17.09.2012, 17:59

Полицијата тврди дека разузнавачот не бил убиен

Истрагата покажала дека во неговите гради било пукано одблизу и биле пронајдени барутни честички на неговите раце

Љубиша Станковиќ



Смртоносните повреди на разузнавачот Јонче Грујоски му биле нанесени од неговиот службен пиштол. Во неговите гради било пукано одблизу и биле пронајдени барутни честички на неговите раце. Ова се деталите од истрагата која полицијата ја отвори по трагичното загинување на новоименуваниот разузнавач Јонче Грујоски. МВР ја исклучува можноста дека станува збор за убиство.

Од полицијата велат дека имале потреба од дополнителни проверки и обезбедување искази од колеги на загинатиот, но и од други лица. Токму дополнителните проверки потврдиле дека загинувањето на Јонче Грујоски не било предизвикано од друго лице. Резултатите од истрагата на МВР се совпаднале со оние на Институтот за судска медицина и криминалистика. Така, било констатирано дека пукањето в гради било од сосема мала оддалеченост. Куршумот што бил смртоносен потекнувал од неговиот службен пиштол, а методата на парафинска ракавица покажала присуство на барутни честички.

Со оглед на тоа што истрагата за МВР е затворена, по комплетирањето на сите докази што беа наредени од истражен судија ќе треба да се очекува уште една наредба со која и формално ќе биде затворена истрагата.

Разузнавачот Јонче Грујоски во петокот попладне беше пронајден со прострелна рана од огнено оружје. Со оглед на тоа што Грујоски во Агенцијата за разузнавање е вработен пред само неколку месеци, се јавија сомнежи што упатуваа на можноста неговата смрт да била насилна. Сомневањата беа уште позасилени по сознанието дека станува збор за лице кое е искусно во својата професија и вешто во ракување со огнено оружје.

Професионалната кариера на Грујоски започнала уште на негова 18-годишна возраст кога се вработил во Министерството за внатрешни работи. На почетокот тој бил униформирано лице за потоа да премине во елитните специјални единици. Грујоски извесно време бил припадник и на Специјалната полициска единица „Тигри“, а како што неофицијално се дознава, бил и во сега расформираната единица „Лавови“.

Без малку цели десет години Грујоски работел како инспектор во Одделот за недозволена трговија и шверц, а зад неговото име се врзувале неколку успешни акции и заплени. Од пред неколку месеци Грујоски заминал на новото работно место во Агенцијата за разузнавање.