Портрет
Петарда во арсеналите на НАТО
Мартин Треневски
Лицето и опачината на најновата провокација на Скопје кон најмоќната воена Алијанса
Соња Крамарска
Во триаголникот Василка Треневска - Глигор Попоски - Никола Груевски, велат високи владини извори, треба да се гледаат мотивите за назначувањето на Мартин Треневски за македонски амбасадор во НАТО. Втората сопруга на Треневски, Василка, е ќерка на некогашниот декан на Економскиот факултет во Прилеп, Глигор Попоски, кој со премиерот Груевски изгради блиско пријателство додека тој ги полагаше таму испитите по економија (1989-1994).
За личност со толку богата политичка кариера, Треневски е речиси анонимус во дигиталното царство на податоците – „Гугл“. „Тоа е затоа што најзначајниот дел од неговата професионална биографија се испишуваше во времето на поранешна Југославија“, цинично коментираат во ВМРО-ДПМНЕ алудирајќи на врските на Треневски со дијаспората, која во југословенскиот режим ја карактеризираа како „бунтовна“.
Митре Треневски, синот на кичевецот Злате Треневски, инаку близок соработник на Лазар Колишевски, подоцна ќе го замени своето име Митре со Мартин. Така ги потпишува и неговите вести што ги испраќаше до некогашната најмоќна пропагандна машинерија Танјуг, од далечната Австралија. Оттогаш, всушност, датираат и неговите блиски врски со дијаспората кои ќе бидат инспирација на премиерот Љупчо Георгиевски во 1998 година да го послуша советот на Никола Кљусев и да го постави Треневски за министер за иселеништво.
„Јас сум дојден во ВМРО-ДПМНЕ преку Борис Змејковски“, им објаснуваше Треневски на своите сопартијци во почетокот на 1990-тите, кога според зборовите на поранешниот лидер и основач на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, Кљусев го инаугурира некогашниот дописник на Танјуг за министер за информации во првата постјугословенска македонска влада.
Треневски подготвено го дочекува падот на таа влада и набргу (1995) воспоставува врска со Паневропската унија - најмоќната и најстара невладина организација во Европа, основана и управувана од Ото фон Хабсбург. Разгранокот на Паневропската унија во Македонија го добива својот лидер - Мартин Треневски, кој ќе се задржи на тоа место цели 15 години. По неговото разрешување во почетокот на 2010 година, Паневропската унија во Македонија е управувана од Марјан Ѓорчев.
Сепак, ништо нема да го разниша толку Мартин Треневски колку што беше тоа првата изложба на МПО (Македонска задгранична патриотска организација) во Крушево. Тој замина во Крушево како министер за иселеништво во владата на Љупчо Георгиевски, а се врати како контроверзна личност со необјаснети блиски релации со МПО. Генералниот секретар на МПО, Љубен Топчев, на истата свеченост, во присуство на министерот Треневски, ќе воскликне: „Основната цел на МПО е самостојна, суверена и обединета Македонија со главен град Солун“.
Треневски тогаш ќе објасни дека соработката со МПО како најстара и прва емигрантска организација на Македонците, како што рече, прв ја почнал претседателот Киро Глигоров, а по него работата ја продолжиле амбасадорката во Вашингтон, Љубица Ачевска, министерот за надворешни работи, Љубомир Фрчкоски, и други. На неговите оцени, силно реагираше Блаже Ристоски, негов политички соборец од првата експертска влада, кој ја нарече МПО пробугарска организација.
Ако ги прашате денеска многу видни вмровци, особено такви што извршувале значајни функции, веднаш по осамостојувањето на Македонија, тие со голема резервираност зборуваат за Треневски. Никој не сака да даде оцена за него јавно, но низ добро одбрани фрази даваат до знаење дека Мартин Треневски и за нив е голема енигма.
Љубомир Фрчкоски, кој по осамостојувањето на Македонија вршеше функции министер за внатрешни работи, а потоа и министер за надворешни р��боти, неодамна во интервју за А1 двосмислено ќе изјави: „Најголемиот дел од министрите во експертската влада 1990-1992 ги доведе Киро Глигоров како негови пријатели, а подоцна излезе дека тие биле сите вмровци“. Оваа провокација на Фрчкоски, како негов придонес во расветлувањето на периодот 1990-1998, остана без натамошни анализи, но сосема сигурно фрла поинаква светлина врз меѓусебните односи на некогашните комунистички кадри каде што недвојбено припаѓа и Треневски. Според неодамна изречените квалификации за НАТО, комунистичката идеологија бездруго се' уште е присутна кај Треневски, а со тоа и кај Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кои стојат зад неговата амбасадорска номинација во НАТО.
Љупчо Георгиевски, уште една контроверзна фигура на македонската десница, пред само неколку месеци ќе фрли „бомба“ во македонската јавност, изјавувајќи дека речиси половина од првото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и луѓето што гравитираа таму - биле бугарофили. Но, за Треневски, рекол подоцна Георгиевски, не може да се каже тоа. „Неговите ставови (кон НАТО) оддаваат проруска ориентација“, гласела оцената.
Фактот што Македонија беше дел од некогашна Југославија беше пресуден за испреплетувањето на политичкото минато и иднина на некои од моќните ликови во тоа време. Треневски ја прави таа транзиција сосема мирно и неговата кариера се движи по нагорна линија, од министер за информации и министер за иселеништво до амбасадор во Кралството Шведска назначен од Георгиевски и генерален конзул во Канада назначен од Груевски. Во Канада, Треневски во почетокот ги потпишувал сите документи како амбасадор Мартин Треневски - генерален конзул, што предизвикало реакција од тамошните власти кои барале јасно разграничување на дипломатската позиција на македонскиот претставник.
Треневски, по враќањето од амбасадорската функција во Шведска, ќе поведе и судски спор со овдешното Министерство за надворешни работи кое одбивало да го прими на работа. Извори од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека подоцна и министерот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, одолжувал со таа работа, но на интервенција на Груевски, Треневски повторно се враќа на голема врата во македонската дипломатија.
Љубителите на класичната музика веројатно не знаат дека познатото скопско Радио Класик е во сопственост на Мартин Треневски, или поточно управителка е неговата ќерка од првиот брак Бела Треневска, но на чело на фирмата „Гаудеамус“ која стои зад радиото е амбасадорот. Неговите пријатели го опишуваат како многу амбициозна личност и љубител на антиквитети. „Тоа се забележува и во неговиот дом и во пасијата на Мартин да врши прошетки низ Мариово во потрага по такви раритети“, ни рекоа блиски пријатели на Треневски.
Новинарските помодари секогаш бараат балансираност во опсервацијата на јавните личности, но кога е во прашање идниот македонски амбасадор во НАТО, Мартин Тренески, едноставно не е можно тоа. На вагата секогаш натежнува страната на непоматената политичка кариера во два система, која во македонски услови завршува речиси на највисоко ниво што може да го достигне еден дипломат - столче во НАТО. И сето тоа проследено со бројни контроверзии кои е тешко да се расветлат во услови на максимално извртување на стратегиските приоритети на земјата од страна на Владата.
„Солидарноста е нешто што со политички речник може слободно да се дефинира и како политичка и економска агресија на земја-членка на Алијансата врз земја-кандидатка за членство“, рече Треневски во својата беседа пред заминувањето на должноста во Брисел. Идната седмица ова време, доколку се' оди според планираното, Треневски веќе ќе биде македонски амбасадор во НАТО. Но, во чие име тој ќе говори? Во име на националистите во Македонија или во име на интересите на државата? |