30.12.2011, 12:37
Експертите предвидуваат нова рецесија во ЕУ во 2012



Во текот на 2012 година рецесијата одново ќе ги зафати земјите-членки на ЕУ, предвидуваат 25 водечки британски и европски експерти кои работат како надворешни советници на Банката на Англија, јави дописникот на МИА од Лондон.

Во предновогодишната анкета на Би-Би-Си осумина од нив сметаат дека еврозоната нема да го дочека крајот на следната година во истиот состав, затоа што очекуваат дел од земјите-членки да се откажат од еврото. Другите експерти очекуваат сегашниот состав од 17 земји од зоната на еврото да се намали за меѓу 30 и 40 отсто.

Во анкетата учествувале 27 европски и британски експерти и само двајца од нив не очекуваат нова рецесија во земјите од Европската Унија.

Оценката на мнозинството експерти за нов пад на европската економија, се објаснува со долгата криза со внатрешните долгови во еврозоната. Според нивното мислење, мерките што владите во зоната на еврото мораше да ги донесат околу долговите, нормално ќе го забави економскиот раст, а тоа ќе предизвика натамошно поткопување на довербата на главните финансиски пазари.

Во периодот јуни-септември оваа година, растот на економиите во еврозоната изнесува само 0,2 отсто, додека растот на целата ЕУ е 0,3 отсто.

Економските експерти кои учествуваа во оваа анкета на Би-Би-Си очекуваат Банката на Англија и натаму да ја задржи основната камата од само 0,5 отсто во Велика Британија, што е воведена по кредитниот удар пред три години.