Бошкоски ќе ја освојува Македонија од Битола

Дали ќе се подели вмровското тело на претстојните претседателски избори

Гордана Дувњак

Ексминистерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, и негови блиски пријатели и соработници ќе формираат граѓанско здружение посветено на европската идеја. Официјалната промоција на новата иницијатива, за која се' уште не се знае дали ќе биде здружение или движење, ќе се случи на 17 октомври во Битола.

Во јавноста веќе се проширија информации дека во поддршка на проектот на Бошкоски се вклучени членови и поранешни функционери од ВМРО-НП. Се споменуваат имињата на Ден Дончев и Филип Петровски, но забележливо е отсуството на неговите досегашни најблиски соработници Мане Јаковлевски и Горан Митевски од Здружението за поддршка на ексминистерот.

Никој од посочените вчера не беше расположен јавно да ја коментира оваа идеја, а уште помалку да каже дали е можно граѓанското здружение да прерасне во политичка партија, која ќе му помогне на Бошкоски во реализирањето на неговите планови за вклучување во трката за шеф на државата.

Сопругата на ексминистерот за внатрешни работи, Виолета Бошкоска, вчера не го криеше изненадувањето од најновите шпекулации.

„Не знам какви се овие муабети што се шират. Нашиот куќен став е дека целото внимание и енергија во овој период мораме да ги насочиме на претстојниот судски процес. За нецели три месеци не' чека судски процес во Хрватска и тоа е она што е најважно за нашето семејство“, ни рече во телефонскиот разговор Виолета Бошкоска.

Судскиот процес за „Раштански Лозја“ е закажан за крајот на февруари идната година во Жупанискиот суд во Пула. Повеќе од една година безуспешно трае и преписката на македонското Министерство за правда со хрватските правосудни органи за враќање на предметот во Македонија, кој своевремено беше отстапен.

Сепак, извори блиски до Бошкоски тврдат дека тој не мирува и ги користи своите ѕвездени мигови на популарност. Новиот проект во чие средиште е повратникот од Хашкиот трибунал се објаснува како намера, преку организирани трибини и јавни дебати, да се промовираат идеите за европска Македонија. Тоа, како што велат, ќе биде одлична шанса ексминистерот лично да им се заблагодари на сите оние кои во изминатиот период му давале огромна поддршка за време на неговиот престој во Хаг.

„За изминативе два-три месеца Бошкоски помина речиси 30.000 километри и се сретна со огромен број луѓе.Но, на овој начин ќе може да се отворат јавни дебати и директно да се разговара за она што ни се случуваше, но и за перспективите на оваа држава“, велат некои од луѓето со кои вчера контактиравме.

И покрај тоа што иницијаторите на овој започнат проект барем засега се обидуваат да го сместат во некакви граѓански рамки и се воздржуваат од прогнози во што може да прерасне еден ден, намерите на Бошкоски не се тајна. Тој не ги крие своите политички амбиции, како и желбата да се испроба како претседателски кандидат напролет. Неговиот претходен обид за учество во трката за татко на нацијата пропадна поради законски пречки, а подоцнежните настани не само што го елеминираа од изборниот натпревар туку го отстранија на подолго време од државава.

Враќањето на Бошкоски на голема врата во Македонија и се' уште големата популарност што ја ужива кај дел од македонските граѓани повторно ги подгреаја неговите амбиции за освoјување на претседателската фотелја. Многумина се убедени дека токму тука треба да се бара и главната причина за несогласувањата со Јаковлевски и со Митевски кои, како што се тврди, отворено се спротивставиле на таквата негова намера.

Уште за време на престојот во Шевенинген, Бошкоски им се доверил на соработниците дека има намера да биде наследник на Бранко Црвенковски. Тој не ги послушал нивните совети дека треба да се откаже од оваа своја идеја и да се посвети на претстојниот суд��ки процес, но и на жалбената постапка која е во тек за случајот „Љуботен“. За време на неколкуте разговори на оваа тема му било предочувано дека тој не може да биде „претседател само за Македонците и за дома“, јасно алудирајќи на неговиот лош меѓународен имиџ, но и на релациите со Албанците.

Јаковлевски, кој важи за еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, е против идејата Бошкоски да биде кандидат на друга партија, која би можела да биде конкурент на владејачката партија. Неофицијално дознаваме дека контактите на Јаковлевски и на Митевски со Бошковски во последно време се толку многу проретчени што тие дури и се откажале од своето истапување во име на Здружението.

И покрај тоа што луѓето блиски до ексминистерот се обидуваат да создадат привид дека тој е во еднакво добри односи и со сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и со поранешниот Љупчо Георгиевски, информациите говорат дека на актуелниот премиер му е преку глава од дружбата со Бошкоски. Неофицијално се дознава дека тој упорно се труди да се дистанцира од Бошкоски, упатувајќи му порака преку посредници дека доволно направил за него.

Според некои прогнози, со евентуалното вклучување на Бошкоски во изборната трка, тој би можел да освои дури 30 отсто од гласовите на традиционалното вмровско гласачко тело. Респективен процент, кој веројатно добро им е познат на првенците на владејачката партија. ВМРО-ДПМНЕ веќе демонстрира први знаци на нервоза, бидејќи покажува дека нема намера да го дели високиот рејтинг со никого, а уште помалку со контроверзниот воен херој .

Извори на „Утрински весник“ тврдат дека секое појавување на Бошкоски низ внатрешноста будно се следи од партијата на власт, па дури е испратена директива до локалните партиски шефови да внимаваат на секој негов чекор.