Фељтон

Kолку УДБ-а беше нашата судба (2)

Прислушуван и Јосип Броз Тито

Удбашите се делеле на разузнавачи и ликвидатори. Едните не смееле да знаат за другите

Виктор Цветаноски


Која била УДБ-а што ги создала илјадниците досиеја? Како функционирала таа? Зошто црните петна од нашето поблиско минато се поврзуваат токму со неа?

По војната, најпрво била создадена ОЗН-а (Одделение за заштита на народот) а во 1946 година по нејзината реорганизација се преименувала во УДБ-а (Управа за државна безбедност). Функционирала на сличен принцип како и советската служба за безбедност КГБ. Се состоела од четири главни отсеци: внатрешни непријатели, емиграција, странски тајни служби и техника за следење и прислушување. Во првите повоени години, главно, се занимавала со елиминација на непријателите на новата власт, кои соработувале со окупаторите. Од 1948 година нејзина главна задача била пресметка со „внатрешниот непријател“, пред се', со комунистите за кои се сомневало дека ја поддржуваат Резолуцијата на Информбирото.

Првата половина на шеесеттите години од минатиот век УДБ-а станала толку моќна така што го загрозувала и самиот Јосип Броз Тито. Тогаш бил сменет Александар Ранковиќ поради познатата афера со прислушување на маршалот. Истовремено била извршена голема чистка и смена на нејзиното комплетно раководство. По реорганизацијата, ќе добие ново име - Служба за државна безбедност (СДБ), но за народот и натаму ќе си остане УДБ-а. Две години по падот на Ранковиќ, таа ќе биде федерализирана и секоја република формирала сопствена служба за безбедност.

И по реорганизацијата, СДБ продолжила со ликвидации, пред се', на противниците во странство. Емиграцијата, особено усташката, била најагресивна и напаѓала се' што имало врска со Југославија. Тогаш агентите на УДБ-а и екстремната емиграција започнале вистинска војна во многу западноевропски и прекуокеански држави при што имало многу жртви.

Се тврди дека емиграцијата во периодот од 1945 до 1985 година извршила околу 700 терористички напади на разни југословенски дипломатски и други претставништва. На 7 април 1971 година од усташки терористи смртно беше ранет југословенскиот амбасадор во Стокхолм, Владимир Роловиќ. Атентаторите Миро Барешиќ и Анѓелко Брајовиќ беа фатени и осудени во Шведска. Барешиќ за време на војната во Југославија бил доброволец во хрватската војска. Загинал под неразјаснети околности. Се претпоставува дека го ликвидирале луѓе на поранешна УДБ-а.

Напад на југословенски дипломати има извршено и македонски емигрант од Велес, кој ги ранил конзулот и еден службеник во конзулатот во Гетеборг. Во тоа време настрада и македонскиот дипломат Благоја Анакиевски. Работеше како прв секретар на југословенската амбасада во Брисел, а тешко го рани Албанец, по што остана траен инвалид.

На 20 јуни 1972 година во Југославија влезе група од 19 екстремни хрватски емигранти, која стаса до централна Босна. Тогаш беа ангажирани огромни сили за нивно ликвидирање. Притоа загинаа 15 полицајци и 1 цивил. Десетмина терористи беа убиени, а деветмина фатени и судени на смрт.

УДБ-а жестоко ќе возврати на нападите. Од 1945 до 1990 година нејзини агенти ликвидирале осумдесетина емигранти. Имало и 24 неуспешни атентати и осум грабнувања со смртни последици и ранувања. Меѓу убиените, најбројни биле Хрвати. Од ма��едонските емигранти, убиен е Благој Шамбевски. Меѓутоа, нема сигурни докази дека убиството го извршила УДБ-а. Подоцна е грабнат Драган Богдановски и потоа тајно суден во Скопје.

Луѓе што работеле во Службата за безбесност велат дека таа морала да презема се' за да ја заштити заедничката држава и дејствувала според истите принципи што ги користеле и ги користат државните служби за безбедност во светот. Наспроти тоа, постојат мислења дека нејзини агенти ги злоупотребувале овластувањата. Врховниот суд на Словенија, на пример, ја прогласи УДБ-а за злосторничка организација, затоа што таа не само што се занимавала со разузнавачка дејност, туку организирала разни криминални активности, па дури конструирала и кривични дела, фабрикувала или подметнувала обвинувачки докази за политички противници на системот.

Помошникот на шефот на УДБ-а за Словенија, Алберт Светина, во книгата „Од ослободителна борба до бандитизам“ пишува дека службата се занимавала и со криминални работи. Доколку на некои луѓе на ОЗНА или на членовите на ЦК им се допаднел некој стан или куќа, ќе ги запоседнеле, а сопствениците ако се противеле ќе ги сместеле зад решетки. За некој да стане член на УДБА, најважен критериум бил да е вистински комунист и да е подготвен да го ликвидира непријателот. „Не на фронт со оружје, туку во својата околина или каде било на друго место. Удбаши станувале обични луѓе, но подготвени да убијат, без разлика дали се работи за роднина“, пишува тој. Според него, удбаш бил човек без душа, подготвен да направи се' што ќе побара УДБ-а. Поради тоа, во своите редови прибирала убијци. Така ОЗН-а (подоцна УДБ-а) станала банда на убијци, натопени со болшевизам и сталинистичка бездушност. „Удбашкиот систем, по углед на советскиот, беше построг и понечовечки од гестаповскиот. Удбашите се делеа на разузнавачи и ликвидатори. Едните не смееја да знаат за другите“, открива Светина многу тајни на УДБ-а.

Состојбите во Македонија по ништо не се разликувале од словенечките. Сите служби на бившите југословенски републики работеле според ист терк. Првите години по војната и македонските удбаши, вовеле страховладение. Има многу примери кои го илустритраат тоа. Имало многу апсења на недолжни граѓани, дури и ликвидации без судења. Не само тогаш кога се пресметувале со соработниците на окупаторот, туку и подоцна, кога им ги земале имотите на побогатите за време на колективицазијата и Резолуцијата на ИБ. Многу семејства и ден денес не знаат во која дупка се фрлени телата на нивните стопани откако биле одведувани од УДБ-а.

Голема била моќта на удбашите. Неоспорно е дека меѓу нив имало и чесни луѓе, но и такви кои правеле што сакале. На пример, ако на некој од нив му се допаднела нечија сопруга, сестра или снаа ќе направел се' за да ја има. Ги уценувал на разни начини, ги доведувал во ситуација да го молат за да го спасат најблискиот, а единствен услов бил да спијат со него. Во Штип некој удбаш ја силувал жената на осуденик за обединета Македонија во присуство на неговите деца. Карактеристичен е еден друг случај со една убава вдовица на паднат борец од охридско село. Удбашите ја повикувале во селскиот дом навечер „загрижени“ за неа некој да не ја малтретира. За да не биде сама со себе, го земала и свекорот. Тој ја чекал надвор, а тие внатре се изживувале со неа. Постарите беровци се сеќаваат на еден делчевски моќник, кој стаса до највисоките врвови на власта, користејќи ја удбашката моќ ги присилувал средношколките од беровската гимназија да спијат со него.

За да дојде до информација за „непријателот“, УДБ-а користела разни методи и средства. Меѓу другото, во семејствата уфрлала луѓе за да шпионираат. Најчесто ги женеле со ќерки или сестри на жртвите или, пак, ги присилувале зетовите да станат кодоши. Може ли човек да го замисли животот на семејство, кое на масата на која се појадува, се руча или се вечера, седи кодош, кој ти го брои секој залак и ти го мери секој збор. Слушнав најмалку за десетина примери, но имињата на тие што биле следени и на нивните зетовци шпиони не треба да се споменуваат, зашто за таквите валкани игри на УДБ-а не треба да знаат нивните потомци.

Има случаи УДБ-а на тие што ги следела да им местат жени или, пак, на на нивните сопруги да им подметнуваат љубовници за да ги кодошат. За шпионирање биле ангажирани и ученици. Еден професор ни раскажа како ученик гордо му се пофалил: „Молчи професоре, голема работа свршив за државава“. А каква работа свршил?! Предал негови сооченици кои говореле за обединета Македонија.

Од сите што биле судени за Македонија најмалку половината од нив станале соработници на УДБ-а, а од информбировците никој не можел да го напушти Голи Оток ако не потпишел дека ќе соработува со неа. Има еден карактеристичен случај од Битола за соработник на УДБ-а. За време на војната неговиот татко бил со окупаторот за што бил стрелан, а тој осуден на смрт, а подоцна казната му била заменета со 20-годишен затвор. По излегувањето на слобода станал соработник на УДБ-а. Кога се отворија досиејата се дозна дека ги шпионирал најпознатите вмровци во Битола.

Во првите години по војната, криминалот и политиката биле ставени во ист кош. Тогаш ОЗН-а на селаните им го земала опиумот од афионот и го продавала во странство како што сега се продава дрогата, а од парите купувале лекови. Меѓутоа, селаните за својот труд не добивале ни скршена пара, а ако се побунеле, завршувале во затвор.


#