Студ и мраз ќе ја оковаат Македонија

Пробив на многу студена воздушна маса од север денеска ќе предизвика значителен пад на температурата во Македонија. Живата во термометрите ќе падне околу 15-19 Целзиусови степени, па температурата денеска ќе се движи помеѓу минус 5 и 11 степени. Ќе дува силен северен ветер, кој на моменти ќе достигнува брзина од 100 километри на час. Студениот воздушен бран ќе придонесе врнежите од дожд да преминат во повремени врнежи од снег и во некои од пониските места. Синоптичарите очекуваат дека во некои од градовите во земјава денеска ќе се формира снежна покривка.

Агрометеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи предупредуваат дека силниот ветер може да предизвика штети кај пластеничкото и оранжериско производство, па затоа апелираат земјоделците да преземат дополнителни мерки за заштита.

И викендот, како и во текот на следната недела ќе се задржи променливо, облачно и студено време со повремени врнежи од снег. Најстудено ќе биде утре, а минималните температури ќе бидат во интервал од минус 10 до минус 2 степена, додека во текот на денот максималните ќе се движат помеѓу минус 6 и нулата. Утринските температури ќе бидат негативни и во текот на наредната недела, а дневните нема да отидат погоре од 4 степени. Покрај тенката снежна покривка во пониските места, метеоролозите најавуваат и голомразица. (Сн.К.)


#