Писмо од босански војник стигна на адреса по 95 години

Надир Бичакчиќ само изговорил „О, Господе“ кога ја добил фотографијата од својот дедо



САРАЕВО - Босански војник, кој се борел во Унгарија во 1915 година, му се јавил на своето семејство со црно-бела фотографија. Во меѓувреме, писмото залутало, но по 95 години, со игра на судбината, го пронајде патот до вистинската адреса, пишува дописничка на Асошиетед прес во трогателната сторија.

Нихад Ерик Џиновиќ, 63-годишен пензионер и љубител на антиквитети, кој живее во Калифорнија, на саемот во Лонг Бич ја купил фотографијата и ја чувал во својата колекција меѓу 200.000 други стари разгледници што ги собирал во текот на животот. Бидејќи често го посетува родното Сараево, понекогаш носи некои од разгледниците за да им ги покаже на старите пријатели и на други колекционери. Неделава случајно наишол на Надир Бичакчиќ. Неговото презиме му било познато, па му ја покажал фотографијата што ја купил за 50 долари.

„Дали ова Ви значи нешто?“, запрашал Џиновиќ. Бичакчиќ го интересирала адресата на пликот: „Асим Бичакчиќ (да се предаде на Разија), Сараево, Баш-чаршија“.

Пораката напишана со елегантен ракопис била испратена од Вилањ, Унгарија, и имала поштенска марка оттаму. Ја испратил Едем Бичакчиќ на 13 јуни 1915 година.

Во пораката пишува дека испраќа фотографија на која е и тој самиот, а Надир Бичакчиќ се смрзнал и само изговорил: „О, Господе“. На избледената фотографија била мала група војници, а третиот оддесно, маж со мустаќи е - неговиот дедо. По завршувањето на Првата светска војна, Едем се вратил кај сопругата Разија и станал градоначалник на Сараево. Загинал во 1941 година.

Неговото писмо, конечно, го најде патот до дома. Внукот Надир планира да ги зголеми двете страни на фотографијата и нивните врамени копии да ги закачи на ѕид. Оригиналот ќе го заклучи во сеф покрај другите семејни вредности за да не се изгуби никогаш повеќе.


#