18.10.2012, 14:45

(ФОТО) „Ми се закануваа дека ќе ми ги убијат децата“



Полицаецот Јаќим Трифуновски сведочеше дека расправијата не била поради паркинг, туку дека е жртва на планиран напад

Текст и фото: Киро Кипроски

Гостивар – „Жал ми е што се случи ваква трагедија.Се затворија три куќи.Покрај семејства на двајцата загинати,страда и мојата фамилија. Починатите да беа живи, вистината ќе излезеше на виделина. Не можам да дозволам да бидат обвинети двајцата починати за инсцинираниот инцидент. Едниот од нив не ме нападна, а вториот учествуваше во вториот напад. Не бев нападнат за паркинг плац, туку непознати лица, без повод и причина, почнаа расправија, ми се закануваа дека ќе ме ликвидираат мене и моето семејство“. Ваква го започна денеска своето сведочење гостиварскиот полицаец 40 -годишниот Јаќим Трифуновски,обвинет за двојното убиство, што се случи на 28 февруари на Бесник Шеапи и Имрам Мехмеди.

Тој тврди дека расправијата ја започнале неколку лица кои не ги познава. Потоа на спротивната страна од уличката се паркирало возило „бмв“, од кое излегол еден од семејството на Фидани. „Ми беше јасно дека расправијата беше инсцинирана бидејќи сум полицаеац, а не поради верска или национална нетрпеливост“, рече Трифуновски, кој два часа зборуваше за настанот.



Појаснувајќи зошто го споменува лицето Фидани, Трифуновски рече дека во центарот на Гостивар, негов брат бил избоден со нож и починал во гостиварската болница, а полицајци не интервенирале да го спречат убиството. Тој рече дека таа фамилија била вклучена во повеќе криминални активности, а тој по службена должност интервенирал во откривање и спречување на трговија со луѓе, шверц со дрога и слично. Поради тоа, често со неговите колеги добивале закани дека ќе бидат убиени.

Главниот претрес се одржа, откако два пати претходно беше одложуван стартот на процесот поради безбедносни причини. Трифуновски вчера во детали го опиша немилиот настан, за кој ниту сонувал дека такво нешто ќе му се случи пред здградата во која живее. Тој тврдеше дека не бил свесен дека ги застрелал момчињата, бидејќи „пукал од лежечка позиција и не гледал каде и во кого пука, оти врз него имало неколку лица“.



„Кобниот ден, со десет годишната ќерка, излеговме десеттина минути порано од вообичаенот. Кога стигнав на паркигот и со далечинскиот управувач да го отворам џипот, ми пријде непознато лице и ми рече: ’Уште еднаш возилото тука да не го паркираш’. Го погледанв и му реков во зградата живеам 35 години и дали моето возило пречи. Непознатиот ми се обрати со зборовите: Те знам полицаецу! Ја отворив задната врата зад возачкото седиште, го ставив ранецот на ќерка ми и истото лице, ја тресна вратата, кога се обидов малечката да ја ставам во возилото. Патот ми го попречи уште едно непознато лице, ме праша каде ќе одам, ја испружи раката и ја фати ќерка ми за ракавот на јакната и ја повлече. Му реков да го пушти девојчето, успеав да ја отргнам од него и и реков на Сара да влезе во возилото“, рече Трифуновски.

Тој додаде дека на спротивната старана со најлон кеси во рацете стоел Севдалија Идризи,кој прв физички го нападнал. Потоа го нападнале уште неколку непознати лица.

„Идризи се обиде да ми го откорне окото, едни ме држеа, други ме тепаа. Незнам како успеав со десната рака од појасот да го извадам службениот пиштолот и испукав еден предупредувачки куршум во воздух. Но, тие продолжија да ме тепаат, се обидуваа да ми го одземат пиштолот, но цврсто го држев,бев совладан, ме оборија на снегот. Успеав да се ослободам и во лежечка положба испукав неколку куршуми незнам каде и во кого пукам“, вели полицаецот.

Кога станал, ја видел ќ��рка си залепена до стаклото во возилото. „Беше уплашена, плачеше и го гребеше стаклото. Во непосредна близина беа двајцата повредени. Успеав да влезам во џипот и низ гостиваските улици возев лудо, со вклучена сирена, се качував на тротоари, но внимавав да не повредам некого. Ме следеаљ со две возила, но некако успеав да им побегнам и да дојда во полициската станица. Го пријавив случајот и побарав семејството да ми го однесат на непозната локација, од безбедносни причини“, сведочеше Трифуновски.

Потоа, продолжи изведување на доказната постапка со сослушување на сведоците предложени од обвинителството.