Земјотрес во дворот на Ахмети

Слабее позицијата на ДУИ во власта

Александра М. Митевска


Во последно време не е лесно да се биде во кожата на Али Ахмети. Лидерот на ДУИ, партијата чие влегување во Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги подгреа очекувањата за побрз пробив на Македонија на патот кон Брисел, деновиве доживеа уште еден удар. Информацијата дека во двор во Тетово биле пронајдени досиеја што сведочат за соработка на тројца функционери на ДУИ со тајните служби на поранешната СФРЈ, силно ја потресе владејачката партија од албанскиот блок. Нејзините вечни ривали од ДПА, кои речиси две години функционираа зад кулисите на политичката сцена, конечно, покажаа заби - во екот на лустрацијата. И да не испадне ништо од обвинувањата за кодоши во раководството на ДУИ, партијата тешко ќе ја надомести штетата.

„Сега е јасно дека Ахмети е заложник на досиејата за негови најблиски соработници. Затоа тој не прави ништо, односно ќе направи се' што се бара од него за да го покрие скандалот“, коментира аналитичарот Нијази Мухамеди. Тој вели дека четирите досиеја не се единствен проблем за ДУИ, бидејќи многу команданти од раководството на партијата биле наметнати од разни структури.

Дали последните настани ќе ја ослабат позицијата на ДУИ во рамките на владејачката коалиција? Партијата која подолго време се споменуваше како одлучувачки фактор за промена на распоредот на силите на политичката сцена (преку растурање на партнерството со ВМРО-ДПМНЕ и распишување вонредни избори) постепено губи здив. Партијата која влезе во власта со амбиција да се наметне како фактор во меѓународната политика и во преговорите за името, сега е преокупирана со внатрешните проблеми и со конкурентската битка во албанскиот камп.

Ахмети, за време на последната посета на Брисел и средбите со евродипломатите, ставил на знаење дека не планира да ја напушти власта и да испровоцира предвремени избори. Веројатно нема да му биде лесно да го исполни ветеното ако новиот годишен извештај на ЕК и ноемврискиот самит на НАТО не ја поттикнат надежта за деблокирање на евроатлантските перспективи на државата. Уште потешко ќе биде да се одржи дадениот збор ако опозициските партии на Албанците ги реализираат најавите за протести во ноември, поради незадоволството од понудениот закон, според кој, треба да се реализира пописот следната година, но и поради етноцентричните политики на власта и загрозената меѓународна позиција на државата.

Навистина, во последно време е впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ покажува поголема флексибилност кон барањата на коалицискиот партнер: во Скопје ќе никне плоштад посветен на Скендер-бег, случајот „Сопот“ е вратен на повторно судење, се зголемува бројот на нововработени во администрацијата според рамковниот принцип за правична застапеност... Но, дали е тоа доволно за ДУИ да го задржи убедливото водство во албанскиот политички блок на листите за популарност, во ситуација кога партијата ја тресат афери, а нејзините основни заложби не се реализираат. Според последната анкета на вмровскиот институт „Павел Шатев“, Ахмети води со 5,8 проценти, бројка што, сепак, е помала од збирот на рејтинзите на неговите ривали - Мендух Тачи- 3,3 отсто, Имер Селмани - 1,9 и Руфи Османи - 1,5 проценти. Неодамнешната анкета на „Дневник“, пак, покажа дека се зголемува процентот на неопределени гласачи кај Албанците. „Албанскиот електорат нема алтернатива и затоа гласа за ДУИ. Да имаа друг избор ќе се откажеа од ДУИ за еден ден“, коментира Мухамеди.

Аналитичарот Сефер Тахири, пак, вели дека позицијата на ДУИ почнала да слабее од првиот ден кога влегла во оваа Влада, без потпишан коалициски договор за реализирање на заложбите на албанскиот партнер. Потоа, како што наведува Тахири, ДУИ го прифати мораториумот за етничките прашања што го наметна ВМРО-ДПМНЕ, а на ослабување на нејзината позиција влијаеше и распределбата на ресорите во Владата, бидејќ�� албанскиот партнер не е соодветно застапен на политичко ниво во власта. „Лошата кадровска политика го засили впечатокот дека ДУИ е декор во власта. Албанските партнери во Владата и претходно имале таква улога, но овој пат тоа особено боде очи, бидејќи ДУИ влезе во власта со големи амбиции, а малку од тоа се реализира. Последните удари што ги доживува партијата, веројатно, дополнително негативно ќе се одразат на нејзиниот рејтинг“, заклучува Тахири.










#