Поглед
Срамниот крај на Божидар Д.
Димитар Чулев
Ако го исполни своето ветување (а најверојатно „да“) и денес да поднесе оставка, бугарскиот министер без ресор, Божидар Димитров, ќе направи барем три добри нешта. Прво, ќе престане да се бламира себе си како приучен кустос на музеј, историчар аматер и политички дилетант. Второ, ќе престане да ја срами Бугарија пред другите членки на ЕУ кои во изливите на мудрост на министерот без ресор не можеа да препознаат европско однесување на официјална Софија. Конечно, оставката на Божидар Д. благородно ќе дејствува за проветрување на бугарско-македонските односи кои, ама ептен многу, ги „напнуваше“ токму тој.
„Ќе ни недостигаат неговите комични изјави за 1,4 милиони Бугари во Македонија, „бисерите“ од типот дека големата преселба на народите, тргнала од Бугарија кон запад, север, исток така што Бугарите ги населија и Голо Брдо и Пустец и јужна Србија и Косово… сосе Беломорска Тракија на југ. Или дека војниците на Александар во Авганистан се женеле со Бугарки, што е посмешно и од „Боже(ствен)ата комедија“ наречена „Десетте лаги за македонизмот“.
Од шефoт Бојко Борисов доби повеќе жолти картони, меѓу кои еден по заканата на Божо Д. дека ќе ја блокира Турција за ЕУ ако не и' исплати милијарди евра отштета на Бугарија за некакви бегалци од 1913 година. Домашната јавност и археолозите ги нарече „зае..ни луѓе“, бидејќи не му го прифатиле наводното откритие на моштите на Јован Крстител во Созопол. Ретко кој сериозен сакал да се изјасни по повод будалштините на академикот, кој до таа титула стигнал образувајќи се како соработник на поранешните комунистички тајни служби.
Тоа агентурно минато сега му пресуди на скандалозниот министер, кого премиерот Борисов мораше да го лустрира заедно со уште 40-ина топ-дипломати и бивши тајни агенти. За да го испере срамот пред светот... |