Параноја поради неуспесите

Власта потсвесно ја фаќа страв кој личи на параноја дека ако ја изгубат власта - губат се'

Билјана Јовановска



Не е никаква новина дека Владата и премиерот Никола Груевски, односно неговата ВМРО-ДПМНЕ се пречувствителни на секоја критика, без оглед што со тоа секојдневно Македонија се' повеќе се оддалечува од земјите со вистинска демократија и слобода на изразувањето. И најмалите, најбенигни забелешки власта не ги прифаќа, па многу често реагира и премиерот лично или во погон се става партискиот Центар за комуникации.

Така, на одбележување на 20. роденден на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Никола Груевски свеченоста ја искористи во негативен контекст да ги спомне медиумите „Утрински весник“ и телевизија А1.

Отсуството на минимум капацитет за критика се потврдува секојдневно. Факт е, на пример, дека во изминатите две децении самостојност, ниту една Влада ниту една партија толку експресно не им возвраќале со прес-конференции или соопштенија на своите опоненти. Во изминатите четири години стана редовна практика на се' уште незавршен прес на опозицијата или на кој било друг неистомисленик со власта, на кој таа се критикува, владејачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш да излегува со контрастав. Многу пати буквално нема што да возвратат, ама тоа воопшто не им пречи да излезат со оцрнување на противникот за некоја сосема друга работа и тема, со вадењето од нафталин на работи што асоцираат на криминал. Колку да не останат без одговор.

Деновиве слушнавме дури и партиска критика упатена до медиумите што земаат изјави од, според ВМРО-ДПМНЕ, наводни експертски кои не можат да критикуваат затоа што биле министри во некоја од претходните влади на СДСМ! Небаре, стручноста и валидноста на мислењето варираат во зависност од тоа дали се на власт или се во опозицијата. Или, ова може да го протолкуваме така дека еден ден, кога нема да бидат власт, од јавноста и од медиумите сосема ќе се повлече целата актуелна владејачка гарнитура, сосе премиерот Груевски?

Ексминистерот Абдулменаф Беџети во колумна реагираше на ваквите етикетирања и на своевидните класифицирања на експертите, па осврнувајќи се на лошата економска состојба и на своето присуство, со свои видувања во медиумите напиша: „Тоа што јас дневно добивам во просек по десетици повици од новинари на економски редакции и најчесто не сум во состојба да одговарам, јас не сум виновен. Прашајте ги нив зошто бараат или заканете им се нив - спречете ја причината немојте да се ’справувате‘ со последиците! Не дека јас сум најпаметен, туку затоа што го кажувам тоа што го мислам - без разлика кој и кога е на власт. Проблемот е што тие малку наоѓаат такви кои можат да го кажуваат тоа. А за тоа не се виновни тие, туку Вие господа. Сакате да ги замолчите сите – но, ниту Сталин не успеал во тоа! Кога сме кај Сталин како синоним за тоталитарен политичар, дури и кај него е позната изреката (макар декларативно) ’секоја критика која содржи барем пет отсто вистина треба да ја прифатете и сериозно да ја разгледате‘“, порача Беџети.

Аналитичарот Ден Дончев, од кого побаравме мислење за пречувствителноста на власта на секаков вид критики, смета дека причината лежи во катастрофалните резултати на економски план. „Основниот проблем на Република Македонија е економијата, а оваа власт беше избрана, пред се', поради економската платформа, која им ја понуди на граѓаните. Тоа беше пресудно. Реално е да се признае и да се каже дека очекувањата на народот за намалување на невработеноста, за намалување на сиромаштијата, за зголемување на инвестициите и за економски подем беа големи. За жал, место Македонија економски да се движи напред, ние одиме назад и во такви околности е повеќе од очигледно дека сите потези на оваа Влада имаат примарна цел да го одземат вниманието на јавноста од веќе евидентниот неуспех на економски план. Оттаму, власта произведува афери и по секоја цена настојува да го дефокусира вниманието на граѓаните“, објаснува Дончев.

Поранешниот пратеник и аналитичар Исмет Рамадани, исто така, има свои видувања за паничните реакции на власта, особено кога доаѓаат од луѓе кои се занимавале со политиката и аналитички ја опсервираат Владата. Според нашиот соговорник, ова само потврдува дека власта потсвесно знае оти апсолутната власт не може да трае долго и веројатно понекогаш ги фаќа страв кој личи на параноја дека ако ја изгубат власта - губат се'. Рамадани оценува дека таквите размислувања се многу опасни затоа што и реакциите можат да бидат ирационални. Тоа што секогаш сакаат да бидат недопирливи му носи голема штета на демократскиот развој на државата. Потенцира „критиките кон Владата треба да продолжат, за таа полека, но сигурно да се освести и да признае дека нема да биде вечна, бидејќи владите во демократските општества се менуваат“.

Меѓутоа, чудните и брзи реакции на власта на секоја критика, ги објаснува и со стравот на „луѓето кои се дел од спрегата на организираниот криминал, а кои знаат дека со смена на власта ќе полагаат сметка и ќе ги стаса судот на правдата. Исплашени од своите дела реагираат панично“, вели Рамадани.

А дека власта буквално сака се' да држи под контрола потврдува и соопштението на владејачката партија во кое, на пример, овој пат ја искара телевизија А1 дека намерно ги урива политиките на ВМРО-ДПМНЕ и го девалвира сето она што досега е сработено само за да задоволи нечии апетити и нечии бизнис-интереси. Значи ли ова дека на увото на власта не му годат критиките, наспроти фалбите кои одат во полза на некои други интереси? (Б.Ј.)


#