Или џамија или меѓународен скандал

Јуруците од општината Карбинци бараат поранешна зграда на училиште да се адаптира за верски објект

Иван Бојаџиски

ШТИП - Јуручкото население од плачковичките села во општината Карбинци побара поранешна зграда на основното училиште во селото Калаузлија да биде отстапено за џамија, но Советот на Општина Карбинци го одби овој предлог. Незадоволни од одлуката, јуруците вчера се заканија дека целиот случај, како знак на нетолеранција кон други етнички заедници, ќе го издигнат на ранг на меѓународен скандал.

„Во селото е изградено ново училиште за децата од овој крај, а стариот објект е празен. Турското население нема џамија и затоа побаравме од локалната власт во Карбинци да ја отстапи зградата за џамија. Раководството на Општината непријатно не' изненади со одбивање на барањето. Ние немаме друг начин да се избориме за верски објект и целиот случај ќе го изнесеме пред меѓународната заедница“, предупреди Илми Мустафа, жител на Калаузлија, кој прв се потпиша на барањето за добивање џамија.

Селаните велат дека добиле ново училиште со помош на турската организација „Тика“, која во изградбата вложила 65.000 евра. Жителите од турската заедница за овој, како што тие велат „случај на нетолеранција“, го информирале и амбасадорот на Република Турција во Македонија.

Од Советот на Општина Карбинци информираат дека не можеле да го прифатат барањето на жителите од турската заедница, бидејќи старото училиште е сопственост на Основното училиште „Страшо Пинџур“. Ленче Јованова, директорка на училиштето, вели дека испратила службено известување до Општина Карбинци дека спорната зграда во Калаузлија не им е потребна и дека општината може слободно да располага со неа.

Бојанче Стефанов, претседател на Советот на Карбинци, вели дека проблемот ќе биде надминат, само требало време. „Ние сме подготвени да го предадеме старото училиште во владение на Месната заедница од Калаузлија. Но, таму има проблем, бидејќи селата во тој дел немаат формирано месни заедници и нема со кого да потпишеме договор за преотстапување. Ќе ги повикаме луѓето од селото и од соседните Јонузлија и Кепекчалија на разговор и ќе побараме да формираат една месна заедница за трите села. Потоа ќе им го преотстапиме објектот“, ветува Стефанов.

Јуручкото население живее во селата на планината Плачковицам кои се наоѓаат на надморска височина од околу илјада метри. Во пет населби има околу 300 Турци. Тие луѓе, според Илми Мустафа, имаат верски потреби, а ниту еден верски објект. „Обредите ги правиме во просторија од стара зграда, но тоа не е вистинското решение. Има инвеститори што ќе дадат пари за мала џамија. Општинската администрација многу го одолжува процесот. Но, ако велат дека ќе се реши, тогаш останува да веруваме. Тоа што го бараат од нас да формираме месна заедница, ќе го направиме“, додава Мустафа.


#