04.01.2013, 18:23 Гошев: Не е лесно да се донесе одлука за бојкот
Во 1994 сметавме дека немаме друг избор, зашто ако нема регуларни избори, тогаш натпреварот нема никаква смисла. На тој начин ние го искажавме нашиот револт, се потсетува тогашниот претседател на Демократската партија
Татjана Поповска
Не е лесно да се донесе одлука за бојкот на избори. Но, во ситуација кога немаш никакви гаранции дека тие ќе бидат фер и демократски, дека нема да биде направен изборен фалсификат, тоа беше најлогичното и најочекуваното решение. Ова се дел од сеќавањата на Петар Гошев, поранешен претседател на Демократската партија (ДП), која заедно со ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љупчо Георгиевски во 1994 година, го бојкотираше вториот круг на парламентарните избори.
Тоа, всушност, се единствените избори од осамостојувањето на Македонија, кои ги бојкотирала некоја партија или коалиција. Во услови кога на Македонија и' се заканува нов изборен бојкот, овој пат на локалните избори што треба да се одржат во март, тие настани стануваат повторно актуелни. Гошев е претпазлив во оцените на потезите на денешната опозиција предводена од Бранко Црвенковски. Нагласува дека по настаните во Собранието и пред него, во понеделникот на 24 декември, направена е голема штета. За разлика од Гошев, кој по завршувањето на мандатот како гувернер на Народната банка не е политички активен, но е присутен во јавноста преку своите анализи и видувања на политичките и економските текови, неговиот тогашен опозициски партнер Љупчо Георгиевски се врати во политиката и се здружи токму со лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, поради чија политика се одлучи на бојкот. Георгиевски вчера не беше достапен за да ги коментира најавите на опозицискиот фронт за бојкот на мартовските избори и да ги спореди денешните услови со условите во 1994 година.
Од денешна перспектива, Гошев не дава конкретен одговор дали пред речиси 20 години ја донеле вистинската одлука или не. Вели дека тоа е единствениот чекор што и' преостанувал на опозицијата во такви политички околности.
„Тогаш сметавме дека немаме друг избор. Ако нема регуларни избори, тогаш натпреварот нема никаква смисла. Не ни беше важно колку пратеници ќе имаме во Собранието. Дали еден, двајца или ниту еден, што можеше реално да се случи и да не ги бојкотиравме изборите. На тој начин ние го искажавме нашиот револт и незадоволство“, се потсетува Гошев.
Наспроти барањето на тогашната опозиција да има предвремени избори, кога беа собрани и над 150.000 потписи за референдум за ова прашање, владејачкото мнозинство предводено до СДСМ продолжи да функционира во парламентот без ниту еден претставник на македонската опозиција.
Отсуството на опозицијата во институциите на системот, особено во парламентот, според Гошев, негативно влијаело на демократските процеси. Вели дека нема демократија, нема напредок без конкуренција, без опозиција. Сепак, Гошев оценува дека ваквиот потег негативно се одразил на неговата ДП, чиј развој од тој момент тргнал во надолна линија.
„Тоа не важеше за ВМРО-ДПМНЕ. Бојкотот на изборите имаше различни ефекти врз двете партии. Не можам да кажам дека негативно влијаеше врз нив“, оценува тој.
По завршувањето на четиригодишниот мандат без опозиција, на следните избори во 1998 година ВМРО-ДПМНЕ заедно со Демократска алтернатива на Васил Тупурковски оствари убедлива победа.
Георгиевски во својата книга „Тоа сум јас“ се осврнува перидот од 1994 година и на одлуката за бојкот на изборите. Вели дека не гледа на тоа како на грешка, бидејќи бројот на пратениците што би ги освоеле немало ништо да значи. Вонинституционалното опозициско дејствување, смета Георгиевски, не се покажало добро за државата, но добро за партијата.
„Тогаш настапи времето на масовната приватизација и на масовните комунистички сканд��ли предводени од СДСМ, а луѓето видоа дека не сме дел од тие процеси. На крајот тоа се круниса со една убава победа на изборите во 1998 година. Како тактичка стратегија тоа испадна многу добар потег. Иако морам да кажам дека тоа беше многу тежок период за ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ беше неприкосновен цар во Македонија, штабот беше многу денови празен. Тешко беше да се дочекаат новите парламентарни избори“, пишува во книгата на Георгиевски за периодот од 1994 до 1998 година кога беа вонпарламентарна опозиција, слично на она што денеска го најавува СДСМ.
И денес исто како и тогаш се очекува силен притисок од меѓународниот фактор и на двете страни. Гошев се сеќава дека по неговата изјава дека ќе ги бојкотираат изборите, состанок со него побарале четворицата клучни амбасадори на земји-членки на ЕУ - Англија, Франција, Германија и Италија.
„Ми ја пренесоа пораката од ЕУ дека треба да одиме во вториот изборен круг. Дури и нудеа гаранции дека вториот нема да биде како првиот изборен круг. Наспроти нивните убедувања, ние останавме на нашиот став“, раскажува Гошев, потсетувајќи се дека во тој период немало директна комуникација меѓу опозициските лидери со претседателот на СДСМ, Црвенковски. |