Се менува фудбалската карта на Македонија

Најпознатите клубови од Македонија во поранешните ЈУ-простори, Вардар и Пелистер, се борат за опстанок во Првата лига

Миодраг Мицковиќ

Кога ќе се погледне табелата на Првата лига по девет одиграни кола, за оние кои не се добри запознати со фудбалските прилики во Македонија сигурно ќе помислат: мора да е грешка, некој ја отпечатил табелата наопаку. Зарем е можно најпознатите фудбалски брендови од Македонија, Вардар и Пелистер, да се наоѓаат на двете последни места на табелата, а таму при врвот некои си Шкендија, Хоризонт, Ренова и Металург се борат за титулата, со далеку подобро салдо од двете последнопласирани екипи. Или, како што се вели: денес си горе, утре долу.

И сигурно ќе се запрашаат: што се случува во македонскиот фудбал, дали полека се менува фудбалската карта во нашата држава. Што е причината за голготата на двата најпознати клуба во Македонија, во ништо подобра положба не се ни поранешните членови на Првата и Третата лига на Југославија, Работнички и Силекс, па и на Брегалница кои во своите најдобри денови кога популарниот Владимир Беара беше тренер, играше видна улога во второлигашката конкуренција на поранешна Југославија. Да не говориме за прилепска Победа, која практично повеќе и не постои поради онаа позната афера на местење на резултатот со ерменскиот Пјуик во квалификациите за Лигата на шампионите.

Што се причините за ваков чуден однос и пласман на клубовите на табелата. Никого не изненадува што Шкендија го води орото, што Ренова, Хоризонт и Металург се при врвот. Имаат богати спонзори, платите и премиите на играчите се исплаќаат на време, имаат и пари да ги купат најдобрите играчи на македонската фудбалска берза.

Со Пелистер и Вардар, па и со Брегалница тоа не е случај. Беспарицата го направи своето, а кога нема пари не помагаат ниту брендови, не помага ниту богата историја на двата клуба кои на Македонија и' подарија плејада одлични фудбалери, кои ја прославија нашата држава играјќи во странските клубови. Но, сето тоа е минато, заборавено. И што е најтрагично и двата клуба се препуштени на стихијата без обид некој да им помогне, да фрли некој денар за да се спасат од оваа голгота.

Некој ќе рече, па зарем Работнички нема силен спонзор, зарем не купи најквалитетни играчи во изминатиот летен преоден рок. Се' е тоа точно, но Работнички го мачат други проблеми, со повеќе газди во клубот, една поделеност меѓу самите играчи, меѓу тие луѓе што раководат со Работнички и кои ги делат фудбалерите на мои и твои. Па чии се тие играчи, па на клубот, на кого друг.

Се менуваат фудбалските времиња. Некогаш Скопје, Битола и Прилеп беа фудбалски центри во нашата држава, кој можеше порано тоа да го оспори. Денес, тој примат на најфудбалскиот град го презема Тетово со три прволигаши и сите во горниот дел на табелата: Шкендија, Ренова и Тетекс, меѓу кои се замешани и еден Хоризонт, некој ќе рече селска екипа, но таа селска екипа има прекрасен стадион и силен спонзор и Металург, кој единствено во оваа ситуација ќе може да им се спротивстави на тетовската тројка во битката за титулата. Но, единствено ако во зимскиот преоден рок, бидејќи има пари направи многу подобра селекција, отколку што ја имаше во овој летен период кога купи просечни, веќе ислужени играчи. Сепак, тоа е работата на клупските луѓе на Металург кои фрлија многу пари без некој поголем ефект.

Сето ова ветува дека ќе гледаме многу поинтересен фудбал отколку во изминатите години кога однапред се знаеше новиот првак. Денес тоа веќе не е случај и тоа е сигурно добро за фудбалот.


#