03.05.2012, 17:57 Си велам
Најголемиот проблем
Ерол Ризаов
Штом политичарите ќе прогласат нешто за приоритет, од тоа нема ништо
Дефинитивно најголемиот проблем на Македонија се политичарите. Штом нешто ќе прогласат како приоритет во нивната работа веднаш знам дека од тоа нема ништо. Можам да ви набројам стотици примери од големата стратегија за намалување на невработеноста и на сиромаштијата до евроатланските интеграции и европеизацијата на Македонија, од заштита на човековата околина, до заштита на човековите права и слободи, од цунами на странски инвестиции до функционирање на правната држава...... Резултатите ги знаеме сите, ама не ги чувствуваме подеднакво.
Овојпат да видиме што е со ветувањата за поголемата медиумска независност и самостојност на новинарите и уредувачките тимови. Убаво се сеќавам како да беше вчера кога премиерот Никола Груевски по првите сто дена откако седна на најжешката фотелја, ги повика главните уредници на јавна тркалезна маса. Бев воодушевен од гестот на младиот Груевски, со кого како лидер на опозицијта, но и пред тоа како министер за финансии и за трговија веќе имав одлична соработка и добри професионални релации. Си реков, еве конечно еден македонски премиер кој вистински ја разбира улогата на медиумите и кој во новинарите не гледа политички противници, или послушници, туку сериозен и значаен сегмент на едно демократско општество. Бев убеден дека Груевски има доволно самодоверба достоинствено и такт да ги издржи нормалните, па и пожестоките критички опсервации од кои не се поштедени ниту премиерите, ниту владите на најбогатите, најразвиените демократски земји, со највисок стандард. Иако веќе имаше јасни сигнали дека Груевски има сериозни проблеми со сопствениот демократски капацитет, сепак, бев убеден дека брзо ќе го преброди овој веројатно вроден хендикеп бидејќи не ќе може да заборави оти ја освои власта благодарение не само на лошото владеење на СДСМ, туку можеби и повеќе на медиумите, кога буквално го расчеречивме последниот премиер на социјалдемократите поради аферите и скандалите кој секој ден осамнуваа на насловните страници и ударни вести. Ако денес ги споредиме бачилата на Владо Бучковски со тендерите на Никола Груевски, овој првиот ќе излезе наивен како мало дете.
Неисе, иако масата беше тркалезна, знам, каде седи пашата, таму е челото. Се вклучија камерите на МРТВ во директен ТВ пренос. Си направивме убав муабет. За жал, првпат и последен пат, јавно. Груевски ни' кажа дека многу полага на демократизацијата на Македонија и дека тој клучен процес за развој не е можен без независни и слободни медиуми. Во мојата агенда на работа ќе биде и поголемата независност на медиумите, вети Груевски. Потоа, убаво се изнаприкажваме, за економски и политички реформи, за демократијата и улогата на медиумите. Оттогаш поминаа шест години и многу вода протече по Вардар ама работите во медиумската сфера се вратија многу поназад отколку што беа.
Многу бргу се виде дека Груевски во јавните гласила гледа исклучиво како на пропагандистички концерн кој во однос на „фабриката“ на Бучковски е медиумска империја. Некогашните протекционистчки субвенции на државата за медиумите кои претходните влади ги сервираа по три кафени лажици дневно како горчлив лек за тешко болни пациенти, се претворија во милиони евра рекламни кампањи, или кажано попрецизно во невидена медиумска корупција. Брзо се заборавија критичките опсервации за злоупотребите на претходните влади. Финансиска поддршка, отворено се кажа, можат да добијат само медиумите кои ја поддржуваат власта. Од буџетот, за тие што ја критикуваат власта, нема ни денар. На повеќе средби што ги имав со Груевски беше сосема отворен: „не може да објавуваме владини кампањи во медиуми кои се критички настроени кон власта. Тоа се сдсмовски медиуми“. Груевски во крит��ките гледа и препознава антивладино и антидржавно делување кое е нарачано од опозицијата. А во буџетот гледа како на владина каса.
Вториот силен притисок Груевски го изврши преку сопствениците на најгледаните телевизии кои како пајтон партии во бракот од интерес со власта како невестински чеиз ги донесоа своите телевизии. Тие ТВ куќи што не се вклопија во оваа шема исчезнаа. Се разбира, по законски пат, како и сите законски тендери. Оваа влада е специјалист сите свои интереси да ги оствари по законски пат. Ако законот не е во согласност со уставот, тогаш по законски пат ќе се сменат судиите, ако и тоа не е доволно ќе се смени и Уставот.
Еве уште едно медиумско злосторство по законски пат. Преку разни квазинституции со звучни имиња и невладини организации, индиректно и директно финансирани од владата, со поддршка на апологетските новинари во Македонија се изместени критериумите за тоа што е добро, професионално и објективно новинарство. Поддржувачите на власта и хроничарите на владините успеси сите обиди да се опсервираат објективно владините политики и да се критикуваат злоупотребите на власта и центрите на моќ ги дочекуваат како непријателски, јавно ги жигосуваат новинарите со навреди, дискредитации, омаловажувања, клевети и компромитации. Власта стимулира подземна валкана војна против своите критичари. Првичната самодовреба на Груевски и Владата брзо целосно се изгуби. Научни институти се впреганати во скапа кампања да се докаже дека добро новинарство е само она кое е наклонето на власта. Дури и во еднопартискиот систем се сметаше за новинарски подвиг и храброст да се критикуваат грешките на власта, а не да се фалат успесите.
Од мојот незаборавник еве уште еден интересен детал: кога новоизбраниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов 2009 година приреди прием за главните уредници во новата претседателска резиденција, храбро истапи дека не е задоволен од рангирањето на македонското новинарство во светските асоцијации. Претседателот Иванов, тогаш, вети дека во неговата работна агенда ќе се најде поголемата слобода и независност на медиумите и новинарите. Според „Репортери без граници“ тогаш бевме на пристојното 34-то место, денес сме некаде под облаците близу стотка, а според „Фридом хаус“ една од најмеродавните светски медиумски асоцијации со најиздржани оценки и ранг листи, 2006 година кога Груевски ја освои власта бевме на 98-мо место во светот, денес по шест години сме на 115 место. Ете со овие веќе познати податоци им го честитам 3 мај денот на независноста и слободата на медиумите, пред се' на колегите новинари, главните уредници, сопствениците на медиуми, на македонската критична и интелектуална јавност. Максус селам, посебна честитка до премиерот Груевски и претседателот Иванов за големите достигнувања откако ја ставија слободата на новинарството во нивна работна обврска. Во иднина, малку нека заборават на тие напорни ангажмани, нека на се претргнуваат со работа. Може така ќе ни биде поарно на сите. |