Нови давачки за алкохолот во големите маркети

Ако сакаат да продаваат алкохол, сопствениците на повеќе од три маркети, покрај 15.000 денари за секој објект, ќе мора да платат плус 0,05 отсто од вкупниот лански промет

Александрија Стевковска

Трговците ќе се откажат од продажбата на алкохол доколку стапат во сила измените на Законот за трговија, со кои се предвидуваат дополнителни давачки за продажба на алкохолните пијалаци. Тие вчера реагираа и до Министерството за економија барајќи повлекување на спорниот член, откако еден ден претходно ги вжештија телефоните за да се договорат како да настапат пред надлежните органи.

Трговците кои досега плаќаа лиценца за продажба на алкохол, сега ќе треба да плаќаат и плус давачки, а тоа посебно ќе ги погоди големите трговци. Владата ги усвои и сега се во собраниска процедура измените во Законот за трговија, кои предвидуваат дека лиценцата по истекот на рокот за кој е издадена може да се продолжи, на барање на трговецот на мало, кој врши промет на алкохолни пијалаци, но под нови услови.

Законските измени предвидуваат намалување на цените за продолжување на лиценците за продажба на алкохол, кои сега чинат 20.000 денари и важат две години. Во иднина, доколку Собранието даде „пас“ на измените, сопствениците на малите колонијални продавници, како и оние што имаат една фирма со најмногу три продажни објекти, за продолжување на лиценците ќе треба да платат 5.000 денари за секој продажен објект.

Оние што имаат повеќе од три продажни објекти ќе треба да платат по 15.000 денари за секој маркет, плус 0,05 отсто од вкупниот промет остварен во претходната година.

Токму поради обврската да плаќаат 0,05 отсто од вкупниот остварен промет, што значи од продажбата и на сите други производи во маркетите, а не само на алкохолните, е најсилниот револт на големите трговци.

На пример, под претпоставка дека големите синџири маркети имаат годишен промет од 50 милиони евра, тоа значи дека за лиценцата ќе треба да платат 25.000 евра, плус 15.000 денари за секој продажен објект.

Засега останува енигма дали новите лиценци што ќе се издаваат ќе важат една година или, како и досега, две. Од Министерството за економија информираат дека станува збор за законски измени во подготовка, поради што не можат да прецизираат колкава ќе биде важноста на новите лиценци. Во образложението на овој закон се наведува дека иако ваквите дозволи не треба да имаат рок на трајност, со оглед на обврската за заштита на јавното здравје, се задржува временското ограничување на важноста на лиценцата, со можност таа да се продолжи.

Трговците велат дека новите давачки ќе значат банкрот за нив, бидејќи тие ќе немаат сметка да продаваат алкохол, па велат дека ќе се откажат од држењето алкохол на полиците во продавниците.

„Станува збор за предлог-закон кој треба допрва да биде разгледан од коморите, но мислам оти е повторно мерка што нема позитивно да влијае на нашето работење“, истакнува Бети Ицева од „Веро“.

Оваа одредба ќе има реперкусии и врз малите дуќани, кои можат да бидат повеќе позитивни од негативни. Имено, поради помалото финансиско оптоварување тие ќе продолжат со продажба на алкохол, а нема да треба и да издвојуваат 0,05 отсто од ланскиот промет за продолжување на лиценците. Тоа би значело поголем прилив и преземање на муштериите од големите маркети.

Според поголемите трговци, законските измени и дополнителните давачки за продажба на алкохол ќе имаат негативен одраз и врз производителите на алкохол, бидејќи ако не се продава во големите маркети, веднаш ќе се намали побарувачката и кај нив, која и така е драстично намалена од стапувањето во сила на забраната за продажба на алкохол навечер.

Со овие законски измени се дозволува и продажба на алкохол во продавниците во рамките на зелените пазари. Сепак, во новата регулатива продолжува да важи забраната за продажба на алкохол во продавн��ците на бензинските пумпи и во трафиките.

Власта реши да го измени законот во некои делови, но не и во ограничувањето на продажбата. Имено, алкохолните пијалаци во продавниците од вчера повторно се продаваат само до 19 часот, место до 21 ч. како што беше во текот на летото. Скратеното време за продажба ќе важи до крајот на април, по што од 1 мај до крајот на септември алкохол ќе може да се купи до 21 часот. Ограничувањето на продажбата на алкохол почна да важи пред околу две години, кога беа направени измени во Законот за трговија. Но, граѓаните и трговците се' уште се незадоволни од таквата одлука. Продавниците што ќе го прекршат законот и ќе продаваат алкохол навечер се соочуваат со забрана за вршење дејност во траење од седум или 15 дена, одземање на пијалаците, како и со парична казна до 5.000 евра. (А.С.)


#