Фељтон
Македонско-бугарски историски контроверзии (1)
Блиски, а сепак многу далечни
Зошто односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ не се толку добри колку што треба да бидат на два блиски народа
Виктор Цветаноски
Односите меѓу Македонија и Бугарија повеќе десетици години ги обременува тешкиот товар на минатото за кое историчарите од двете држави имаат различни видувања. За Бугарите, Македонија е најромантичниот и истовремено најтрагичниот дел на бугарската историја. Сметајќи ја за своја, исконска земја, за неа воделе и загубиле неколку војни. За Софија, Македонците се одродени Бугари, а македонската нација и јазикот вештачки творби.
Македонските историчари ги толкуваат таквите тврдења како посегање по македонското минато и грубо негирање на посебноста на македонскиот народ и нација. Во сите овие спорења тие се согласуваат со едно - а тоа дека македонскиот и бугарскиот народ се многу блиски народи.
Од сите соседи најголемо влијание во Македонија извршила Бугарија, а Македонците во минатото најмногу биле свртени токму кон неа. И кога кревале востанија и кога пустошеле војните тие засолниште најчесто наоѓале таму. Софија била престолнина на ВМРО и македонската револуционерна борба. Не е претерано да се каже дека таму се пишувал и најголемиот дел од македонската историја. Mакедонската емиграција во Бугарија денес е најголема македонска емиграција во светот. Се смета дека по неколкуте востанија и војни, таму пребегале околу 100.000 македонски бегалци. Се тврди дека околу 2 милиона бугарски граѓани денес имаат македонски корен.
Бугарскиот писател Љубомир Левчев, годинашен добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, е целосно во право кога вели дека македонскиот и бугарскиот народ се толку духовно и културно блиски меѓу себе, а, сепак, толку далеку како да се на различни планети. „Балканот е миниран од политички противречја, опасни противречја што немаат природен корен, а кои мора да се надминат. И двата народа во минатото биле заточеници на војните, оковани од идеологиите“, оценува познатиот писател.
Бугарскиот социолог Андреј Рајчев, директор на истражувачкиот центар „Галуп“, во еден разговор ни изјави дека никој никогаш нема да ги убеди Бугарите дека Македонците не биле Бугари, но дека денес тие сфаќаат оти Македонците се посебна нација. „Во времето на социјализмот сите во Бугарија живееле со чувството дека Србите, или не знам кои други, ги натерале Македонците како папагали да говорат: ’Ние сме Македонци’. Сега практично сите Бугари знаат дека не е вистина тоа. Тоа прашање за нив повеќе не е актуелно. Постојат некои ситни политички огништа, како што е ВМРО, коишто зборуваат глупости. Меѓутоа, Бугарите никогаш нема да престанат да веруваат дека ние некогаш сме биле исто. Друго е прашањето што јас мислам. Според мене, секој може да се определи онака како што се чувствува. Излезот на сите балкански држави им е јасен, тоа е присоединувањето кон Европа. Каков друг излез имаме ние? Што делиме, полјаните?!“, се прашува Рајчев.
„И Бугарите и Македонците живеат со историјата. Со историјата онака како што ја разбираат. За ме��е не е ништо страшно што дел од бугарското општество, вклучувајќи и културни организации, ќе имаат едни или други тврдења што нема да им се допаднат во Скопје или, пак, во Скопје ќе има организации или автори што ќе мислат поинаку и што нема да се прифати во Софија“, вели познатиот бугарски интелектуалец Иван Крстев.
Тој истакнува дека сите што ја познаваат историјата на Бугарија знаат дека нејзината државност во голем степен била изградувана веднаш по 1879 година, околу идејата за национална консолидација, врз идејата за бугарска надлежност на определени земји. Според него, прашањето не е да се заборави историјата, прашањето е да научиме да ја паметиме историја на начин таа да ни помага да живееме заедно. „Многу пробале да ја заборават историјата, а малцина успеале. Длабоко сум убеден дека има смисла да говориме за тоа што ќе ни овозможи да живееме заедно полесно, а не за тоа што непрекинато ќе раѓа вештачки поделби. Така што историјата тешко ќе може да биде заборавена“, заклучува познатиот бугарски интелектуалец.
Бугарскиот филозоф Иван Калчев, претседател на Бугарско-македонското друштво за пријателство има малку поинакво мислење. Тој вели дека корените за негаторското однесување на официјалната бугарска политика спрема Македонија треба да се бараат во силното присуство на националистичко-патриотски предрасуди кај поголем број Бугари. „Тие предрасуди се присутни долги години, независно која партија е на власт. Вештачки се поддржува високото самочувство на Бугарите дека тие се славен народ, дека имаат многу славна повеќевековна историја и дека без малку бугарската држава е најстара во Европа. Тезата за славната бугарска историја постојано се потхранува и се тврди дека таа историја лесно не можеме да ја дадеме на другите. Нешто што се прави намерно и нема никаква врска со реалноста. И од таквите позиции на еден национализам и патриотизам со лоши конотации не е тешко да се формира присутниот поглед дека Бугарија граничи со себе си, кој е многу опасен. Сите што мислат поинаку се осудени од јавноста“, вели бугарскиот филозоф.
Посебен проблем во односите е македонската емиграција во Бугарија кон која во минатото се правеле многу грешки. Соработка со неа речиси немало, со исклучок од 1944 до 1948 година, кога Софија признаваше македонска нација. Во останатиот период македонската држава се однесувала кон неа доктринирано и идеолошки, како што, впрочем, го правела тоа и бугарската држава кон Македонците, негирајќи го нивното постоење
Академик Иван Катарџиев вели дека во односите на раководството на македонската држава и емиграцијата во Бугарија имало многу недоразбирања. Во свеста на двете страни постоел неспорен македонски патриотизам, а разликите се јавувале кога ќе се поставело прашањето околу решавањето на македонскиот проблем во постојните историски околности.
„Во однесувањето на двете страни било присутно влијанието на средината во која живееле, го оформувале своето знаење, демократската култура и менталитет. Противречностите особено се експонирале околу прашањето за обликување на културниот и државниот идентитет на македонската држава. Денес во нашата држава се говори за соработка со македонската дијаспора секаде во светот, само не за таа во Бугарија. Научна потреба е да се отвори оваа страница од нашето минато... Минатото е такво какво што е. Тоа не може да се менува, а идните истражувачи на оваа материја треба да се ослободуваат од страстите на минатото“, порачува академик Катарџиев.
Меѓу македонските историчари неподелено е мислењето дека треба да се направи се' за да се урнат идеолошките ѕидови создавани од политичарите во судбоносните времиња и Македонците од двете страни на границата повеќе да не се гледаат како непријатели. И едните и другите се бореле и ја сакале Македонија, без разлика што тие имаат различни национални чувства.
Осумдесет и петгодишниот софијанец Христо Матов, потомок на струшко семејство кое емигрирало во Бугарија, во еден разговор ќе ни признае дека се чувствува и како Македонец, но и како Бугарин. „Јас сум роден во Софија, тука сум школуван и воспитуван, цело време живеам во оваа средина и не можам да се чувствувам поинаку“, ќе ја каже тој сета вистина за потомците на многумина Македонци, кои од една или друга причина се нашле во Бугарија и таму ја прифатиле бугарската национална свест. Матов вели дека за нив Македонија секогаш била најголемата љубов, но и болка и пред неа се крстеле како пред икона.
Зошто Бугарија го смета македонското минато за најромантичниот и најтрагичниот дел од нејзината историја? Што е тоа што Софија ја терало да војува за Македонија. И зошто односите меѓу двата народа се' уште не се така добри како што треба да бидат на два блиски народа? Зошто и на најмал проблем со кој ќе се судрат некои Македонци кои решиле да станат Бугари, каков што беше последниот случај со гевгеличанката Спаска Митрова, официјална Софија реагира жолчно и на највисоко ниво? Зошто ние, овде во Македонија, мошне емоционално го преживуваме секој настан поврзан со нашите Македонци таму?
На овие прашање не може да се одговори ако не се знае што е тоа што ги зближувало, а што ги делело македонскиот и бугарскиот народ во минатото, ако не се фрли повеќе светлина на однесувањето и очекувањата на Софија во последните две децении и ако извесен период не се живее таму и на самото место не се почувствува атмосферата и не се доживее она што се случуваше во Македонија. Во овој фељтон ќе стане збор токму за тоа. |