Интервју
Ќе разговараме и со СДСМ и со ДПМНЕ
Љупчо Георгиевски, почесен претседател на ВМРО-Народна
Ова ВМРО-ДПМНЕ е диверзија, историска диверзија на сето она што било ВМРО во историјата на македонскиот народ
Светлана Унковска
Господине Георгиевски, во кампањите велите - тука сме да ја кренеме Македонија. Толку ли е ничкосана Македонија, па сега треба да ја кренете?
Има нешто што се нарекува реален живот. Кога ќе разговарате со бизнисмени, земјоделци, да не зборуваме за онаа огромна структура од над 30 проценти невработени, тие го чувствуваат тоа. Меѓутоа, не е само тоа проблемот. Проблемот е во тоа што и перспективите не се добри со оглед на фактот дека оваа Влада, практично, без никаква грижа на совеста се задолжува. Ако нешто не можам да и' простам на оваа Влада, тоа е што толку бесрамно и безобразно ја задолжува Македонија.
Според вас, идната влада мора итно да го реши прашањето за името за брз влез во ЕУ и во НАТО. Нели сте прекомотен околу ова прашање, кое навлегува во идентитетот, поради што можете да бидете обвинети дека сте еден од предавниците?
Секогаш кога зборувам за проблемот со името во првата реченица сакам да истакнам дека Грција апсолутно не е во право и ја злоупотребува својата позиција на вето и во НАТО и во ЕУ. Но, таквата ситуација веќе 20 години трае и можеме ли ние Македонија и натаму да ја држиме во заложништво? Сметам дека можеби сега е идеално време да постигнеме максимум од договорот со Грција зашто е во тешка економска ситуација. Но, мораме да знаеме и да бидеме свесни дека одбраната на уставното име Република Македонија за меѓународна употреба веќе е просто невозможна. Не гледам никаков проблем за идентитетот ниту за каков било национален интерес за име со географска одредница од типот Северна или Горна Македонија.
Прогнозирате распад доколку Македонија не влезе во ЕУ и во НАТО. Врз што ја темелите оваа констатација и по која оска би се распаднала?
Можеби зборот распаѓање е малку прегрубо за оваа фаза, но можам да кажам дека невлегувањето на Македонија во ЕУ и во НАТО не' доведува во несакана, во една тотална некомотна ситуација, а дури потоа доаѓа онаа груба констатација дека има опасност од распаѓање. Во 2012 година Хрватска ќе влезе во ЕУ, Албанија и Црна Гора најверојатно ќе почнат преговори со ЕУ, Црна Гора, исто така, може да влезе во НАТО, а Србија по Младиќ, најверојатно, ќе го забрза својот европски пат. Остануваат само Босна и Херцеговина и Косово со Македонија во друштво. Затоа велам, политички е неодговорен секој оној што ќе ја остави Македонија да биде во ова друштво и секој што има и малку политички резон не треба да му се објаснува што значи ова.
Во кампањата сте најгласни кога се во прашање ЕУ-перспективите на Македонија. Како ВМРО-Народна излезе од патриотското и националното крило и се претвори во посветен евроатлантист.
Тука има два момента. Првиот е, да речеме, моето лично искуство, а вториот момент е нешто што се нарекува реална анализа. Во поглед на проблемот со Грција, јас не гледам никаков заговор ниту од ЕУ, уште помалку од НАТО, а најмалку од САД. Напротив, тие во својата намера да ја внесат Македонија во НАТО и во ЕУ во овој момент се многу сериозни. Сакам да ја отворам таа тема, да размислуваме заеднички, зашто ова не е прашање ни на Никола, ни на Бранко, ни на Љупчо, ни на Ахмети, ни на Тачи. Ова е општомакедонско прашање. Затоа ме нервира кога на последните два избора ДПМНЕ го злоупотреби ова прашање и мислам дека убедливата победа над СДСМ се должеше само на тој фиктивен патриотизам, дека тие го бранат името.
Зошто Македонија дојде до ваков економски колапс? Владата не знае да работи, министрите се лоши или, пак, приоритетите и парите беа погрешно насочени.
Сите влади досега, нормално, беа критикувани, меѓутоа, со сите грешки успеаја да задржат низок степен на надворешна задолженост. Пред доаѓањето на оваа Влада, бевме една од најнезадолжените земји во Европа и тоа беше можеби еден голем адут за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ максимално го злоупотреби тој адут и практично го дуплираа националниот бруто-долг. На 15 септември 2002 година долгот на Македонија кон странство беше една милијарда и шестотини милиони долари, а сега е 6,4 милијарди долари. Значи, колку што сите влади до своето доаѓање ја имаат задолжено Македонија, толку оваа Влада за пет години го дуплираше целиот долг. Таа ги направи и историски најголемите буџети. Во 2001, сосе водење војна, буџетот беше 1,1 милијарда евра, сега е 2,4 милијарди евра. Предимензионираната буџетска политика беше насочена да се остават споменици на нивното време, што е дел од оваа катастрофа на македонската економија.
Велите дека на изборите ќе освоите 15-ина пратенички места. Врз што ја темелите ваквата процена, на анкетите не котирате високо?
Морам да кажам дека Љупчо Георгиевски и ВМРО-НП никогаш немала рејтинг во анкетите. Во 2006 имавме 0,3 отсто, па освоивме 6 пратеници, на последните локални избори воопшто не' немаше на рејтинг-листите, па освоивме 43 илјади гласа, така што ако веќе сега ни даваат 3-4 проценти рејтинг, логично е да очекуваме да ја достигнеме таа бројка од 15 пратеници. Во Македонија никогаш не било позрело времето отколку што е сега да се гласа за малите политички партии за да се разбие монополот на власта, затоа што се покажа дека кога една партија има монополска позиција, едноставно, не знае да функционира на демократски начин. Затоа сметам дека 15 пратеници на ВМРО-Народна партија се основна демократска потреба во овој момент и ние се гледаме како коректор и гарант на демократијата.
Што си помислувате кога ги гледате Вашите поранешни соработници што ги доведовте во партијата и ги унапредивте како фрлаат дрвја и камења против вас?
Ете, јас не знам од каде тој систем во денешното ВМРО-ДПМНЕ. Еден голем дел од нив работеле со мене и тие многу добро паметат дека никогаш не сме се заканувале, уценувале спрема никого, ниту, пак, имало притисоци. Системот на заканата, уцената и пресијата како да е веќе системска категорија вградена во оваа политика. Честопати го цитирам Черчил, кој има речено - за да ја видите демократијата на една држава, видете ја нејзината казнена политика, а ние имаме најжестока казнена политика во Европа. Вториот елемент на таа политика на репресија го гледам преку системот на закани и уцени, кој стана разработен метод во ВМРО-ДПМНЕ.
Како од оваа временска дистанција гледате на Вашата поддршка што му ја дадовте на Никола Груевски за да застане на чело на партијата? Се каете ли денес кога ја гледате оваа ВМРО-ДПМНЕ?
Зборот каење можам да го употребам за многу кадри во овие 20 години, а можеби и за многу потези.
Како да се покажавте лош кадровик
Да, апсолутно, го признавам тоа секаде дека кадровската политика ми е промашена. Но, во тоа време проценив дека јас не сум личноста што може да и' донесе на ВМРО-ДПМНЕ уште една победа. Се повлеков зашто навистина сметав дека Никола Груевски може да биде личноста што ќе ја донесе победата. И од аспект на геостратегијата не сум згрешил, тој победи, но од аспект на човечките релации и од аспект на многу други елементи, очигледно сум згрешил. Никола Груевски што го знаев беше единствен човек кого не го интересираше дневната политика, а уште помалку можевте да го најдете во некое друштво каде што дискутиравме за историјата на Македонија. Мислам дека основната грешка му е што отиде во сегменти, кои вештачки ги спои со неговата економска платформа и мислам дека тука се изгуби.
Во кампањата Груевски не Ве напаѓа премногу. Мислите ли дека со тоа Ви ја остава вратата подотворена по изборите. Имате ли вие свои услови?
Тоа што нема фронтален напад директно од Груевски не значи дека и кога Латас и компанија напаѓаат не го препознавам потписот на актуелната Влада. Второ, кога нивните кадри одат и ги напаѓаат нашите претседатели и членови на комитети со најразлични бесрамни понуди, исто така, се работи за една смислена политика. Кога зборувам со моите комитети и ги прашувам со која партија сакате да одиме по изборите, убедливо најголем процент кажуваат дека СДСМ им се поблиски од ВМРО-ДПМНЕ. Токму поради тој однос што тие луѓе се секој ден малтретирани од локалните началници, локалните директори од локалните партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку по 5 јуни бидете партијата што ќе го одредува парламентарното мнозинство, што ќе биде пресудно за да се свртите кон ДПМНЕ или кон СДСМ.
Ќе има разговори и со едните и со другите. Вратите не ги затвораме за никого, но сметам дека прво треба да се постават некои односи. Со СДСМ имаме само политички, а со ВМРО-ДПМНЕ ќе имаме и идеолошки теми. За нас еден од приоритетите е подготвеноста на политичките партии да го затворат проблемот со името и да влеземе во ЕУ и во НАТО. Тоа ќе биде едно од приоритетните прашања што ќе ги поставиме на маса.
Претходно велевте дека практикувате хедонизам, пред некое време рековте дека сте средно богат бизнисмен. Кој беше мотивот што се вративте во политиката?
Од самиот почеток јасно кажувам дека и кога не се занимавам со политика, јас сум хомополитикус. Моментот на враќање во политика треба да се гледа исклучиво преку политичкиот предизвик. Три политички предизвици се - првиот е што навистина чувствувам дека демократијата во Македонија е загрозена. Вториот момент е оваа „политика на ној“ со Грција, која сметам дека Македонија ја фрла надвор од сите процеси во кои треба да се движиме и третиот предизвик е самата политика на ВМРО-ДПМНЕ. Ова ВМРО-ДПМНЕ не можам да го гледам, не можам идеолошки да сфатам што се случи. Ова ВМРО-ДПМНЕ е диверзија, историска диверзија на сето она што било ВМРО во историјата на македонскиот народ. Тоа се тие предизвици што едноставно ме кренаа од пред телевизор. |