Разводите станаа како добро утро
БИТОЛА - Разводите станаа како добро утро за битолчани. Како никогаш досега расте бројот на разводи, и тоа најмногу кај семејствата со по две деца. Четириесетина бракови на битолчани пропаднале во првите десет месеци од оваа година. Но, состојбите, реално, се уште полоши. Голем дел од партнерите живеат раздвоено иако разводот не го запечатиле судски.
Транзицијата, сиромаштијата, невработеноста, неверството се најчестите причини за растурање на браковите, покажуваат анализите на Министерството за труд и социјална политика.
„Лани во Битола судски завршија 46 брака. Меѓутоа, годинава бројката е рапидно зголемена. За само неколку месеци имаме 30 разводи“, вели Виолета Гаџовска, директорка на Центарот за социјални работи во Битола.
Растурањето на браковите и распаѓањето на семејствата најмногу ги погодува децата. Црните семејни статистики покажуваат дека иако еден од родителите во најголем број случаи и натаму се грижи за децата, не е исклучено грижата за нив да ја преземат и институциите. На децата тогаш не им бега Домот за доенчиња и мали деца од Битола или други прифатилишта за деца без родители, како и згрижувачките семејства.
„Семејството е во одредена криза. Токму затоа имаме и сплет на околности кога целата таа криза се прекршува врз децата. Тие мора да бидат сместени во институција. Но, тука е важно да се каже дека паралелно со децентрализацијата се одвива и процесот на деинституционализација. Што значи дека не само во Европа, туку и кај нас не можеме голем број од децата да ги оставиме да живеат во институции, во огромни капацитети, како во касарни“, смета Душко Миновски, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика. (А.Б.) |