Глобалист

Писмо до Груевски од Александрија

Љупчо Поповски

Македонската династија во Египет не умре. Цезарион, синот на Клеопатра и Цезар, не беше убиен, туку преживеа. Неговиот наследник му пишал на нашиот премиер

Пред неколку дена на „Илинденска“ б.б. пристигна едно писмо од Египет кое многу го вознемири и го стави во непријатна дилема нејзиниот главен станар. Отворајќи го писмото, Никола Груевски не можеше да верува во она што го читаше – дали е првиот што ги дознава овие толку долго чувани тајни како онаа на Светиот грал, дали триумфално да ги објави во јавноста и да ги насочи сите рефлектори во светот кон себе или, пак, да го премолчи она што е напишано, а потоа да има немирни сништа за епохалното откритие.

Новинарската работа е по малку и детективска, па успеавме да дојдеме до писмото испратено од пристанишниот град Александрија, кое може да ги урне сите митови. Еве што пишува во него:


„Господине Груевски,

Еден наизглед мал настан од мојата прататковина, за кој прочитав во материјалите кои доверливо секој ден ми ги доставуваат моите лојални приврзаници, ги отвори старите рани за кои мислевме дека вековите ги залечиле.

Печатот што го гледате на врвот од писмото можеби ве збунува. Современите печати не се како овој што има антички изглед. Затоа треба веднаш да знаете кој го пишува ова писмо и зошто се чувствува во голема мера измамен. Јас сум Цезарион LXIV, директниот наследник на сјајната и неповторлива кралица Клеопатра VII. Некои работи конечно треба да излезат од опскурноста на минатото и митовите и можеби е време токму преку вас светот да стане свесен дека македонската династија не изумре.

Верувам дека во своите долги ноќи во македонската Влада (како што ме информираат лојалните приврзаници) веќе знаете многу нешта за нашата ненадмината птолемејска династија. Сите веруваа дека мојата чудесна претходничка Клеопатра VII беше последниот изданок на птолемејската династија во Египет која ја основа големиот Птолемеј I Сотер, најверниот македонски генерал на Александар.

Веројатно ви кажале, господине Груевски, дека на Птолемеј I Сотер при поделбата на империјата по смртта на најголемиот од најголемите, Александар III во Вавилон, му припадна да го раководи Египет, кој беше круна на неговото царство. Птолемеј I Сотер не можеше да се оддели од мртвото тело на својот водач и го донесе во овој чудесен град Александрија.

Да не ви ги кажувам деталите, господине Груевски, верувам вие нив ги знаете напамет: триста години подоцна во љубовта која ќе стане славна во сите истории, Клеопатра ќе добие син од Јулиј Цезар во 47 година пред нашата ера, наречен Цезарион. Тој требаше да биде наследникот на големиот Цезар. Но, измамниците во Рим немаа почит кон Цезар и го убија во 44 година пр.н.е. Какви тажни години следуваа за нашиот Египет. Иако Цезар го посини Октавијан Август, генералот Марк Антониј беше вистинскиот чувар на неговите идеали. Клеопатра најде во него и заштитник и љубовник, но онаа неумешно водена битка кај Акциус во 30 година пр.н.е. му стави крај на кралството, а Клеопатра и Марк Антониј ги одведе во херојска смрт. Тој безбожник што го грабна наследството на големиот Цезар, Октавијан Август, нареди да се погуби Цезарион. Октавијан тогаш рекол: ’Двајца Цезари се премногу‘.

Сите помислија дека тоа беше крајот на македонската династија во Египет. Но, сега морам да ви ја откријам токму вам големата тајна - Цезарион не беше убиен. Центурионите можеа да се борат против Марк Антониј, но не можеа да погубат еден директен потомок на Јулиј Цезар. Цезарион беше криен не само во Александрија, туку и во либиската пустина. Октавијан умре, но Цезарион преживеа. Не само што преживеа туку ја продолжи големата македонска династија, а преку Цезар го спои и моќниот Рим.

Верувам, господине Груевски, дека мно��у повеќе сте заинтересирани како успеавме да преживееме сите овие векови. Александрија со својата библиотека не беше само седиште на античкиот ум, туку и место каде што можеа да се кријат најголемите тајни. Така, од колено на колено, од век во век, ние успеавме да преживееме и да ја продолжиме династијата на Птолемеј I Сотер. Морам да ви кажам дека нашите браќа христијани, Коптите, се најзаслужни за опстанокот на вистинските Македонци низ сите овие векови. И јас денес, благодарение на браќата Копти, живеам во Александрија, ја негувам династијата на македонските генерали.

Затоа многу се изненадив уште кога пред две години моите соработници ми кажаа дека некој самонаречен крал Мир Газанфер Али Кан сте го пречекале како суверен, чие потекло, наводно, било директно во лозата на великиот Александар. Но, сега кога дознав дека државата, која го носи нашето исконско име, сака да му подари имот на тој самонаречен крал, не издржав и морав да ви се јавам, па макар со тоа и да се открила најчуваната тајна во светот. Зарем тие наследници на генералот Селеукус Никатор, кои се изморија под Каракорум и Хиндокуш и не сакаа повеќе да одат заедно со нивниот водач Александар, па се сместија во планините и се одвоија од светот, имаат повеќе право на светата македонска земја од наследниците на Клеопатра и Цезар. Не можам да поверувам дека за наследниците на големиот Птолемеј не може да се одвои парче македонска земја. Па кој, ако не птолемеидите, чиј изданок сум и јас, Цезарион LXIV, го негуваше митот за Александар. Кој го зачува името на градот што го основа тој. Кој бдееше дење и ноќе над саркофагот на војсководецот. Кој ако не моите славни претходници. И сега, самоповиканите наследници на Никатор да се пречекуваат како кралеви на нашата света земја. Tоа е срамно.

Господине Груевски, не знам каква улога вие мислите дека имате во историјата, но морам да ви кажам дека е несфатливо да им подарувате земја на оние што самите се претставуваат дека биле крвта на македонскиот народ, а на Ватикан, со кој на некој начин сме поврзани преку нашиот прадедо Јулиј Цезар, да не му го дадете она што му припаѓа.

Слушам дека подготвувате да поставите величествен споменик на нашиот најголем Александар во центарот на вашата метропола. Затоа ви укажувам дека ќе направите голем грев што ќе остане запишан ако им верувате на лажни пророци од вашата земја. Тие нудат античка храна за празните стомаци во вашата Македонија затоа што брзо се подготвува и уште побрзо се јаде.

Нашите славни генерали би пропаднале в земја кога ќе видат какви каплари командуваат со нашата света земја. Земја не се дава така лесно, на збор; ќе помислиме дека така можете да ја дадете и државата“.

Неговото височество

Цезарион LXIV



Што ќе направи нашиот премиер? Ќе го испрати ли Паско Кузман во тајна мисија во Александрија?


#