16.12.2012, 16:49 Во СДСМ се стркалаа крупни глави, дали тоа ќе ја засили или ќе ја ослаби партијата?
Црвенковски објави опозициска офанзива ставајќи ја Владата пред „земи или остави“ во предвечерјето на гласањето на новиот буџет
Наум Котевски
Драматичен викенд имаа опозициските социјалдемократи во изминатите два дена. За првпат во историјата на партијата е извршена чистка на највисоко ниво во која настрадаа екслидерот и експремиер Владо Бучковски, некогашната тупаница на СДСМ во Ресен и доверлив човек на Црвенковски - Димитар Бузлевски и Виктор Цветковски – чие име не е толку познато во јавноста но кое се врзува за независна кандидатура на изборите напролет.
Јасната одлука на Социјалдемократскиот сојуз на три месеци пред локалните избори да направи радикален пресврт во својата стратегија и да тргне во конечна офанзива викендов доби конкретни облици, кои објективно може да предизвикаат нивно радикализирање на политичката сцена во државата.
СДСМ исто така прати сигнали кон својот најголем политички противник ВМРО-ДПМНЕ, праќајќи му јасна порака дека се сериозни во намерите да не учествуваат на избори доколку не се направат измените во Изборниот законик според препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
„Сакаме јасно да порачаме. Овој пат нема да помине политиката на власта за одолговлекување, а потоа ставање пред свршен чин, како пред парламентарните избори во 2011 година. Доколку во изборниот закон не се направат неопходните измени и не се вградат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, и доколку не се исчисти избирачкиот список ние на претстојните локални избори нема да учествуваме“, рече партискиот лидер Бранко Црвенковски на прес-конференција која беше финале на неколкучасовната седница на Централниот одбор на партијата – највисок партиски орган меѓу два конгреси.
Овој став, како што велат од СДСМ, благовремено се соопштува на три месеци пред изборите па секој, според нив, има време да се преиспита и соочи со сопствената одговорност за сите последици, и за земјата и за демократијата во неа.
Како дел од новата стратегија на СДСМ, е и ставот на партијата дека ќе поднесе предлог како да се скратат речиси 250 милиони евра непродуктивни трошоци од предложениот буџет за 2013 година. Доколку тоа власта не го прифати СДСМ се изјасни дека нема да ги повлече амандманите, со што амандманската расправа во Собранието може да продолжи во недоглед, а целокупната одговорност за тоа социјалдемократите ја префрлаат на Владата.
Пораката од „Бихаќка“, во рамките на обидот за рекомпонирање и заострување на политичката борба, е јасна. Доколку власта не ги напушти клучните полиња на тврда политичка моќ нема да има ниту избори, ниту буџет.
Социјалдемократите, за првпат, направија уште еден потег: повторно ги вратија во своите партиски редови Есад Рахиќ – кој беше своевремено исклучен од партијата и Никола Ќуркчиев некогашен секретар и сива еминенција во СДСМ кој подоцна се пасивизираше. Тие се нови членови на Централниот одбор кои треба да бидат своевидно засилување пред претстојните избори. Рахиќ важи за теренец – политички булдожер кој едно време беше во комбинација со Љупчо Јордановски – починатиот шеф на парламентот од СДСМ кој подоцна се разиде со партијата откако Црвенковски во улога на претседател на државата го врати од амбасадор во Вашингтон. Рахиќ беше познат како жесток критичар на работата на СДСМ и како што велеше „недостиг од демократија во партијата на Црвенковски“.
Првите реакции по драматичниот викенд во СДСМ се дека најголемата опозициска тешко ќе може да ги пресретне внатрепартиските превирања сега откако отвори процеси на внатрешно чистење. Образложението за партиските исклучувања е дека според Статутот на партијата без дозвола на матичната партија никој не смее да објави независни кандидатури (Бузлевски и Цветковски) и никој не смее континуирано да работи против интересите на партијата (Бучковски).
Вчера во политичките кругови се отвори дебата дали СДСМ се држел до одредбите од Статутот кои овозможуваат исклучување од партијата. И Димитар Бузлевски и Владо Бучковски се на став дека не се почитувале партиските закони. Според Бузлевски исклучувањето е последица на политичкиот декрет на потесното раководство и притоа вели дека таква одлука можел да донесе само општинскиот огранок во Ресен, чиј член е тој.
И Бучковски, кој во исклучувањето не гледа „збогум“ туку „довидување“ како што вели до изборот на новото раководство на конгресот во мај наредната година, е изненаден од тоа што Централниот одбор не побарал од него да ги изнесе своите аргументи како што тоа го налага Статутот.
Како може да бидеш исклучен од партијата
Доколку членот на партијата се зачлени во друга политичка партија, или се кандидира како независен кандидат, односно како кандидат на листа на друга политичка партија, без согласност на СДСМ, тоа може да биде причина за престанок на неговото членство, се вели во членот 15 од Статутот на Социјадемократскиот сојуз. Причини за разделба може да бидат и прифаќање на кандидатура за функција или функција во законодавната, извршната или локалната власт од страна на друга политичка партија, без согласност на СДСМ, како и работење и дејствување спротивно на Статутот и Програмата на СДСМ. Но во членот 19 се дообјаснува дека одлука за опомена, односно одлука за исклучување донесува Извршниот Одбор на општинската организација или Централниот одбор на СДСМ. Во постапката за исклучување мораат да се приложат докази (документи и изјави). Основ за донесување на одлука е усната расправа. На усната расправа задолжително се повикува членот против кого се води постапката за исклучување и тоа во сите степени на постапката. Извршниот одбор на општинската организација и на ЦО на СДСМ, пред кои се води постапката, дозволуваат присуство на член по барање на членот за кој се води постапка, кој би бил негова поддршка во постапката. На расправа се води записник.
Петар Арсовски жртва на фалсификувана порака
Централниот одбор на СДСМ и одлуките што се донесоа на него вчера предизвикаа и жестока битка во која не се избираа средства и преку електронските пошти. До електронската пошта на „Утрински весник“ а и на повеќе други медиуми стигна информација, наводно, испратена од адреса и со потпис на Петар Арсовски, во која тој наведува сериозни повреди на Статутот на СДСМ при исклучувањето на Бузлевски, Бучковски и Цветковски, како и дека на Централниот одбор на партијата присуствувале само 60 членови од вкупно 90 и дека таму намерно не биле Ана Павловска Данева, Зоран Заев и Радмила Шекеринска.
Инаку, Заев и Шекеринска, навистина биле отсутни но Шекеринска заради повреда на ногата, а Заев бил на служеб пат во странство. Во пораката пак се вели дека Шекеринска не присуствувала бидејќи таа своевремено го исклучила Рахиќ од партијата и сега не се согласува со негово враќање. Арсовски итно демантираше. „Таа порака е фалсификат. Јас немам таква електронска адреса. Се работи за груба манипулација и обид за конструкција“, рече тој.
|