06.10.2011, 15:01 Нема случајност, туку лош однос кон филмот
Режисерот на „Панкот не е мртов“, Владимир Блажевски, ситуацијата околу кандидирањето на филмот за номинација за „Оскар“ смета дека е смешна и тажна.
Со два дена доцнење, копијата на филмот „Панкот не е мртов“ вчера стигнала во Американската филмска академија, а Филмскиот фонд на Македонија бил известен дека кандидатурата ќе биде прифатена. Режисерот на филмот Владимир Блажевски на прес-конференција што ја организираше Филмскиот фонд рече дека кандидирањето на филмот, што се случувало додека тој со филмот бил на фестивалите во Приштина и во Лондон, му изгледа како филмска ситуација, смешна и тажна во исто време.
„Смешна поради една препознатлива балканска рашомонијада, а тажна зашто покажува една грда и злобна енергија која мислам дека владее. Сигурен сум дека е тоа намерно направено и дека тука нема никаква случајност. Но, во исто време не ме засегнува. Во врска со нашиот филм имаше и многу полоши и поопасни сопки. Ова беше сведоштво како без причина и од сосема апсурдни мотиви постојат луѓе кои се спремни да расипуваат и спречуваат“, рече Блажевски на прес-конференцијата на која беа и главните актери Јордан Симонов и Камка Тоциновски.
Продуцентот Дарко Попов рече дека минатата среда во ДФРМ ги предал документите за филмот, а копијата на филмот од тој ден е во Фондот. „Копијата не може да тргне предвреме ако не знаеме дека ние сме претставникот од Македонија за ’Оскар‘. До денеска јас немам ништо на писмено дека ’Панкот не е мртов‘ ќе биде претставник за Македонија, а како што знам, во саботата е донесена конечната одлука дека ќе оди. Ако е во саботата донесена одлуката, тогаш копијата најрано може да се прати во понеделник зашто во сабота ДХЛ не работи“, рече Попов.
Според директорот на Фондот Дарко Башески, се уште е нејасно дали се работи за дилетантизам или за субверзија. За забуната што во јавноста се создаде овие денови, директорот на Фондот ги прозва медиумите зашто не провериле на официјалната веб-страница на Академијата. Филмот не е поканет да учествува и на домашниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на кој годинава ќе нема ниту еден македонски филм. И тоа, според Блажевски, е манифестирање лоша енергија.
|
|