08.10.2012, 17:59

Кој е бегот Хасан Приштина?

Хасан Приштина бараше автономија на Албанија во рамките на Отоманската Империја. Кога не се случи тоа, се префрли на обединување на албанските територии

Љупчо Поповски


Неочекувано, името на Албанецот од Косово, Хасан-бег Приштина, почна да станува фамилијарен поим во македонската јавност. Неговото споменување, поврзано со сменетото име на едно од училиштата во скопски Чаир, за македонскиот дел од јавноста во голема мера значеше како вадење едно име од темните тефтери на историјата со кои оваа земја нема ништо заедничко. Но, не е баш така.

Официјалната историографија со децении малку го споменуваше бегот Хасан Приштина и тоа беше поврзувано со времето кога пред сто години почна Првата балканска војна и кога турската власт беше протерана од овие простори. Хасан Бериша, кој во 1908 година по Младотурската револуција и откако беше избран за пратеник во Отоманскиот парламент го смени презимето во Приштина заради областа која ја претставуваше, беше еден од важните учесници во разврската која дојде со голема брзина. Како син на богат земјопоседник (роден во косовски Вучитрн во 1873 година), Хасан можеше да биде школуван во елитни школи – прво во француската гимназија во Солун, а потоа на факултетот за администрација во Истанбул.

Откако младотурците брзо се откажаа од своите идеали и откако стана јасно дека империјата веќе не може да се одржи, сите почнаа да бараат брзо решение за териториите што ги населуваат. Пред почетокот на балканските војни беше јасна поддршката на Австро-Унгарија за создавање албанска држава како противтежа на српскиот и грчкиот експанзионизам. Главното прашање беше каков статус ќе добие Косово. Хасан Приштина и неколкумина врвни албански интелектуалци го презедоа организирањето востание во Албанија и во Косово против турската власт. Приштина, заедно со Бајрам Цури и Иса Болетини, беше задолжен за Косово. Пред почетокот на балканските војни во август 1912 година, косовските востаници и' упатија барање на турската влада за албанска автономија во рамките на Отоманската Империја, познато како 14. точки на Хасан Приштина. Косовските востаници, како и македонските револуционери стравуваа дека нивните територии брзо ќе бидат разграбани од надоаѓачките балкански буржоаски држави и за нив решението за автономија во рамките на империјата беше подобро отколку поделба. Но, историјата не е поврзана со желбите.

Кога Грција, Србија, Црна Гора и Бугарија и' објавија војна на Турција на 8 октомври 1912 година (вчера се навршија точно сто години), распадот на империјата не можеше да се запре. Србите влегоа во Албанија, дури до Драч; Црногорците го освоија Скадар, Грците ја освоија Јанина, Бугарите цел Пирин. Приштина на чело на албанските востаници од Косово ги освои повеќето тамошни градови и на еден ден влезе во напуштеното Скопје и си замина. По големата победа во Кумановската битка, во празното Скопје влегоа и српските војски и тука останаа. Требаше брзо да се прогласува независност на албанската држава. Тоа се случи на 28 ноември 1912 година. Прв премиер беше Исмаил Кемал, а Хасан Приштина беше неколку пати министер. Во 1920 година стана пратеник во албанскиот парламент од областа на Дебар, а беше и премиер на албанската влада, но само пет дена во декември 1921година. Ги загуби политичките битки со Ахмет Зогу, тогаш министер за внатрешни работи, се повлече од Албанија, но не можеше да отиде во Косово, кое веќе беше во состав на Кралството СХС. Замина за Солун и како многу богат човек купи огромна вила во центарот на градот. Беше убиен од Албанецот Ибрахим Чело во 1933 година во кафе-ресторан во Солун. Дали Зогу испратил агенти да го убијат или било во прашање крвна одмазда не е докрај расчистено.

Каква врска има бегот Приштина (чија основна цел беше албанските територии да се обединат во една голема држава) ��о Македонците? Во 1920-1930-те години тој е во блиска врска со озлогласениот лидер на ВМРО, Ванчо Михајлов, и со водачот на хрватско усташко движење, Анте Павелиќ. Ванчо Михајлов во своите „Спомени“ пишува за своите контакти со Хасан Приштина, поврзани во една цел – борба против Србите. Павелиќ, Приштина и Михајлов потпишале и спогодба за заеднички настап во борбата против српскиот хегемонизам и за одделување во посебни држави на Хрватска, Косово и Македонија, кои беа во тогаш веќе Кралството Југославија Ништо не се случи од тоа. Приштина се сретна со Михајлов во пиринските села, но беше убиен неколку месеци подоцна. Михајлов беше принуден да избега од Бугарија по колежите што станаа неподносливи за владата во Софија; Анте Павелиќ подоцна создаде марионетска нацистичка држава. Нив двајца ветриштата ги однесоа на историските ѓубришта.

Хасан Приштина се смета како светилник во историјата на Албанците во Косово. Пред една недела Универзитетот во Приштина беше прекрстен со неговото име; таму веќе има негов споменик, а таков ќе биде подигнат и во Тирана. Споменикот во Скопје тргна да го затвори триаголникот од величењето на стоте години од создавањето на албанската држава.