значи тоа оти си контра демократските процеси? Дека си застанал на страната што ја задушува слободата и критичката новинарска мисла и на страната што не си ја сака својата држава?

Е нема да може така. Јас одбивам да бидам А1. Одбивам да го ставам својот потпис за „поддршка во овие тешки моменти“. И не сакам никој да ми припишува дека затоа што одбивам, не се залагам за демократија. Напротив, им давам целосна поддршка на оние што вистински се борат за демократијата, но кои притоа немаат никакви други, скриени мотиви.

Каков што би бил, на пример, оној да се врши замена на тези и да се одвлече вниманието од истрагата што се води во фирмите на „Перо Наков“. Таа не смее да биде попречена се' додека судот не го каже својот последен збор. Колку и да имаше дилетантизам во одредени постапки на инспекциите што јас лично најжестоко го критикував, сомнежот за криминал мора до крај да се расчисти. Затоа, сепак, јас не сум А1.


#