Панде Лазаревски, конечно, се исели од станот
По цели 20 години, тој реши без извршители да го напушти Домот за постдипломци
Билјана Јовановска
Панде Лазаревски, ексдиректор на владиниот Центар за справување со кризи, попознат како вечен корисник на опремениот стан во Домот за постдипломци, конечно, се исели од незаконски узурпираното живеалиште. По цели 20 години, идеологот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ реши без извршители и присуство на полицијата да го врати клучот од станот што тој или неговото семејство го ползувале.
Домот за постдипломци, како што вели и називот, им е наменет на оние што се на магистерски или докторски студии. Но, на Лазаревски, кој докторирал пред две децении, очигледно му се заарнило во објектот кој е сопственост на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и го задржал иако во меѓувреме си купувал станови и земјишта, па дури и аплицирал во Владата за добивање и друг државен стан. Фактот дека сиве овие години бил вработен на истиот Универзитет и тоа, главно, на раководни функции, воопшто не му пречело да се однесува спротивно на интересите од институцијата од која го вадел лебот.
Еден месец по наводното доброволно повлекување од челната позиција во Центарот, Лазаревски се' уште чека некоја нова, привлечна фотелја, во домашни институции или во дипломатијата. Неофицијално, се' уште не се одјавил ниту во својата матичната куќа - Институтот за политички и социолошко-правни истражувања каде што беше директор, а се говори дека и во партијата, по скандалот со постдипломскиот стан, рејтингот значително му паднал, па веќе не го „играат“ ниту во кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов. Лазаревски беше еден од иницијаторите и првите потписници-поддржувачи на кандидатурата на Иванов за претседател. Долго се говореше дека му е обезбедено и место во советничкиот тим, ама, на крај, не се најде ни на тој платен список.
Партискиот војник на ВМРО-ДПМНЕ, за жал, не е единствениот вечен корисник на Домот за постдипломци. Таму, се' уште незаконски живеат над 20 видни универзитетски професори и бивши декани кои чекаат извршно судско решение за напуштање на становите. Тие, заедно со Лазаревски, како долготрајни станари сметале дека со бесправното живеење се здобиле со правото на откуп на спорните станови, па ова го бараат и по судски пат. Во меѓувреме, нивниот долг кон Ректоратот на Универзитетот е над 60.000 евра. Апсурдно е, но бидејќи во овој објект се сместуваат и визитинг-професорите, Ректоратот ги плаќа сите сметки за греење, струја и вода, за да не се изрезили пред странските колеги. А некои, од нив, веројатно им се и домаќини на факултетите на кои престојуваат. |