Лисици уште првиот ден - уапсен Љубе Бошкоски

„Алфите“, наводно, пронашле 100.000 евра во автомобилот на лидерот на ОМ, кои биле наменети за финансирање на кампањата

Гордана Дувњак


Само десетина часа по објавувањето на првичните неофицијални изборни резултати и победата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, припадниците на посебната единица „Алфи“ вчера во скопскиот елитен ресторан „Воденица“ го уапсиле лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Да биде иронијата уште поголема, популарниот брат Љубе, чија изборна кампања се темелеше токму врз заканите за апсење, како што изјавуваше, „на петчлената криминална банда“ и на полнење на затворите за криминал и корупција, прв се најде на удар на законот, наводно, поради незаконско поседување голема сума пари наменети за финансирање на неговата изборна кампања, како и поради наводна злоупотреба на службената должност и овластување како одговорно лице во неговата политичка партија.

Веста што бомбастично ја објавија некои електронски медиуми малку пред 15 часот, експресно се пронесе во јавноста и беше примена со голем неверување во политичките кругови и меѓу членството и симпатизерите на контроверзниот брат Љубе. Неговите најблиски соработници беа затечени од многубројните новинарски повици и немаа одговор што се случува. Огромна вознемиреност се чувствуваше и кај неговите најблиски, кои телефонски се обидуваа да разберат што се случило.

Неговата сопруга Виолета, која ја најдовме како чека во полициската станица, во кусиот телефонски разговор ни рече дека „никој ништо не и' кажува“.

„Отидов во ресторанот веднаш откако ми јавија, но сите ми велат дека ништо не виделе и не знаеле“, разочарано ни изјави неговата сопруга, која е убедена дека нејзиниот сопруг е наместен и е првата политичка жртва на власта по изборите.

Како што се ширеа информациите, така во штабот на Бошкоски што се наоѓа на четвртиот кат на зградата на воени инвалиди почнуваа да пристигнуваат активисти, кои во чудо се обидуваа да разберат нешто повеќе. Многумина беа убедени дека станува збор за „класична фабрикувана афера и одмазда спакувана од ’фамилијата‘, на чело со првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, кого Бошкоски многупати го прозиваше за наводен криминал и сомнителни трансакции во странски земји“. Лидерот на ОМ во партијата се појавил на еден час и потоа во придружба на својот возач, заминал на средбата во „Воденица“.

Провладиниот весник „Вечер“ меѓу првите на својата веб-страница објави ексклузивни снимки од апсењето, информирајќи дека Бошкоски бил долго време следен и пријавен од некое лице, на кое, наводно, по петти пат му изнудувал пари со рекет. Според првичните информации, автомобилот на Бошковски, кој бил уапсен во ресторанот каде бил во друштво на пријатели, бил детално претресен и, наводно, биле пронајдени околу 100.000 евра во кеш. Во близина на ресторанот беше забележана многу полиција и се проверуваа доказите. Со лисици на рацете, лидерот на Обединети бил однесен на информативен разговор во полициската станица Автокоманда, а на приведувањето присуствувал и неговиот син Панче. (Г.Д.)


#