20.03.2012, 17:19

Интервју: Треба да се срамиме од зборот антиквизација

Директорот на Управата за културно наследство, Паско Кузман, вели дека и понатаму ќе се истражува античкиот период, а терминот антиквизација го смета за смешен. Праисторискиот, средновековниот и отоманскиот музеј на скопското Кале ќе бидат готови до крајот на годината

Катерина Богоева


Март е, време кога скопското Кале како и останатите локалитети со културно историски вредности во земјава станува поатрактивно за посетителите. Кога ќе започне изградбата на планираните три музеи и очекувате ли и годинава како лани политички местенки, можни судири меѓу населението?

Не очекувам ништо, никакви местенки, ниту политички немири и нема да има посебно обезбедување, бидејќи работиме по законски правила и прописи. Ми се чини дека сега работите се нивелирани и нема да има никакви проблеми. Сметам дека конечно проработе свеста меѓу скопјаните, меѓу населението дека работиме за доброто на сите во Македонија. Се' што таму се работеше и ќе се работи на тој простор е за афирмација на зачуваното културно - историско наследство. Планираната конзервација, реставрација и реконструкција на трите објекти од средновековниот, отоманскиот и праисторискиот период за кои знаеме скоро се', ќе започне во мај. Првиот музеј кој што го започнавме лани е од остатоците од црква и треба да го завршиме и во него ќе бидат изложени предмети откриени од средновековниот период. Во вториот, ќе реконструираме објект од Отоманскиот период каде ќе презентираме мноштво откриени предмети за секојдневна намена од тој период. Третиот објект е праисториска куќа од бронзеното време од кое што имаме остатоци во вид на круг и имаме еден прекрасен профил, стратиграфија од културните слоеви. Таа куќа ќе ја подигнеме целата, а во еден дел внатре ќе може да се види стратиграфијата на земјата. Секој што е пољубопитен ќе може да ја разгледува со објаснување на културните хоризонти. Според мене, тоа ќе биде еден од најатрактивните и најдобро презентираните објекти на Кале, а во неа ќе ги изложиме сите предмети од праисторискиот период. Тој ќе биде и единствен таков објект не само во Македонија, туку воопшто и на Балканот. Ќе започнеме во мај, бидејќи до 27 март треба да заврши тендерот за музејот од отоманскиот период. Проектот за праисторискиот музеј е во завршна фаза, по што и за него ќе следува тендер, а тие постапки претходно се завршени за музејот од средновековниот период.



Постои ли забрана за движење на Кале?

Никогаш и немало забрана за движење освен кога беа политичките немири, а агенцијата која го обезбедува Калето беше ангажирана и пред тие настани. Таа ги чува вредностите што археолозите ги открија во текот на археолошките истражувања. Така е впрочем и на поголемите објекти каде има откриени остатоци што мора да се чуваат. Луѓето беа навикнати на тврдината да се шетаат како во парк и затоа сега им се чини дека е забрането. Не е ништо забрането, секој може да отиде и културно да се најави на лице место како секаде каде што се оди со билет и карта, но овде нема билети. Нема да можеме да ја тргнеме оградата и чуварската служба на тврдината, таа секогаш ќе остане таму. Посетителите мора да внимаваат кога се движат, да одат по патеките, да не скокаат по старите ѕидови за да не направат и ненамерно штети. Да не се руинираат археолошките остатоци во кои е вложен труд на 20 - тина археолози.

Годинава паралелно, но со поголем интензитет ќе работиме и на конзервација, реставрација и презентација на археолошките архитектонски остатоци, кои стручните служби предвидоа дека треба да бидат оставени, конзервирани и презентирани пред јавноста.Тоа се остатоци од разни објекти од средновековниот период, работилници од Отоманскиот период, други објекти на кои се уште не им ја знаеме вистинската намена. Но, главно тоа се објекти кои служеле за некои потреби на војниците што живееле внатре и луѓе кои во нив работеле.



До каде се работите со уредувањето на новиот Археолошки музеј крај Вардар ?

Ентериерот не е подготвен за да влезат ниту витрини, а предметите ќе следуваат отпосле, но имаме целосна визија што ќе има внатре. Ќе бидат изложени предмети од трезорите на Музејот на Македонија и од останатите музеи во земјава, од периодот на праисторијата, антиката и средниот век. Покрај тоа ќе има презентација на сегменти од археолошките локалитети и истражувања како и реконструкции. Тоа е модерно сега, го има и во музејот во Пела и на Акропол во Атина. Ќе имаме реконструкција на кочијата од Делчево која ќе зафати голем простор, на подовите ќе бидат поставени оргинални мозаици од ранохристијански базилики кои ги имаме повеќе во Македонија. Се надеваме дека ќе успееме да оформиме една специфична просторија со мумијата од Липково, но мора да бидам скептичен, бидејќи се потребни големи експерти за да успеат неа да ја конзервираат. Се надевам дека ќе успееме да донесеме и копија од саркофагот на Александар Македонски што се наоѓа во Археолошкиот музеј во Истанбул и е единствен од таков. Бидејќи со Турција имаме добри односи, имаме начелни ветувања дека ќе ни дозволат да направиме копија.

Со тим од 20 тина археолози од Музејот на Македонија со кој јас раководам, работиме на каталогизација на сите предмети, така да за отворањето на Археолошкиот музеј подготвуваме и обемен каталог со сите изложени предмети. Тие работи одземаат најмногу време. Тој не треба само технички да се опреми, туку и научно да се определат предметите.

Не' обвинуваат дека копаме, а не објавуваме, но за да објавиш нешто треба 3-4 години само со тоа да се занимаваш. Сето тоа го планираме, а зависи од динамиката на изградба на музејот кој треба да биде отворен до крајот на годината.

Имаше ли спорни предмети кои сметавте дека треба да се донесат од останатите музеи низ Македонија?

Имаше дилема, но немаше доставено специфично барање за скулптурата на „Срамежливата Венера“ од Скупи, која Музејот на град Скопје самиот ја предложи да биде пренесена во новиот Археолошки музеј. Имаше дилема во однос на предметите од прва категорија, како што е златната маска од Охрид и кочијата од Делчево што се наоѓа во Штип, но штипскиот Завод и Музеј без никаква реакција, прифати. Многу од златните охридски предмети за кои јас треба да одлучам, ќе бидат пренесени. По обраќањето до Археолошкиот музеј во Софија и до Народниот музеј во Белград очекуваме да ни дозволат да направиме копии од оргиналите на златни маски од Требениште кои се наоѓаат таму. Исто така, сакаме да направиме копија и на познатиот кратер од Требениште кој го има во тие музеи, но и на уште еден шлем со златна апликација од познатиот охридски локалитет кој се наоѓа во Белград и е со македонскиот штит. Тој досега не беше така третиран во науката.



Дали летово во Охрид конечно ќе може да се види изложена копијата или оригиналот на Златната маска?

Да, со сигурност овој пат тврдам дека тоа ќе се случи и ќе биде многу добро ако успееме, покрај оригиналната маска да ги добиеме и копиите од Белград и Софија. Така ќе ја добиеме посакуваната целина од Требениште која важи за мит меѓу луѓето. Во каталогот за таа изложба на кој работиме ќе има над 350 охридски златни предмети што поединечно ќе бидат опишани и научно ќе се интерпретираат.



Ќе продолжите ли и годинава со истражувања на античкиот период на археолошките локалитети низ земјава, кои континуирано течат и покрај присутните обвинувања за антиквизација?

Ние отсекогаш сме го истражувале античкиот период и ќе го истражуваме понатаму, но терминот антиквизација се уште го сметам за смешен. Не постои процес на антиквизација, ние го истражуваме и презентираме античкиот период на тлото на Македонија кој е најбогат со податоци, но не само овде, туку и на целиот медитерански културен простор. Не само античкиот, продолжуваме и со археолошки истражувања на сите други периоди. А терминот антиквизација изминативе години не ми пречеше мене, туку на Македонија. Ако сме дел од оваа земја и сме Македонци, треба да се срамиме од таков еден термин. Јас и денеска не гледам смисла во неговата содржина.

Што можеме да антиквизираме ние? Затоа што ги ставивме скулптурите пред Владата? Мене премиерот кога ги поставувавме ме праша дали имаме нешто од подоцнежниот историски период, а нави��тина од среден век немаме ниту една скулптура. Да имавме ќе ги наредевме сите. Но, ние имаме скулптури само од античкиот период, не само ние, туку и целиот Медитеран, Балканот и светот има најмногу од тој период. И зошто кај нас треба тоа да е антиквизација, а кај другите не. Веројатно поради спорот со Грција се смета дека се' што сме направиле сме направиле за да ги изнервираме Грците. Тоа нема никаква врска. Ние презентираме се' што е на ова тло, се' што е наше на кое ние сега сме сопственици. Не корисници, сопственици сме на македонската почва! Од тука се' што е на таа почва, се' е наше. Ни грчко, ни турско, наше е. Тоа го сфатиле Италијанците, Римјаните и другите, а тие никогаш не ни направиле проблем што овде многу работи се од римски период.

Не е никаква антиквизација се' што е најдено овде од периодот на хеленизмот, од класичниот грчки период да го извлечеме и покажеме. До сега не можевме да го направиме тоа. Ние имаме неколку лапидариуми во земјава, но предметите таму не се така експонирани како пред Владата.

Првата цел не беше скулптурите да бидат изложени надвор, туку внатре во Владата, но не ни беше дозволено, бидејќи се тешки. Постоеше опасност да потоне катот, а сакавме да бидат во приземјето и на катот. Јас предложив да бидат надвор ги намачкавме со течен силикон и немаат проблеми, иако знаете дека имаше реакции од поранешниот министер за култура Благоја Стефановски до професорката Наде Проева. Сите имаат право да го кажат своето мислење од разни побуди. Јас од мои побуди велам дека се' што сум направил лично и други со мене што правеле и прават сега, сметам дека со извесни грешки и пропусти, се добри работи. Вклучувајќи ги тука и спомениците. За да ја направиме Македонија како што сакаме да ја направиме, бидејќи воопшто не ја правевме, таа само тонеше.



До кога ќе стојат спомениците пред Владата?

Ќе ги тргнеме кога ќе го отвориме Археолошкиот музеј. Уште оваа година се пред Влада, а во музејот ќе бидат во приземјето, во лапидариумот што ќе биде огромен.

И другите археолошки предмети кои сега се во Влада ќе одат во новиот Археолошки музеј.