04.10.2011, 17:55

Едиторијал

Гради, гради и само гради

Нина Нинеска-Фиданоска

Некои беа изненадени од „храброста“ на Зоран Ставрески, македонски вицепремиер и министер за финансии, кога на прес-конференција сосема ладнокрвно изјави дека Грција се движи кон се' поизвесен и се' посигурен банкрот. Други, пак, коментираа дека тоа е само реална перцепција на она што навистина се случува кај нашиот јужен сосед.

Избрзана реторика или не на нашиот прв финансиер, факт е дека грчката криза дефинитивно добива драматични димензии, а Европа во моментов тешко ја испорачува спасоносната формула што сите од неа со нетрпение ја исчекуваат. Шефот на министрите за финансии на земјите од Еврозоната, Жан Клод Јункер, сакаше да звучи убедливо кога после состанокот во Брисел порача дека Грција нема да банкротира и дека никој не размислува таа да ја напушти еврозоната, но прашање е колку дури и самиот тој верува оти ќе може да се избегне најопасното сценарио за грчката држава, а со тоа и разорните последици за елитниот европски клуб. Само како илустрација, додека Јункер ја даваше смирувачката изјава, државните службеници во Атина веќе ги имаа окупирано зградите на неколку министерства, најавувајќи уште пожестоки протести против владините мерки за штедење.

А и берзите веќе не веруваат во одважните тонови што кој знае по кој пат ги лиферуваат европските бирократи, бидејќи се' досега не видоа на дело конкретни и решителни чекори со кои би му се застанало на патот на грчкиот должнички змеј. Како пример сигурно пред себе ја имаат одлуката да се одложи следната транша за Грција од осум милијарди евра, дури за средината на ноември!

Се' на се', нема да биде ни најмалку лесно да се излезе од грчкиот должнички лавиринт. Тој пак, на Европа може да и' донесе нешто многу поопасно, а тоа е новиот рецесиски бран кој би ги погодил државите од стариот континент.

Македонија била мала и немоќна да влијае врз ваквите глобални закани, и секако ќе биде погодена од европскиот кошмар. Сосема логично, бидејќи европските земји се нашите најзначајни трговски партнери.

Македонските авторитети конечно признаа дека се вознемирени од надворешните случувања, и најавија дека тие секако ќе ја забават инаку „забревтаната“ македонска економија. Но, ние и не мора да се грижиме, бидејќи нашите власти го имале рецептот како да и' одговорат на европската криза.

Ќе граделе, ќе граделе и само ќе граделе. Преку високо ниво на капитални инвестиции во буџетот ќе и' пркосат на можната рецесија која се надвиснала над глобалната економија. Впрочем, инвестициите во градежништвото биле пресудни за успехот што на економски план земјава го оствари во првата половина од годинава, кога стигна до стапка на раст од 5,1 отсто во првиот квартал и 5,3 проценти во вториот. И не само градежништвото, туку и 25 други индустрии живнале благодарение на проектот „Скопје 2014“ што неуморно се турка во главниот град. Затоа и властите не се откажуваат од градењето.

Кога во метрополата ќе снема простор, би можело да се продолжи и низ другите градови, зошто малку да не се мисли и во таа насока. Само, принципиелно би прашале, не е ли подобро патишта место споменици, хидроцентрали наместо театри, пруги место лавови, болници место фонтани, училишта место манекенки... Нема ли тоа да биде оној реален раст кој ќе ги врати парите и кој ќе донесе и други инвестиции, наместо лажниот скопски сјај кој не може до бесконечност да ја „крева“ македонската економија.