„Трошка утеха“ за македонскиот Џемс Бонд

Мегапопуларниот „Ибар“ ја надминува лустрацијата и навлегува во други води - шпионажа

Оливера Војновска


Македонскиот Џемс Бонд во кого јавноста веќе го препознава мегапопуларниот „Ибар“, наводната соработка со српската тајна служба во транзицискиот период на независна Македонија, го става како главен актер во шпионски трилер. Доколку деталите изнесени во досието што го објави „Дневник“ се точни, излегува дека тој бил агент на странска држава. Според тоа, неговото дејствување ја надминува лустрацијата и навлегува во други води - шпионажа. Според Кривичниот законик, лице што ќе стапи во странска разузнавачка служба и ќе прибира податоци за неа или на друг начин ќе ја помага нејзината работа, ќе се казни со затвор од една до десет години. Но, како што е насловот на филмот со најпознатиот агент во светот - „Трошка утеха“ (нема сличности со содржината), утеха за македонскиот Бонд е тоа што надлежните институции досието го третираат како „фабрикувано-плагијат“. Онака како што се произнесоа за „Вујко“ и за „Мама“ - преку споредба на идентични документи водени за други лица, а со тоа паѓа основата за кривично гонење.

Поранешни функционери во безбедносниот ресор и правни експерти се категорични дека активностите на „Ибар“, кои се однесуваат за периодот по 1991 година, говорат за класична шпионажа. „Самиот однос на потпишување соработка со странска тајна служба, односно за продавање информации, го квалификува лицето како шпион на странска држава. Формално-правно тоа е така и за тоа треба да има и кривична пријава од Јавното обвинителство. Но, доколку УБК се произнесе дека досието е фалсификат, практично нема основа за реакција“, велат нашите соговорници.

Во документите што беа обелоденети, формирањето и раководењето на штабот на Оружената војска на Косово (ОВК) било во организација и под директна команда на српските тајни служби. „Ибар“ е опишан како еден од „најквалитетните и најпродуктивните соработници што Службата ги имала меѓу припадниците на албанската непријателска емиграција“. Во периодот 1983-1984 година, па се' до јуни 1997 година, „Ибар“ на службите им доставил над 10.000 корисни информации, податоци, белешки, документи, а учествувал и во неколку акции против албанската и усташката непријателска емиграција. За неговиот ангажман од службите добил 167.560 швајцарски франци, 50.000 германски марки и неутврден износ во динари.

Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, вели дека дел од наводите во досието технички говорат за шпионажа. „Меѓутоа, има еден голем прашалник, дали е тоа конструирано или вистинито“. Тој не верува дека наводите за соработка со српската тајна служба по 1992 година се точни. По распаѓањето на Југославија не верувам дека таа имала можност и мотив да го врбува да работи за неа“, смета Фрчкоски. Тој е убеден дека досиејата доаѓаат од Србија и, според него, за нив е добро платено. „Проблемот е во тоа што Македонија се става во позиција да и' дозволи на Србија да и' чепка, што е една недозволива ситуација“, коментира ексминистерот.

Првиот директор на Агенцијата за разузнавање, Владо Поповски, воопшто не сака да го коментира јавно објавеното досие. Според него, тоа е ирелевантно по две основи: не е оригинал, туку фотокопија, и во 1991 година завршува заедничкиот живот со СФРЈ - период што не подлежи на лустрација.

Поранешниот шеф на специјалниот тим на југословенската Служба за државна безбедност, одговорен за албанската емиграција, Божидар Спасиќ, деновиве во изјава за Алфа телевизија кажа дека меѓу агентите што работеле за тајната полиција имало лица со псевдоними „Ибар“, „Мама“, „Вујко“ и „Стрелец“. Спасиќ лично го познавал „Ибар“, а во емисијата „Во центар“ го опиша како исклучително квалитетен соработник и посочи дека своевремено размислувале да му го сменат псевдонимот и да го именуваат како „Џемс Бонд“, но се премислиле.


#