Барокна зграда за Трајановски под Кале?

Како алтернативна локација за новиот објект се споменува просторот кај црквата „Пресвета Богородица“

Деспина Трајковска

Градската администрација ќе се сели под Кале во петкатен објект со барокна фасада. Иако ваква можност од урбанистички аспект неодамна му е дадена на градоначалникот Коце Трајановски, а преселбата деновиве ја најави и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески во една ТВ-емисија, првиот човек на Градот ги демантира овие информации. Трајановски потврдува дека градската управа сериозно размислува за преселба поради несоодветните услови за работа, н, сепак, тврди дека се' уште не е одбрана локацијата на која Градот Скопје ќе изгради нов административен објект. Во опција биле неколку државни парцели, а во меѓувреме се чека и на исходот од конкурсот за идејно решение, според кое би се градела новата зграда за петстотините административци.

„Точно е дека ќе се селиме во нов објект, но кога и каде, се' уште е рано да зборуваме. Не е тајна дека размислуваме на таа тема, во тек е конкурс за избор на идејно решение по кое ќе се гради објектот, а во меѓувреме треба да одлучиме и за локацијата. Во игра е парцелата под Кале, како и реонот кај црквата ‘Пресвета Богородица‘, иако се' почесто во последно време размислуваме зградата да се изгради на местото на постојните бараки на Градот, иако на оваа локација урбанистичкиот план засега предвидува паркинг-простор“, вели Трајановски, кој посочува дека изградбата на новата зграда првенствено би зависела од финансиите, кои Градот моментално ги нема, а евентуално би ги обезбедил преку кредитирање или би се размислувало за друга опција.

Инаку, градоначалникот не ја отфрла можноста новиот административен објект да има барокна или друга стилска фасада, но тоа, како што тврди, би се случило единствено доколку се гради на локација во чија околина објектите се изградени во таков стил. Доколку зградата се гради под Кале, извесно е оти ќе биде со стилска фасада како што налага неодамна донесениот ДУП за реонот, кој предвидува изградба на петкатен административен објект на местото на постојните бараки на ЈП „Водовод и канализација“.

Дури да го одбере местото за новиот објект, Градот е во исчекување на идејните решенија за неговиот изглед. Се' уште трае јавниот повик во кој не е посочена локација каде што ќе се гради новата зграда. Во него единствено е наведено дека се однесува за објект што би требало да се наоѓа на утврдена парцела од 2.367 квадратни метри со површина за градба од 1.274 квадрати, максимална катност од 21 метар и капацитет за паркирање од 153 возила.

Во новиот објект би требало да се смести целата градска администрација и градоначалникот, за кого освен во оваа зграда, кабинет е предвиден и во Градската куќа на плоштадот, проект што треба да го реализира Министерството за култура.


#