Продажбата на алкохол е намалена
Трговците бараат да се изземе пивото од забраната за продажба на алкохол по 19 часот
Александрија Стевковска
Прометот на алкохолни пијалаци од почетокот на месецов е драстично опаднат, по стапувањето во сила на измените во Законот за трговија, кој предвидува забрана за продажба на алкохол во периодот од 19 до 6 часот. Заради стопирање на натамошниот пад на продажбата на алкохолот, трговците побараа средба со вицепремиерот Зоран Ставрески, со цел да издејствуваат барем пивото, кое учествува со најголем процент во продажбата на алкохолот, да се изземе од забраната за продажба на алкохол по 19 часот. Ако не се направи тоа, производителите на пиво ќе претрпат големи штети.
„Со стапување во сила на забраната за продажба на алкохол по 19 часот и забраната за негова продажба на бензинските пумпи, киосците и продавниците во состав на зелените пазари, регистриравме драстичен пад на продажбата на пивото. Доколку Владата не го прифати нашето барање пивото да не се вбројува во групата алкохолни пијалаци, тогаш допрва индустријата за производство на пиво ќе бележи загуби кои со ништо нема да можат да се надоместат“, вели директорот на Прилепската пиварница, Сашо Самарџиоски.
Според него, државата сама направила разграничување на жестоките алкохолни пијалаци и пивото со функционирањето во практика на два правилника за работа за жестоки пијалаци и за пиво, а сега двете категории пијалаци ги става во ист кош.
„Пивото по грешка се наоѓа во иста група со жестоките пијалаци и како такво треба да биде изземено од забраната за продажба по седум часот попладне“, смета Самарџиоски.
Некои помали трговци кои пресметале дека трошокот за вадење лиценци од 20.000 денари е превисок за нив веќе го повлекоа алкохолот од своите рафтови, но алкохол не може да се најде ниту во дел од поголемите супермаркети, како што се „Макси Д“ и СП. Оттаму уверуваат дека алкохолот наскоро ќе се врати во нивните продавници.
„Заради избегнување проблеми во периодот на приспособување на новите законски измени во Законот за трговија, го тргнавме алкохолот од нашите продавници. Во меѓувреме, работиме на обезбедување минимални технички услови за продажба на алкохол според новите прописи, во поглед на посебни сталажи и фрижидери, што значи дека наскоро потрошувачите повторно ќе можат да купуваат алкохол во продажните објекти на ’Скопски пазар‘“, вели Лазар Поповски, директор на Секторот за продажба во „Скопски пазар“.
Заради стабилизирање на пазарот и продажбата на алкохолни пијалаци, Стопанската комора на Македонија веќе доставила предлог за менување на Законот за трговија, кој оди во насока на олабавување на прохибицијата.
„Со допис побаравме од Министерството за економија измени во Законот за трговија, кои би оделе во насока на одвојување на пивото од другите алкохолни пијалаци, со што тоа слободно би се продавало. Покрај тоа, побаравме забраната за продажба на алкохолни пијалаци да почнува да важи во 22 часот, наместо во 19 часот, со тоа што лиценци би требало да вадат трговците кои би продавале алкохол по тој термин“, вели Стојмирка Тасевска од Стопанската комора на Македонија. Проблемите со стапувањето во сила на измените во Законот за трговија би биле тема на средбата со вицепремиерот Ставрески, која официјално ја побарале трговците преку Комората минатиот петок.
„Покрај широката примена на забраната за продажба на алкохолот, трговците реагираат и на високата цена на лиценците. Имено, сумата од 20.000 денари е преголема за малите дуќанџии, но и за големите трговци кои треба да ја плаќаат таа сума за секоја објект поединечно, а сето тоа е проследено со рестриктивна продажба“, вели Тасевска.
Засега никој не знае да каже дали државата има проекција за што ќе ги искористи екстра-парите што ќе ги добие со издавање на лиценците за продажба на алкохолот, но се знае ��ека тие ќе го збогатат централниот буџет за неколку милиони евра. Под претпоставка во државава да има околу 25.000 трговски објекти кои досега продавале алкохол, ако сега лиценци извадат само 10.000 објекти, тоа значи дека во буџетот ќе се слеат околу 3 милиони евра.
Од Министерството за економија неофицијално велат дека барањето за изземање на пивото од групата алкохолни пијалаци е незаконско и додека тоа барање не стапи во сила како измена во Законот, тие ќе ја применуваат постојната рестриктивна законска мерка.
Од Министерството за економија потврдија дека Пазарната инспекција од 1 септември започнала со контроли на целата територија на земјава и во сите контролирани објекти трговците ги почитувале новите законски прописи, а оние што немале поднесено барање за лиценца на алкохолните пијалаци ги повлекле од продажба.
|