17.10.2012, 16:19 Телохранители ќе го чуваат „Александар Македонски“ за 120.000 евра
Општина Центар ја ангажираше агенцијата „МДН обезбедување“ за да ги обезбедува фонтаните и спомениците од „Скопје 2014“
Деспина Трајковска
Спомениците од „Скопје 2014“ ќе ги чува нова агенција, ангажман за кој општинарите од Центар ќе платат речиси 120.000 евра. Откако неодамна, како што тврдат од Општината, на „Лупус“ и' истече договорот, надлежните ангажираа друга фирма за заштита на спомениците. На тендер е избрана скопската агенција „МДН обезбедување“. Таа ќе има обврска во рок од две години да врши постојана контрола на спомениците, да ги спречува евентуалните неовластени дејства врз нив.
„Обезбедување во текот на 24 часа на фонтани и спомен-обележја кои се поставени и ќе бидат поставени во наредниот период, а се во сопственост на Општина Центар. Истовремено ќе имаат обврска за патролно и физичко обезбедување на имотот“, дообјаснуваат општинарите за обврската на ангажираната агенција.
Како што информираа пред речиси две години кога одлучија физичко обезбедување да се грижи за новоизградените споменици и фонтани, дел од „Скопје 2014“ ќе се обезбедува постојано 24 часа, а околу некои споменици ќе има повремени контроли.
Ако „МДН“ ги има истите обврски како и „Лупус“ до неодамна, тогаш двајца обезбедувачи постојано ќе треба да го надгледуваат споменикот и фонтаната на Александар Македонски, а истовремено и да патролираат на плоштадот. Лавовите, пак, на мостот „Гоце Делчев“ е предвидено да се под будно око на обезбедувањето кое ќе има обврска да врши 12 обиколки во текот на 24 часа. Физичко обезбедување ќе има и за спомениците во паркот „Жена-борец“ и за оние што ќе се постават на „Карпошово востание“. Дали обезбедувачите ќе бидат униформирани или, пак, во цивилка, од Центар рекоа дека тоа ќе зависи од стратегијата на ангажираната агенција.
Инаку, главната цел за ангажирање агенција за обезбедување е да се заштитат милионски вредните споменици и фонтани кои се во сопственост на Општината. Засега, дали поради ангажираното обезбедување или од други причини, не се регистрирани оштетувања на зданијата од несовесни граѓани. Исклучок е делумното оштетување на скалите на фонтаната на Александар Македонски пред повеќе месеци, токму во периодот кога Општината одлучи да ангажира обезбедување и тендерот беше во тек.
|