15.01.2013, 20:20

(ФОТО) Исланд и го нанесе првиот пораз на Македонија на СП



Во 3. коло од групата Б која се игра во Севиља, нашите ракометарија загуби од Исланд со 23:19

ФОТО (специјално од Севилја): Петр Стојановски

Единаесетти меѓусебен дуел со Исланд и деветти пораз за ракометната репрезентација на Македонија, која загуби со 23:19 во третото коло од групата Б на Светското првенство во Шпанија. Првиот неуспех по двете победи во Севилја е плод на лошото отворање на двете полувремиња, во кои црвено-жолтите не постигнаа гол во првите девет минути, а притоа примија вкупно девет. Во првиот дел избраниците на селекторот Звонко Шундовски успеаја да се вратат во игра и на полувремето да заминат со нерешен резултат 10:10, но во вториот дел тоа не им појде од рака. Напротив дадоа само три погодока или вкупно 13 до 47. минута, па најсилното оружје против Чиле и Катар, нападот, кој на тие два меча имаше најдобра реализација на мундијалот од 75 проценти, овој пат беше главниот виновник за поразот. Потфрлија двајца од тројцата најефикасни македонски играчи досега, капитенот Кирил Лазаров (четиригола, два од седмерец, 0/6 од 9 м) и Наумче Мојсоски (два погодока), па најефикасен беше Дејан Манасков, кој пет пати се запиша во листата на стрелците. Куриозитет е ниту едниот обид од десно крило!

Неговите соиграчи не знаеја да го искористат расположениот Борко Ристовски, кој забележа 16 одбрани, колку и исландскиот колега Бјоргвин Густавсон, а одбраната немаше лек за левото крило Гудјон Сигурдсон, кој даде девет гола.

Иако без Стефансон, кој се повлече од репрезентацијата, како и без повредените Атласон, Петерсон и Ингимундарсон, Исланд го контролираше натпреварот од почетокот до крајот и не и' дозволи на Македонија ниту еднаш да не поведе. Тимот на Арон Кристјансон во три наврата имаше предност од пет гола, последен пат 22:17.

Следен противник на најдобрите македонски ракометари утре од 15,45 ч. ќе им биде Русија.




Македонија - Исланд 19:23

Полувреме: 10:10. Сала: "Сан Пабло" во Севилја. Гледачи: 1.000. Судии: Хорачек и Новотни. Седмерци: Македонија 2/2, Исланд 5/5. Исклучувања: Македонија 6 мин., Исланд 6 мин.

Македонија: Митревски, Ристовски (16 одбрани), Манасков 5/8, С. Стоилов 4/5, К. Лазаров 4/10 (2/2), Јоновски, Ангеловски, Темелков, Миркуловски 2/6, В. Маркоски 1/1, Н. Маркоски, Н. Мојсоски 2/6, Димовски 1/1, Георгиевски, Ф. Лазаров 0/3, Левов 0/1. Селектор: Звонко Шундовски.

Исланд: Густавсон (16 одбрани), Сваварсон 3/3, Кристјансон 0/2, Палмарсон 5/13, Халгримсон 1/4, Олафсон 5/6 (1/1), Сигурдсон 9/12 (4/4), Гудјонсон 0/3, Едварсон, А. Гунарсон, Јакобсон, Р. Гунарсон 0/1, Сигурмансон, Густафсон 0/1, Арнарсон 0/1, Фридгеирсон. Селектор: Арон Кристјансон.