17.09.2012, 15:14

Бугарија би можела да ги уценува Македонија и Србија

Бугарија сака да го искористи приближувањето на Македонија и Србија кон Европската унија за решавање на некои отворени билатерални прашања, објави германското радио „Дојче Веле“.

Неодамна, бугарскиот министер за надворешни работи Николај Младенов изјави дека Бугарија треба да ги дефинира насоките на својата политика кон соседите, во рамките на процесот на евроинтеграција на државите од Балканот, притоа несакајќи да говори за детали од тие насоки, наведува „Дојче Веле“.

Како што пренесува Танјуг, радиото потсетува дека минатата пролет во Србија имаше негативни реакции на изјавата на бугарската потпретседателка Маргарита Попова, која во обраќањето на една трибина во Босилеград нагласи дека Србија нема да стане членка на ЕУ доколку не ги реши проблемите на своето бугарско малцинство.

Попова тогаш изјави дека Софија би можела да го искористи своето право на вето за да обезбеди почитување на правата на бугарската заедница во Србија.

Бугарскиот политиколог Марин Лесенски во изјава за „Дојче Веле“ вели дека во планираните насоки гледа добро средство против тензиите меѓу Бугарија и нејзините соседи.

На тој начин од политиката ќе бидат протерани непромислените изјави на владините кругови во Софија и популистичките написи во бугарските медиуми, смета Лесински.

Според него, за историјата треба да расправаат историчарите, а од политичарите се очекува да ги решаваат практичните билатерални и трилатерали прашања, економските и трговските односи, инфраструктурата и енергетските проекти.

Лесенски смета дека Бугарија како членка на ЕУ има обврска во билатералните односи секогаш да постапува одмерено.

Поранешниот шеф на бугарскиот преговаачки тим за членство во ЕУ, Антоанета Приматарова смета дека инструментализацијата на европските перспективи на Македонија и Србија од страна за Софија за решавање на отворените билатерали спорови, би била несоодветна и невкусна.

Приматарова за „Дојче Веле“ го наведува примерот со граничниот спор меѓу Словенија и Хрватска, поради кој Љубљана со години го блокираше приближувањето на Загреб кон ЕУ. Според Приматарова, овој гранчен спор има јасна правна димензија, додека бугарско-македонските спорови околу јазикот, историјата и културата е тешко да се дефинираат правно.

- Се надеваме дека нема да доживееме бугарско продолжение на лудата расправија меѓу Грција и Македонија околу името, потенцира Приматарова.