Мислења
Финансиска катастрофа во МНР (2)
Филип Петровски Поради нереагирањето на премиерот, се чини дека финансиските дубиози во МНР, констатирани од ревизорот, можеби и се толерираат
Еве помина уште една седмица, а се' уште нема официјална реакција од премиерот во врска со ревизорскиот извештај во МНР. Бидејќи наголемо се зборува дека Владата ќе му застане на пат на секој можен криминал, очекував дека по прашањето на МНР и финансиските дубиози направени во 2008 година ќе има посилна реакција. Зашто сите сме сведоци на долгите серијали кога се приведуваа полицајци, цариници, работници на патарина и слично, кои се обвинуваат за 5, 10, 50 евра. Тие минуваат месеци во притвор, без основни човекови права. Но, кога имаме на тацна случај со многу поголеми суми, нема реакција. За да биде иронијата уште поголема, од МНР изјавија дека биле задоволни од извештајот на ревизијата?! Бил многу подобар од другите години. Ова е невидено лицемерие и игнорантство, калкулирано врз неупатеноста на пошироката јавност. Барем за тоа се виртуози.
Од друга страна, пак, на Интернет ангажираните хеклери ми поставија прашање мене - дали би било поинаку јас да сум бил министер. Интересно е кога неуки те напаѓаат, односно во овој случај го бранат ненаменското трошење на народните пари. Решив да одговорам, затоа што во отсуство на вистинска полемика, ова прашање заслужува одговор. За жал, министерот нема одважност и храброст сам да одговори, па мора да ангажира неупатени лица, кои поради корка леб мора да го бранат тоа што не се брани. Груевски знае дека немав намера да бидам министер. Никогаш тоа не сум го побарал. Она што ме интересираше беше да се спроведе квалитетна реформа во МНР. На тоа работевме со години, додека ВМРО беше во опозиција. Беа вклучени десетици луѓе, по мерит-систем, кои се образувале и специјализирале во областа на надворешната политика. Исто така, на документот за реформа работеа и професионалци со долгогодишно искуство во МНР. Документот му е предаден на рака на Груевски во јуни 2006 година.
Уште во 2006 година во колумна напишав: „Реформата мора да почне веднаш. Не смее да се губи време. Мора да се изработат амандманите за измена и дополнување на Законот за надворешни работи, со цел да се заостри прашањето за работна, финансиска и безбедносна дисциплина во Министерството и во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП). Веднаш потоа мора да следува изработка на сите подзаконски акти (правилници, уредби, упатства и инструкции), со цел консеквентно имплементирање на Законот за надворешни работи, кој беше усвоен на почетокот на годинава. И на крај, сето ова треба да се одвива со максимална транспарентност. Вака може да се застане на нозе. Се' друго е конформизам и плитко гледање на нештата“.
Министерувањето на Митрева практично беше погодно за опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, затоа што таа не направи ништо позитивно и остави широк простор за дејствување и примена на подготвената реформа. Митрева се покажа како исклучително отпорна министерка на професионални влијанија и доследно до крај ја спушти македонската дипломатија под нивото на секое достоинство. Но, мандаторот Груевски имаше проблем со МНР при составувањето на Владата. Сите бегаа од тоа Министерство. Зошто? Тоа Министерство беше толку искомпромитирано од неговиот дотогашен министер, па ќе беше ѓаволски тешко да се подигне на нозе. Сосе Министерството, Митрева ја искомпромитира и целата дипломатија, која затоа асоцираше на нешто сосема друго. Меѓутоа, од само нему познати причини Груевски се определи да го донесе од работа во Германија, привремено, Антонио Милошоски. Човек, кој годините додека бевме како партија во опозиција, не се појавуваше во партијата. Ниту, пак, беше дел од екипата за надворешни работи. Уште помалку помагаше да се состават програмите на комисијата. Исто т��ка, познато е дека тој немаше искуство во надворешните работи. Со неговото повикување за министер, практично, Груевски се определи да постави човек кој нема ниту еден ден работно искуство во дипломатијата...
Македонската дипломатија, напротив, заслужуваше конечно некој да се зафати сериозно со работа и да ја постави на нозе. Наместо тоа добивме министер, кој се затвори во својот кабинет и ја води надворешната политика само со неколку луѓе. Тој е заинтересиран да посети што повеќе семинари и да се прошета. Тоа се однесува и на луѓето од неговиот кабинет, кој е составен од пријатели и од роднини. Упатените знаат дека воопшто не е заинтересиран како функционираат другите делови од Министерството и, секако, амбасадите. Поради тоа, може да му се случи да се исплатуваат илјадници евра во амбасадите за режиски трошоци, со пресметки кои не соодветствуваат со вистинските. Само ако министерот е незаинтересиран за законско работење може да се случи да се потрошат два милиона денари за службени патувања во 15 амбасади на лица од Секторот за финансиско и материјално работење, кои требало да помогнат да се изработат месечните извештаи за редовното финансиско работење. Истовремено, во амбасадите има со решение задолжени лица да ја вршат токму таа функција. Тие за тоа примаат и додаток на платите. Ревизијата констатирала дека токму поради ова се создава концентрација на функциите, што е ризик од необјективно прикажување на расходите. Згора на се', низа ДКП не доставуваат свои финансиски извештаи, со што се оневозможува објективна контрола.
Во Прага, каде што е сместен блискиот пријател на министерот, кој на почетокот на неговото министерување беше и државен секретар, пет месеци по ред се префрлале по 1.700 евра за закупнина, иако амбасадата е вселена во објект кој и' припаѓа на нашата држава. Што е ова ако не расфлање на народните пари. Како никој да не е заинтересиран да контролира колку и каде се префрлаат парите на Министерството. Или, министерот не смее да чепка по суверената амбасада во Чешка, знаејќи ги линковите на Илиевски?
Од политичка гледна точка, катастрофа е да се утврди дека и покрај крвничкото трошење на парите во МНР, не се уплатени членарините на Република Македонија во меѓународните организации или тоа се прави со огромно задоцнување. Во МНР не се воспоставени постапки што ќе следат дали се вршат исплати во организациите во кои членува Македонија. Што е ова ако не несериозен однос на министерот? Но, се чини, поради нереагирањето на премиерот дека тоа можеби и се толерира. Но, ова не е се'. Ревизорскиот извештај набројува и многу други неправилности и незаконско работење. Нема логика да продолжам. Ќе ми бидат потребни уште неколку текстови за да набројам се'. Затоа ги упатувам заинтересираните внимателно да го прочитаат извештајот на Интернет. Се надевам дека на овој начин ќе се подигне свеста на јавноста за тоа како се трошат државните пари.
И на крај да одговорам на прашањата од почетокот на овој текст, дали ќе било различно јас да сум бил министер. Да, господа. Доколку бев на која било одговорна позиција во МНР, сигурно немаше да биде вака. Затоа што знам со што се соочувам и како треба да се направи реформа.
(Авторот е докторанд по меѓународна
политика)
http://filippetrovski.blog.com.mk/ |