МИСЛЕЊА
Зачин и казна
Никола Гелевски
Контрапункт Зачин, значи (т.е. дополнително забиберување), добивме наместо казна (т.е. извлекување нормални консеквенции на одговорност) по катастрофалниот политички пораз што го доживеа државата Македонија во Букурешт.
Ми се чини дека токму затоа не постојат шанси претстојните избори да претставуваат триумф на опасно кусогледата политика на Груевски.
Од друга страна, за „двојката“ што ја добивме од НАТО и ЕУ во ниедна варијанта не може да биде виновна исклучиво Владата на Груевски (иако тој формално носи највисока одговорност и некаква сметка мора да плати; изборите дефинитивно не се таа сметка оти Груевски, мошне арогантно, за сопствениот пораз во Букурешт вината ја бара кај сите други – од архи-непријателот Грција, преку неправедната меѓународна заедница до плипотот локални „предавници“ од сите фели и политички ориентации).
Се' на се', Македонецот како да нема сила спортски да го прифати поразот и спортски да продолжи да се бори, барајќи ја одговорноста, пред се', во сопствените редови. Културата на фер натпревар, впрочем, овде пречесто отсуствувала. Затоа и политиката ни е силеџиска и заканувачка, а не витешка борба на личности, принципи, вештини и програми. Сакаме да влеземе во „првата лига“ од сожалување?! Или уште посмешно: од самосожалување!?
Нервира, значи, ќе повторам, што наместо анализа на грешките и брзо менување на губитничките стратегии, Груевски ни ја зачинува каша-попарата на начин на кој тоа го правеше легендарниот лузер и злосторник Слободан Милошевиќ: секој свој сериозен политички проблем Милошевиќ го решаваше со тоа што ќе создаде уште поголем проблем. Низата од проблеми на крајот беше за цвокотење на забите. Груевски сега го прави истото: евидентно тешкиот букурешки пораз тој се обидува да го направи уште подраматичен и подолгорочен.
За жал, постојат и други сличности во владеењето на Милошевиќ и на Груевски; за Милошевиќ велеа дека е ненадминат тактичар, ама катастрофален стратег. Се разбира, не може да се биде добар тактичар ако се нема јасна стратегија, но, во недостиг од јасни визии, Груевски прибегнува кон неверојатно опасните (како и што се покажа во случајот на Милошевиќ) тактички одолжувања, заменувајќи го отсуството на план со млитаво и нарцисоидно пимплање.
Груевски во технологијата на владеењето потсетува на Милошевиќ и според популизмот кон кој прибегнува; сличност постои дури и во прогласувањето на „патосирачките“ порази во победи (Милошевиќ, да потсетиме, прогласи величествена победа над НАТО по тримесечното бомбардирање во кое Србија, патем, го загуби и Косово; Груевски, пак, многу лошото двегодишно владеење се обидува да го поправи со уште поголема власт и со пумпање на еден лажен, профитерски, неодговорен и контрапродуктивен национализам кој веќе направи сериозни штети – кичерски културни проекти, евтина помпезност, деградација на современата македонска култура и идентитет на „религија и фолклор“ итн. – сето тоа, на ситно, се гледа и во преименувањето на скопскиот аеродром или во поставувањето антички скулптури пред зградата на Владата.
Да бидам јасен: нам конечно ни треба промена на парадигмите на владеење. Граѓаните имаат одлична шанса на скорешните избори да ја побараат таа промена. Промената, се разбира, се состои во реалното преземање одговорност, но и во дифузија на моќта. Продуктивните управувачки системи во светот (па и оние политичките) се' повеќе инсистираат на хоризонтални хиерархии, или, ако употребиме друга геометриска слика, современите лидери сега многу почесто се прикажуваат во центарот на кругот, а не на врвот на некаква пирамида.
Тврдата моќ, за воопшто да биде функционална, мора да биде добро избалансирана со „меката“ моќ. Денес улогата на меката моќ е мошне голема, зашто луѓето веќе не се толку сервилни и снисходливи спрема силеџиските пројави на „тврдата“ моќ. Големиот теоретичар на раководењето Џејмс Мекгрегор Бернс вели дека оние кои се потпираат врз принудата не се лидери, туку само извршители на моќта. Според него, ниту Хитлер не бил лидер, иако и тој морал, макар во потесниот круг, да располага со одредени вештини на меката моќ.
Се разбира, исклучиво меката моќ не врши работа. Интересни се зборовите на еден од најважните американски директори, Џеф Имелт: „Кога раководите со ’Џенерал електрик‘, седум до дванаесет пати годишно морате да кажете, ’ќе го направите тоа онака како што ќе речам јас‘. Но, ако тоа го направите осумнаесет пати, добрите луѓе ќе си заминат. Ако тоа го направите три пати, компанијата ќе се распадне“.
Клучен е, значи, балансот меѓу тврдата и меката моќ, т.е. способноста на лидерите да развиваат таков тип интелигенција и такви управувачки стратегии коишто од мешавината меѓу тврдата и меката моќ ќе создаваат умна моќ, вели харвардскиот професор Џозеф С. Нај.
Да заклучам: Груевски, како типичен претставник на нашава се' уште премногу поданичка и насилничка култура, сосема заигра на картата на „тврдата моќ“ во нејзината „балканско-ориентална варијанта“. Ако е вистина дека Македонија е во пословично историско заостанување дури и во однос на своите соседи, тогаш тактиката на Груевски може да се покаже успешна на избориве. Но, ако општествово барем со еден свој значаен дел навистина сака не само побрз приклучок кон современиот свет туку, пред се', да излезе од поданичкиот менталитет и да прекине себеси да се гледа како безгласна жртва, тогаш изгледа дека Груевски за својот „зачин“ ќе ја добие заслужената казна.
(Авторот е издавач)
|