Две големи дупки зјаат во Скопје
Јамата за комплексот „Ера сити“ е ископана пред две години, со изградбата на подземните инсталации
Сања Наумовска
Наместо претседателски и луксузни апартмани во хотел „Радисон“ со четири ѕвезди, во центарот на Скопје зјае огромна дупка. Наместо елитен бизнис центар, иста таква јама ги пречекува и посетителите на Скопскиот саем и гостите на хотелот „Континентал“. Две дупки две години стојат „зинати“ на две важни локации во центарот на Скопје.
Иако за два месеца истекува рокот за комплетна изградба на хотелот, инвестиција на британската фирма ХЛХ МК ЛТД, која е ќерка-фирма на англиската хотелска групација „Резидор хотел груп“, на градилиштето веќе подолг период нема никаква активност. Две години по свеченото фрлање на првата лопата, се' уште нема ништо ниту од помпезно најавуваната словенечка инвестиција во бизнис-центар во рамките на „Ера сити“.
Единственото објаснување од Министерството за транспорт и врски е дека ако не биде изграден хотелот, ќе се наплати банкарската гаранција од милион евра. За „Ера сити“, пак, не го мерат времето, бидејќи, како што велат, земјиштето не им го продала државата.
„Локацијата на која се гради објектот ’Ера сити’ не е отуѓена од страна на Министерството за транспорт и врски, односно не претставувала земјиште во сопственост на Република Македонија, а соодветната градежно-техничка документација е издадена од Општината. Што се однесува до изградбата на хотел во центарот на Скопје, течат роковите за комплетирање на изградбата. Најповолниот понудувач има доставено банкарска гаранција во висина од милион евра, која ќе биде активирана доколку не бидат исполнети законските рокови, а договорот за отуѓување на земјиштето ќе биде раскинат“, информираат од Министерството за транспорт и врски.
Инвеститорите и на хотелот и на бизнис-центарот за доцнењето на изградбата се оправдуваат со економската криза.
Не објаснуваат уште колку време ќе траат прекините на проектите. Изградбата на хотелот „Радисон“ запре пред неколку месеци, истовремено со повторното отворање на аферата „хотелска Окта“, во која опозициската СДСМ тврдеше дека има криминал во продажбата на земјиштето зад „Рамстор“. Според наводите на опозиционерите, фирмата ХЛХ МК ЛТД и нејзината фирма-ќерка во Македонија, всушност, не се поврзани со светската хотелска групација, туку се наменски основани од домашни бизнисмени врзани со власта. Од СДСМ во почетокот на годинава презентираа и изводи од Централниот регистар во Лондон, во кои се гледа дека компанијата нема никаква активност, односно нема никакви финансиски трансакции.
Инвеститорот на овој повеќемилионски проект се' уште е мистерија за македонската јавност, која никако не може да добие одговор што се случува со изградбата на хотелот. Прекинот на градежните активности поради финансиски проблеми ги потврди само изведувачот „ГЕММА инженеринг“. „Нема пари, па изградбата е стопирана“, кусо ни рекоа од ГЕММА, не соопштувајќи колку долго ќе трае застојот и што ќе се случува со утврдените законски рокови за изградба на хотелот, кои очигледно нема да се испочитуваат.
„Финансиите и кризата се проблем и за стартот на изградбата на бизнис-центарот во ’Ера сити’“, вели Дејан Кошутиќ од „Ера груп“. Тој објаснува дека за објектот, кој засега е во фаза на градежна јама, се бара партнер-инвеститор. Ќе се гради центар на десет ката на површина од 28.000 квадратни метри. Јамата е ископана пред две години, заедно со изградбата на подземните инсталации. За објектот „Ера груп“ нема извадена градежна дозвола, која ќе почека до изнаоѓањето партнер.
„Преговорите се при крај со неколку светски и регионални компании и тоа не само за бизнис-центарот, туку и за шопинг-центрите кои се дел од ’Ера сити’“, вели Кошутиќ и објаснува дека пред почетокот на минатогодишната криза, биле во преговори со пов��ќе компании заинтересирани да започнат со изградба, но тие се повлекле поради финансиски проблеми.
Што ќе се случи со овие два објекта доколку инвеститорите не најдат средства, останува нејасно. Очигледно е дека државата не е многу загрижена од тоа што во центарот на Скопје зјаат две огромни дупки, ниту, пак, од можноста такви да останат уште многу години.
Со последните измени на Законот за градежно земјиште што ги изгласа пред два дена Собранието во кратка постапка се дава можност за пролонгирање на роковите за изградба. Така, објектите од трета и од четврта категорија во кои спаѓаат хотелите, катните гаражи и станбено-деловни комплекси наместо за три, ќе може да се градат до шест години. Овој потег власта го оправда со кризата која голем број од инвеститорите ги оставила без пари за инвестициите. За опозицијата, пак, се работи за криминален проект.
Засега не се знае дали новините ќе важат и за веќе започнатите проекти или, пак, како што најавува државата, активирањето на милионската гаранција за несудениот хотел „Радисон“ ќе ја „затрупа“ дупката зад „Рамстор“. Раскинувањето на договорот за продажба на земјиштето нема да го реши проблемот. Несфатлива е и тоталната незаинтересираност кон комплексот „Ера сити“, без разлика што не е во прашање државна земја. За спроведување на законите еднакво треба да се грижат и државата и општините, а сите со цел да им обезбедат подобри услови на граѓаните. (С.Н.) |