МВР потврди дека полицајци биле дел од изборните нерегуларности

Уапсени се 40 лица кои биле дел од изборните инциденти. МВР не чувствува одговорност
Даниела Трпчевска
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вчера потврди дека припадници на полицијата учествувале или немо ги набљудувале изборните нерегуларности во неделата, но не чувствува одговорност за прекршувањата на законот. Според Јанкулоска, во инцидентите биле инволвирани поединци, но тоа го направиле по сопствено наоѓање, додека најголемиот дел од полицијата во неделата покажал дека максимално професионално и чесно може да ја врши својата работа.
„Потфрлија политичките лидери, чии членови симпатизери не ги почитуваа насоките дадени и од политичките раководства и од меѓународната заедница“, е ставот на првиот човек на МВР по жестоките критики упатени од меѓународните претставници во земјава, кои побараа да бидат отстранети службените лица кои повеќе им биле лојални на партиите отколку на својата професија. „На прегласувањето на избирачките места на кои имаше проблеми, полицијата професионално ќе излезе да ги врши задолженијата без никакви притисоци“, вети вчера првата полицајка.
Бројните нерегуларности на изборниот процес во изминатите три дена резултираа со над 40 пријави и приведувања лица кои биле инволвирани во инцидентите.
Бројката на приведени, како што најавуваат од полицијата, и понатаму ќе расте, оти во тек се активности за пронаоѓање на „лошите момчиња“. „Се работи и на испитување на евентуална вмешаност на функционери или политички лидери во иницирање на овие случувања“, вели Јанкулоска.
Засега тројца припадници на МВР се соочуваат со кривични пријави за вмешаност во изборните инциденти и, најверојатно, за нив ќе има отказна постапка. Отказ, но и затворски казни им закануваат и на оние полицајци кои ги забележале изборните нерегуларности, а не презеле ништо да ги спречат. Се' уште не се знае конкретната бројка на полицајци кои ќе бидат санкционирани, но меѓу оние на кои им се поднесени пријави има припадници и на ДПА и на ДУИ.
„МВР, како и досега, ќе инсистира на одговорност, без разлика дали се работи за припадници на полицијата и уште помалку без разлика дали се работи за припадници на МВР кои влегле на работа заради исполнување на процентот за правична етничка застапеност од Рамковниот договор или по други основи. Третманот ќе биде еднаков за сите“, потенцира Јанкулоска. Таа ги повика политичките партии чии членови и симпатизери се инволвирани во настаните да се оградат од нивното однесување и да ги осудат инцидентите и да соработуваат со полицијата.
Вчера изутрина, при претрес во повеќе објекти во селата Буковиќ и Рашче, се приведени вкупно шест лица, а се трага по уште едно, поради сомневање дека биле инволвирани во изборните инциденти. Кај нив полицијата пронашла оружје и муниција. „Останува да се дорасчистат уште три случаи каде што беа регистрирани изборни инциденти, во селата Ласкарци и Малина Маала, како и дополнително идентификување на оние кои учествуваа во инцидентот во ОУ ’Даме Груев‘ во Чаир“, велат од МВР.
Полицијата приведе и три лица кои учествуваа во инцидентот во селото Грушино. Меѓу нив е и набљудувачот од ДПА, кој најнапред се обидел да гласа за повеќемина, а кога не му било дозволено, со поголема група пријатели со оружје им се заканувал на членовите на избирачката комисија. Истражен судија им изрече мерка притвор на нив, но и на уште три лица по кои се трага.
„МВР досега целосно ги расветли и документираше поголемиот број инциденти. За 20-ина случаи на нарушување на изборниот процес, експресно беа спроведени поголем број акции во кои беа приведени околу 50 лица. Од досега документираните случаи веќе се пријавени 40-ина осомничени. Против 38 сторители се поднесени пријави за сторени над 25 тешки кривични дела“, информираше ��инистерката.
Притвор им е одреден на четири лица од Дебар, кои на избирачките места во зградата на ЗОИЛ со пиштол им се заканувале на членовите на избирачкиот одбор, по што извршиле полнење на гласачките кутии. Истражен судија му одреди притвор и на активист на ДУА, кој во селото Делогожди, Струга, физички го нападнал претседателот на избирачкиот одбор Блертон Положани. Пријава е поднесена и против полицаец од СВР - Тетово поради изборен инцидент во селото Камењане. Во врска со инцидентите во гостиварските села Чегране и Горна Бањица, каде што беа оштетени гласачките кутии, и беше пукано од огнено оружје, полицијата поднесе кривична пријава против пет лица од Чегране и против двајца гостиварци. |