Нови мистерии околу крвната група на новинарот Танески

Кичевскиот новинар кој беше осомничен за убиства во Кичево имал крвна група нулта, а не Б како што се тврдеше

Даниела Трпчевска

Истрагата за случајот со кичевскиот новинар Владо Танески, кој пред неколку недели беше пронајден мртов во тетовскиот затвор, каде што беше приведен поради убиствата на неколку жени во градот, добива нов тек. Најновите документи кои се пронајдени во семејната куќа на Танески покажуваат дека имал крвна група нулта Rh позитив, а не Б-група, како што беше објавено во јавноста.

Тоа го потврдуваат податоците во воената книшка на Танески, која му била издадена за време на служењето на воениот рок во ЈНА во 1972 година. Семејството на Танески го пронашло овој документ пред неколку дена, во семејниот дом, додека ги средувале старите и зафрлени документи.

Медиумите неофицијално известуваа дека била вршена проверка на поголема група мажи од населбата каде што живееле убиените жени, кои имале крвна група Б, а меѓу нив, наводно, бил и кичевскиот новинар. Од над стотина мажи, како што известуваа медиумите, кои биле опфатени во првиот круг на проверките, истрагата по неколку недели се свела на само тројца, а во последниот круг се фокусирала на новинарот Владо Танески, кој на 20 јуни беше уапсен поради убиството на кичевката Живана Темелковска.

Поттикнати од извештаите во медиумите за крвната група на осомничените лица кои биле во фокусот на полициската истрага, најблиските на Танески меѓу кутиите со стари документи ја пронашле воената книшка во која се забележани медицинските податоци за крвната група на новинарот.

„Знаев дека Владо има нулта крвна група и дека тој податок сум го видела во некои од документите, но не бев сигурна дали се зачувани. Кога ми кажаа во полиција дека е докажано дека Владо ги убил жените според ДНК-анализата и спермата, бев шокирана. Им велев дека имаме нулта крвна група и јас и децата, но не ми одговорија ништо. Потоа ги видов написите во ’Глобус‘ дека 300 лица биле приведени со Б-крвна група, што ми стана чудно и ја побарав воената книшка на Владо“, објаснува сопругата на новинарот Весна Танеска.

Во кичевската болница велат дека од нив било побарана листа на мажи со крвна група Б позитив. Тие додаваат дека направиле селекција на податоците кои веќе ги имаат во нивната архива, во која се складирани крвните групи на лицата на кои им биле издавани лекарски уверенија, на дарителите на крв и на други пациенти. На вкупната бројка на лица што ја поседувале оваа крвна група не се сеќаваат, но додаваат дека меѓу нив бил и новинарот Танески. „Осумдесет и пет отсто од популацијата има позитивна крвна група, додека само 15 отсто има негативна“, додаваат во кичевската болница.

Помошник-министерот за односи со јавноста во МВР Иво Котевски вели дека не се сеќава на која крвна група била фокусирана истрага за можниот убиец на неколкуте жени во Кичево, но додава дека сите податоци околу „случајот Танески“ се доставени до истражниот судија во Тетово.

Неделникот „Глобус“ од 1 јули годинава објави дека „неофицијално, во Кичево се испитувани над 300 лица од машки пол со крвна група Б“ поради убиството на Живана Темелковска, за потоа кругот да се стесни. Ова го потврди за „Утрински весник“ и синот на Живана Темелковска, една од жртвите.

Зоран Темелковски, кој е сосед со семејството Танески, на 23 јуни во текстот „Кичевци не можат да поверуваат во веста за убиецот“ изјави: „Бев шокиран кога слушнав дека соседот Владо е осомничен за убиството на мајка ми. Шест недели живееме во тага и во исчекување да се открие злосторникот. Полицијата спроведе опсежна истрага. Над двесте лица од нашата населба беа под истрага. Во кичевската болница дадовме крв, а петнаесетина лица што имаат крвна група Б беа осомничени како можни извршители на убиството, а по извесно време кругот на осомничени се намали на тројца, меѓу нив беше и соседот Владо“.

Покрај воената книшка на новинарот кој служел војска во 1972 година, неговата сопруга во старите документи ги пронашла и потврдите за смртта на родителите на Танески. За таткото на новинарот се шпекулираше дека починал од сомнителна смрт, а неколку години подоцна починала и мајка му на Танески, за која се говореше дека бил во многу лоши односи. „Во потврдите за смртта на двајцата родители на Владо, кои се заверени од лекар, пишува дека починале од природна смрт“, вели Танеска, вознемирена од шпекулациите во медиумите дека починале под сомнителни околности. Свекорот, додава таа, починал од срцев удар, додека свекрвата, според неа, боледувала од шеќер и имала проблеми со срцето.