Смената на Кекеновски го засени стартот на уписите

Професорот Ѓорѓијовски се изненадил кога го повикале за да му кажат дека е новиот в.д. декан

Оливера Војновска

Смената на деканот на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професорот Љубомир Кекеновски (по само 11 месеци од доаѓањето на функцијата) и назначувањето на професорот Благоја Ѓорѓијовски за в.д. декан на оваа високообразовна институција, целосно го засени стартот на уписите на студентите во прва година. Шефот на катедрата за менаџмент, професор Ѓорѓијовски, завчераутро се изненадил кога го повикале во Деканската управа (каде што тој е член) за да му кажат е новиот в.д. декан. Ѓорѓијовски, кого вчера го сретнавме на Економскиот факултет, ни кажа дека накратко се видел со Кекеновски, но одби да ја коментира новонастанатата ситуација и не' упати во Ректоратот. Тој е прилично претпазлив и не сака да избрзува со какви било квалификации. Само кусо ни рече дека „му треба најмалку една недела за да ги согледа состојбите на Факултетот и да може да излезе со изјава во јавноста“. Додаде дека нема други промени во Деканската управа на Економски факултет и дека продеканите за финансии и за настава, вонредните професори Зорица Божиновска -Лазаревска и Горан Петревски остануваат на функциите. Новиот декан треба да се избере во рок од шест месеци.

Ѓорѓијоски има 59 години и во неговата биографија е запишано дека на Факултетот работи од 1974 година. За редовен професор е избран во 1999 година, а научна преокупација му се организација, информациони системи, менаџмент и деловно комуницирање. Тој е автор на книгата „Менаџмент информациони системи“, а има објавено и 50 статии во зборници, годишници и списанија.

Предвременото завршување на мандатот на Кекеновски предизвика внимание во јавноста, најмногу поради тоа што тој важеше за близок на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, вчера никој не сакаше да говори за смената на Кекеновски, кој на Интернет-страницата на Економски факултет се' уште се води како декан на оваа институцијата. Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, не беше во Ректоратот за да даде официјална изјава за разрешувањето на Кекеновски. А , како што ни беше кажано, тоа не можел да го стори никој друг во Ректоратот.

Па, во отсуство на официјални информации, се плетат различни приказни за причините зошто мораше да си замине од функцијата цели три години порано. Според едни, „во прашање се политички мотиви“, а според други се работи за „сериозни пропусти во раководењето со Факултетот“ и такви информации, наводно, кружеле на Факултетот повеќе од еден месец.

Недостапен за коментар беше и Кекеновски. Тој вчера не се појавил на Факултетот. Некои од вработените на Економски вчера саркастично коментираа „а кој декан го барате?“ Други, пак, воопшто не знаеја дека има промени. Како и повеќето од студентите кои беа дојдени за консултации пред септемвриската сесија.

Кекеновски (48) беше избран за декан во септември минатата година по разрешувањето на Бобек Шуклев, кој беше на оваа функција 13 години. Во биографијата објавена на сајтот на Економски, меѓу другото, е наведено дека докторирал во 1999 година на темата „Новата положба на јавниот сектор со посебен осврт на профилирањето на јавниот сектор во Македонија“. Предмет на научна преокупација на Кекеновски е јавниот сектор, фискалната економија и теорија на јавен избор. Автор е на книгата „Јавниот сектор во развиените пазарни стопанства“, како и на 10 статии објавени во земјава и во странство.

Довчерашниот декан на Економски факултет беше еден од потписниците на кандидатурата на претседателот Ѓорѓе Иванов. Тој едно време беше и член на Советот на Народна банка.


#