Вардар про супериорно до групната фаза од ЛШ

Динамо Минск декласиран со 34:24 во директниот дуел за првото место во Скопје

Роберт Димитриевски

Вардар про по шести пат во клупската историја ќе игра во фазата по групи од ракометната Лига на шампионите. Македонскиот првак го декласира Динамо Минск со 34:24 во директната пресметка за првото место во првата квалификациска група во Скопје, кое единствено водеше меѓу европската елита. Пред Белорусите паднаа и турски Бешикташ со 33:30, како и црногорска Будуќност со 35:28, а на стартот од групата Д меѓу 30 септември и 4 октомври црвено-црните ќе го пречекаат дански Колдинг. Во групата се уште и Кил, Барселона, Амичитија и Реале Адемар, кој како домаќин триумфира во квалификациската група во Леон за една вајлд-карта, каде што противници му беа Целје Пивоварна Лашко, Лемго и Кадетен Шафхаузен.

Црвено-црните долго ја бараа вистинската игра за цврстиот ривал од Минск, формиран минатата година како проект на Владата на Белорусија. Гостите фуриозно влегоа во мечот, поведувајќи со 4:0, а вардарци дури во средината на полувремето воспоставија резултатска рамнотежа, со која се замина и на одморот, кога на семафорот во СРЦ „Кале“ стоеше 14:14.

Неизвесноста потраја и во почетните десетина минути од второто полувреме, односно до водството на Вардар про од 19:18, кое во следните три минути порасна на 23:18 и тоа се покажа решавачки удар за тимот на Александар Малиновски. До крајот на средбата постојано се зголемуваше предноста на екипата на Веселин Вујовиќ, кој поради суспензијата од Европската ракометна федерација „диригираше“ од трибините, за во 49 мин. да ги достигне максималните десет гола.

Нова брилијантна партија на вардаровиот гол имаше репрезентативецот Петар Ангелов, кој одбрани 18 удари на противничките ракометари, колку и на претходниот дуел со Будуќност ден порано. Најрасположени во нападот беа Милан Левов и Крешимир Мараковиќ со по шест погодока, колку што прокнижи и Украинецот Сергеј Онуфриенко во белорускиот состав.

Во мечот за третото место во групата Будуќност го совлада Бешикташ со 31:28.

Вардар про - Динамо Минск 34:24



Полувреме: 14:14. Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 2.000. Судии: Хорачек и Новотни од Чешка. Седмерци: Вардар 0/1, Динамо 2/3. Исклучувања: Вардар 16 мин., Динамо 8 мин.

Вардар про: Даскаловски, Митревски, Ангелов, Пешиќ 4, Мараковиќ 6, Стојановиќ 2, Пецаковски, Макалоски 1, Ангеловски 3, Симовиќ, Левов 6, Н. Маркоски, Алушовски 4, Ѓорѓевиќ 4, В. Маркоски 4. Тренер: Веселин Вујовиќ.

Динамо Минск: Шипенко, Раповет, Фурс, Кажаневски 5, Рутенка 1, Бабичев 2, Рубизов 3, Шилович 1, Камаров, Пуховски 3, Никуленков 1, Јакимович, Либергс 1, Онуфриенко 6, Маретиќ 2. Тренер: Александар Малиновски.


#