Улогата на Сарафов ги вознемири историчарите
Проблематизирањето на улогата на Борис Сарафов за време на Илинденското востание и неговото ставање во позитивна конотација како своевиден „бранител од бугарските влијанија“ ги вознемири духовите на македонските историчари. Повод беше книгата на американскиот антрополог Кит Браун „Минатото под прашање - модерна Македонија и неизвесностите на нацијата“, што вчера во организација на Фондацијата институт отворено општество беше промовирана пред голем број учесници од историската фела. Слично како и во текот на минатата недела, кога по промоцијата на книгата на Ендрју Росос „Македонија и Македонците“ тезите на странските автори изнесени во книгите претставуваа фрлена ракавица за нашите историчари.
Најгласна во приговорите вчера беше Марија Пандевска од Институтот за национална историја, која во констатацијата на Браун дека „македонските историчари, затоа што не можеле да го игнорираат Сарафов, го дискредитирале“, препозна обид на антрополог да се служи со историски искази како факти.Таа цитираше некои документи, за кои авторот призна дека не му биле достапни и оти имал погрешни информации за некои датуми поврзани со истражувачите на илинденскиот период.
Но, како што нагласи и историчарот Тодор Чепреганов, колку и да не се согласуваме со некои изнесени работи во книгата, треба да го респектираме трудот на авторот, кој пред се' користел антрополошки пристап за отсликување на една затворена заедница како Крушево.
Зборувајќи за своето дело, кое во голем дел се темели на неговата докторска дисертација, Браун нагласи дека „клучот на идентитетот лежи во адаптибилноста да се остане жив“. А, како два клучни збора не само за овие простори туку и пошироки за Балканот ги спомна „упорноста и шаренилото“. Авторот на книгата е истакнат социокултурен антрополог, роден во Англија, кој магистрирал на Универзитетот во Оксфорд, а докторирал во Чикаго. Негова специјалност се прашањата поврзани со македонија во 20 век. (Г.Д.) |