Напукнува идилата Иванов - Груевски?

И во двата кабинета молчат околу скандалот со настапот во ОН

Се ближи ли крај на политичката идила меѓу претседателот Ѓорѓи Иванов и премиерот Никола Груевски - е актуелно прашање по информацијата дека за првпат во политичката историја на земјата пред Генералното собрание на ОН нема да се обрати претседателот на државата, туку претседателот на Владата. Освен скандалот со ексминистерот Слободан Чашуле, кој сакаше непосредно по избори на кои се знаеше дека неговата опција ќе изгуби да се појави во ОН иако развластен, околу генералните собранија на ОН по правило немаше проблеми, и одеа шефовите на државата со шефовите на дипломатијата. Од кабинетот на Иванов вчера можеше да се добие само молк околу случувањата, односно никој не сакаше да каже дали одлуката е заемно усогласена и дали претседателот, како другите во Македонија, ја доживува како девалвирање на неговата функција.

Извори блиски до кабинетите на претседателот и на премиерот вчера оценија дека се' досега немало никаков курцшлус на релација премиер и претседател и дека нивната меѓународна агенда редовно се усогласувала, при што главен координатор било Министерството за надворешни работи. „Не ми се верува дека претседателот и премиерот не се согласуваат. Нивните односи досега беа добри и тие беа доста координирани. Програмите за сите патувања во странство ги правеа заеднички“, тврди познавач на приликите. Тоа се однесува на патувањата на премиерот, на претседателот, на шефот на дипломатијата и на претседателот на парламентот. Факт е, исто така, дека ставовите на претседателот и на премиерот околу спорот за името во голема мера се совпаѓаат, освен кога сакаат да ја збунат јавноста или меѓународната заедница, праќајќи спротивни сигнали, па во една прилика според странски дипломати Иванов се согласил за компромисно име, кое Груевски веднаш потоа го одбил.

Сепак, некои сигнали водат кон спротивни заклучоци, вклучувајќи ја и веста за настапот на премиерот во ОН, која по се' изгледа дојде токму од кабинетот на претседателот Иванов. Се дознава, исто така, дека претседателот не е баш среќен со настапите на Мартин Треневски како иден амбасадор во НАТО, а во едно од последните јавни обраќања тој оцени дека на Македонија и' треба „нов профил на политичари кои ќе бидат подготвени за компромис“, нешто што можеше да се сфати како порака до премиерот Груевски и неговиот имиџ дома и во светот. Единствено за што нема дилема е дека на премиерот му е неопходна многу нова прилика да остави впечаток во јавноста дека не е во изолација од меѓународната заедница, дека е добредојден и дека бара решение со Грција, или поедноставно да се слика некаде и со некого за да си го одржува рејтингот во земјата. ОН е најдобра прилика за тоа, а за волја на вистината, претседателот и онака ќе мораше да го повтори тоа што го кажа минатата година во Њујорк и, притоа, ќе мораше да објасни, како по толку напори околу спорот, работите стојат во место.

„Македонија е цврста определена за членство во НАТО и во ЕУ и прави се' да постигне компромис со Грција околу името за да може да ги оствари своите стратегиски определби. Меѓународните претставници го ценат напредокот во Македонија и сметаат дека ги исполнува условите на НАТО и на ЕУ и дека нејзината конструктивност во преговорите со Грција ќе даде резултати“, изјави лани Иванов во ОН. (Н.Р.)


#