29.12.2011, 15:52 Премиере кога ќе го смените името?
Пратеникот Имер Алиу од ДПА го запраша премиерот Никола Груевски на почетокот на денешната седница на Собранието посветена на пратеничките прашања.
„Господине премиер, кога ќе го смените името на државата за да започнат евро-атланските процеси во неа“, го запраша премиерот Груевски на почетокот на денешната седница посветена на пратеничките прашања пратеникот Имер Алиу од ДПА.
Алиу претходно остро ја критикуваше и работата на Теута Арифи, вицепремиерката за евроинтеграции.
Премиерот Груевски, како одговор на Алиу, ги повтори главните точки од процесот кој години наназад се води помеѓу Република Македонија и Грција околу спорот со името.
- Грција сега презентира досега историски најрадикални ставови за името. Ова не се тврди ова се најрадикални ставови, што Грција ги имала во овој историски спор за името. Ние повеќе од седум - осум месеци немаме комуникација со нив, тие одбегнуваат средби со нас, на секој можен начин и на секое можно ниво, истакна премиерот Груевски.
- Владата прави максимални напори во рамки на своите можности да се изнајде решение со кое ќе се надмине спорот со Грција, додаде премиерот Никола Груевски, кој напомена дека Владата ќе продолжи да работи во истиот правец, со сите сили и потребни инструменти.
- Во минатиот период преку различни форми, преку формата на ОН, медијаторот Метју Нимиц и преговарачите и преку директни средби со претставници од другата страна, остваривме многу средби и контакти, обиди да се надмине прашањето и да се реши спорот. За жал, не дојде до тоа, иако имаше многу напори и обиди од наша страна. Жалам што во последните 6-7 месеци од другата страна имаме игнорантски однос во однос на нашите напори. На почетокот тоа беше брането како ситуација која произлегува од финансиската криза во Грција, но во последниот период имаме отворени изјави од нивниот премиер оти тој не чувствува дека прашањето за името е во негов мандат, истакна премиерот Груевски кој порача дека очекува од сите страни да ја почитуваат одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
И на последната за оваа година седница наменета за пратенички прашања овој демократски институт повторно беше крајно девалвиран од страна на власта меѓу кои и пратениците на мнозинството. Најпрво, поради доцнење на премиерот Никола Груевски седницата започна со скоро цел час задоцнување, а овој пат иако немаше подадени ливчиња со нарачани прашања, сепак пратениците на владејачкото мнозинство повторно го злоупотребија институтот пратенички прашања. Нивните прашања беа полни со пофалби до Владата и премиерот, а откако на долго и на широко добиваа одговори кои безмалку заличуваа на годишен отчет, благодарни поставуваа и дополнително прашање.
„Му благодарам на претседателот на Владата за одговореното прашање, но би сакал да се задржите на одредени моменти од оваа тема и затоа сакам да ви поставам дополнително прашање...“ На овој начин се водеше комуникацијата меѓу пратениците од власта и премиерот Груевски. Улогата за поставување прашања кои му се допаѓаат на премиерот овој пат ја имаше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Спасеновски. Одговорите и од премиерот и од министрите на прашањата на пратениците од власта беа исцрпни со широка експликација. И по одговорот од 10 минути следуваше одговор и на дополнителното прашање од уште 10 минути. Ова предизвика нервоза кај опозиционерите, кои револтирано ја напуштија седницата.
|
|