Љупчо: Опасно е со тројца кодоши на власт!
„Подобро е три невини жртви на лустрација отколку тројца виновни на власт“, смета експремиерот
Оливера Војновска
„Подобро е три наклеветени кодоши отколку тројца кодоши на власт!“ Вака експремиерот Љупчо Георгиевски на свој оригинален начин ја објаснува потребата од расчистување на маглата околу лустрацијата, која особено надвисна над процесот во последниве два месеца. Преку своевидна стилистичка инверзија на правната максима: „подобро 100 криминалци на улица отколку еден невин во затвор“, Георгиевски прилично јасно алудира на неопходноста од целосното откривање на вистината за „Вујко“, „Мама“ и „Ибар“ - особено на досието што води до врвот на владејачката ДУИ.
Во исто време додека поранешниот премиер како учесник на трибината на мрежата „Платформа“ се обидуваше да даде одговор на прашањето „каде оди македонската лустрација“, лустраторите ја официјализираа „пресудата“ дека нема елементи за лустрација на фабрикуваниот ’Ибар’“. Комисијата за лустрација на двочасовна затворена седница констатирала дека и ова досие, како и претходните две - „Вујко“ и „Мама“, „е фотокопија и не ги исполнува стандардните на едно досие“.
Георгиевски, кој беше шеф на македонската влада во периодот од 1998 до 2002 година, вели дека оние што имаат амбиции да влезат во политичките води, мора да бидат свесни дека како јавни функционери ќе бидат изложени на напади, критики и етикетирање. „Секој што се занимава со политика треба да е подготвен на непринципиелни удари. Подобро е три невини жртви на лустрација отколку тројца виновни на власт“, вели тој. Според него, во јавноста се извртуваат тезите околу лустрацијата и се преувеличува штетата на оние личности што можеби се невино обвинети дека биле кодоши. „Етикетата дека некој бил соработник на тајните безбедносни служби не е ништо поразлична од која било друга етикета. Нема етикета што не сум ја добил во овие 20 години колку што сум во политиката. Секој што се занимава со политика добива серија етикети. Зошто сега се прави драма“, прашува Георгиевски. Тој смета дека оној што ќе се почувствува погоден и ќе се соочи со лажни обвинувања за кодошење, има две опции: „Да поднесе кривична пријава и да ја докажува невиноста или да остави процесот принципиелно да се заврши докрај“.
Според него, сите што сакаат да бидат политичари треба да извлечат поука од лустрацијата. Притоа посочува дека „ доколку некој има дамка во биографијата ,влегувањето во политиката може да го плати премногу скапо“. На „Ибар“ му порачува да не се крие зад партиските тела, туку самиот да ја исчисти оваа дамка. „Некои конкретни ситуации бараат конкретни, лични битки. Поранешниот началник во УДБА, Божидар Спасиќ, јавно го препозна „Ибар“, така што тој сега треба да се соочи со него и на ТВ-дуел да ги расчисти работите“, резонира Георгиевски. За него се неприфатливи гледиштата дека некој можеби направил грев во младоста и прифатил соработка со тајната полиција. „Дури некој и наивно да потпишал изјава, тој токму поради таа наивност треба да се повлече од јавната функција“, смета експремиерот.
Наспроти ставовите на Георгиевски, поранешниот претседател на Уставниот суд , Милан Нетков, потенцира дека при лустрацијата мора да се почитува презумпцијата на невиност. Тој смета дека Комисијата за лустрација се однесува конфузно, а нејзината работа ја опиша како „одење бос по трње“. Случајот со довчерашниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, го оквалификува како несреќен и парадоксален. Нетков се сомнева дека досието е дополнително конструирано врз основа на белешки за кодошено лице.
Според Нетков, треба добро да се размисли дали да се бараат досиејата од Србија. „Тоа може да се покаже многу опасно. Ако ги побараме, ќе ни ги дадат строго селектирано, добро ќе не' обработат и секој со секого ќе се скара“, прогнозира Н��тков. Тој откри дека во поранешниот систем бил кодошен поради своите либерални гледишта, но вели дека им простил на своите колеги - универзитетски професори што денунцирале. |